Во знак на одбележување на Светскиот ден на детето, вчеравечер и вечерва, некои објекти и обележјата во Скопје се осветлени во сина боја, како симболичен гест на нивната заложба за унапредување на правата на децата.
На покана од Уницеф, Музејот на современата уметност – Скопје се вклучи кон одбележувањето во време на еден од најголемите предизвици во нашата понова историја.
Пандемијата на коронавирусот ги разоткри длабоките нееднаквости во нашите општества, ставајќи ги децата под ризик да станат скриени жртви.
Секоја година на 20 ноември – по повод потпишувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето – светот го слави Денот на детето, а зградите и обележјата во целиот свет се осветлуваат во сино.
Минатата година значајни обележја во светот се обоија во сино, вклучувајќи ги Европскиот парламент во Брисел, Пантеон во Франција, Акрополис на Атина во Грција, Палатата на мирот во Хаг, Холандија, Раштрапати Бахаван во Индија, Петра во Јордан, мостовите на Босфор во Турција и многу други.
Надоврзувајќи се на успехот што во 2019 година го имаше првиот состанок на високо ниво во државата кога младите отворија дискусија со владините министри на теми што се однесуваат на нивниот живот, на 20 ноември оваа година, УНИЦЕФ ќе го поддржи вториот на кој учесниците ќе се осврнат на најважното прашање што ги засега децата: како ја замислуваат иднината на образованието и како подобро да се надгради образованието по КОВИД-19.