Можноста за градење личен стил – Показател за општествена инклузивност
Дизајнот на облека, самостојноста при купувањето, опсегот на производи што се нудат, инсталирањето широки кабини за пробување и подготвеноста на вработените за помош и за поддршка, не се само решенија на еден маргинален проблем, туку вистинска рефлексија на инклузивноста на општеството кон која треба континуирано да се стремиме
Во периодот од 2013 година до 2016 година имав можност да соработувам со една прекрасна и исклучително професионална координаторка на проект пoврзан со вработување лица со пречки во развојот. Искуството за мене беше уникатно, меѓу другото и бидејќи таа имаше целосно оштетување на видот.
Благодарение на работата со неа станав посвесна за начинот на кој технологијата може да помогне во надминување на бариерите кон инклузија, но и за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат лицата со оштетен вид.
За еден од овие предизвици научив од прва рака, додека бевме на службено патување низ Македонија. Додека се подготвувавме да одиме на вечера таа ме замоли да ѝ помогнам со шминкањето. Нејзината козметичка торба беше полна со декоративна козметика во различни нијанси. Како што ги разгледував, без да размислувам, ја прашав: „Би сакала повеќе розов или црвен кармин?” Таа само ми се насмевна и одговори „одбери ти што мислиш дека најмногу одговара“. Чувствувајќи се непријатно и будалесто, се обидов да се коригирам на тој начин што ѝ објаснив дека двете нијанси одговараат на нејзиниот тен и коса, но додека едниот е понежен и полесен, другиот кармин е малку подраматичен и, можеби, повеќе одговара на тоа што планира да го носи за пригодата.
Неколку месеци подоцна, кога се навративме на оваа случка, таа ми рече дека е, всушност, благодарна што сум ја прашала за нијансата на карминот. Ми објасни дека моето прашање, иако, можеби, невешто, ѝ дало до знаење дека го земам предвид нејзиното мислење, без да претпоставувам дека, со оглед што таа никогаш немала сензорно искуство со бои, тие не ѝ се важни.
Во последно време сé почесто можеме да забележиме модни ревии што ја слават различноста, како и кампањи со лица со пречки во развојот што ги красат рекламите на некои од познатите модни куќи и компании за облека. Сѐ повеќе по интернет-порталите се пишува за примери од светот на претприемачи, модни ентузијасти и самозастапници што почнуваат свои линии производи – апликации, облека, чевли и додатоци – за одредена категорија граѓани. Но, што, всушност, значи да се работи на дизајн што е погоден за лица со пречки во развојот? Дали концептот на универзален или, пак, инклузивен дизајн е еквивалентен со едноставно изработување производи по мера? За многу лица со пречки во развојот во Македонија тоа е реалноста – поради предизвиците поврзани со нетипичните пропорции и недоволниот избор и опсег на конфекциски големини, тие се принудени или постојано да ги менуваат постојните производи или да креираат сосема нови кај кројач или чевлар.
Како обид за одговор на овие прашања се роди „Во моите чевли“, проект што ентузијастички го почнавме со две модни дизајнерки и професорки на Европскиот универзитет, по неколку претходни успешни соработки на активности што вклучуваат лица со пречки во развојот. Со помошта на шест момци и девојки од кои некои имаа Даунов синдром, некои телесна спреченост, а некои целосно оштетување на видот, се обидовме за момент да влеземе во нивните чевли и да дознаеме какви општествени промени се потребни за да им се овозможи непречено градење на личниот стил.
Прво остваривме заеднички средби на кои разговаравме за тоа дали тие имаат можност самите да одбираат облека, дали наоѓаат сѐ што им е потребно кај нас, кои се нивните „технички“ предизвици при облекување / соблекување различни парчиња облека и чевли и дали се во можност соодветно да се изразат преку сопствениот изглед. Во консултација со нив, потоа беа обезбедени парчиња облека што одговараат на нивните конфекциски броеви и посакуван изглед. Во наредните неколку месеци со петмина од нив (за жал, од логистички причини, една учесничка не можеше да биде дел од оваа фаза) беа направени професионални фотосесии каде што секој од нив имаше можност да се трансформира во модел. И покрај тоа што се работеше за возрасни индивидуи со сосема различни предизвици и стилови, наидовме на неколку совпаѓања.
Во почетокот, речиси сите учесници изјавија дека тежнеат кон т.н. спортски / комотен изглед. Спортската облека е релативно приспособлива и лесна за облекување, што ја прави посебно практична, иако, можеби, не е баш соодветна за разни пригоди (и не по сечиј вкус). Некои од учесниците јасно изјавија дека спортскиот изглед и не им е секогаш префериран изглед и би сакале повеќе да експериментираат.
Понатаму, самостојноста беше проблем кај сите учесници и заземаше повеќе облици. Кај учесниците со телесна спреченост беше отежнато самото облекување за кое, поради кројот на парчето облека, односно моделот на чевли, често беше потребна асистенција. Кај лицата со Даунов синдром, и покрај минорните тешкотии поврзани со фината моторика, самостојноста при облекувањето не беше толку засегната колку самостојноста при изборот. И покрај тоа што тие имаа учество во изборот на облека, од финансиски причини или со цел „да не направат несоодветен избор“, во голема мера за тоа што да купат или облечат решаваа нивните родители или сестри. Дополнителен проблем беше потребата од приспособување и менување на облеката, како на пример, речиси рутинското кратење на ракави и на ногавици поради недоволниот избор на облека со разни должини / ширини во продавниците и специфичните пропорции кај лицата со Даунов синдром. Кај тие со оштетен вид, пак, недостигот од самостојност беше најизразен бидејќи тие немаа начин како самите да одберат облека – тие во најголема мера беа зависни од начинот на кој вработените во продавницата и нивните придружници ги опишуваат парчињата облека и чевлите.
На наше големо задоволство, сите учесници на свој начин уживаа во фотографирањето. Некои од нив сметаа дека фотосесијата им даде можност да експериментираат со својот изглед и да испробаат фризура, стил на шминкање и додатоци што се невообичаени за нив. На други омилен дел им беше можноста да влезат во несекојдневна улога на модели, па и покрај тоа што процесот на фотографирање беше на моменти напорен, тие со задоволство позираа. И, конечно, секој од нив изјави дека, можеби, најдобар впечаток им остави соработката со тимот што ги консултираше при изборот на облека, им даваше поддршка при облекувањето кога таа беше потребна и, едноставно, ги третираше како личности со свои желби, идеи и стил.
На 17 ноември во Мала станица се одржа изложба каде што беа прикажани дел од фотографиите, придружени со аудиообјаснување на секоја од нив, „спакувано“ во QR код. Целта на овој завршен настан беше да ги презентира заклучоците од овој истражувачки проект, но и да поттикне луѓе од креативните индустрии и сопственици на продавници за облека да размислат за тоа како можат да ги направат своите производи и услуги поинклузивни.
Во раните фази на осмислување на проектот постојано се преиспитувавме дали, во ситуација кога лицата со пречки во развојот во Македонија се соочуваат со најразлични предизвици – во здравството, образованието, вработувањето, домувањето – не е, можеби, малку површно да почнеме со иницијатива посветена на облека. Сепак, по разговорите со нашите учесници во проектот и нивните блиски, сфативме дека не само што е тема од исклучителна важност, бидејќи надворешниот изглед е неразделна компонента од личноста, туку нејзиното избегнување би значело негирање на потребата од лична експресија, која, како и сите други луѓе, ја имаат и тие со пречки во развојот. Дизајнот на облека, самостојноста при купувањето, опсегот на производи што се нудат, инсталирањето широки кабини за пробување и подготвеноста на вработениот кадар за помош и за поддршка, не се само решенија на еден маргинален проблем, туку вистинска рефлексија на пристапноста и на инклузивноста на општеството кон која треба континуирано да се стремиме.
(Авторката е дефектолог и логопед)