Нашите „Лице в лице“ продавачки – придвижувачи на промени во заедницата
Уличната продажба воопшто не е лесна. Продавачките на „Лице в лице“ издржуваат женски, достоинствено исправени пред сите предизвици.
Отворајќи ги прашањата за родовата рамноправност, со нив разговаравме дали на уличната продажба гледаат како на машка / женска работа и колку добиваат поддршка од семејството, околината и од нашите читатели
Магдалена Чадиноска-Кузманоски
Продавачките на „Лице в лице“ се сè помногубројни и похрабри. Ги уриваат стереотипите за женски и машки професии и ги придвижуваат промените во заедницата од која доаѓаат. Ако на почетокот биле единствените што верувале дека можат да успеат во оваа работа, со нивната истрајност и посветеност ги убедиле и другите околу нив. Нивниот пример за некого бил мотивација да се приклучи на нашиот тим, а некои, пак, нивниот успех ги охрабрил и тие да веруваат во себе и да почнат со работен ангажман. Прочитајте што споделуваат со нас Мубија Mилошевска, Рамајана Реџепи, Ајтен Илијази, Гордана Малинова, Анабела Мередиева, Перјана Демир, Кате Велкова, Верче Христова, Севда Ибраимова, Христина Петковиќ, кои доаѓаат од партнерските организации на „Лице в лице“: МКЦ Битола, Дневен центар за деца на улица од Шуто Оризари, „Порака Неготино“ од Волково и „Порака Неготино“ од Неготино.
Мубија: Сограѓаните се мое семејство, кое ме поддржува
Како кај секоја работа, така и кај продажбата на уличното списание „Лице в лице“, сметам дека воопшто нема поделба на женска и на машка работа. Напротив, сѐ зависи од желбата и од упорноста на една личност. Тоа што го продавам списанието веќе шест години помогна да бидам препознаена во градот како продавачка на „Лице в лице“. Немам семејство, но имам пријатели, кои ми се како семејство. Од самиот почеток бев поддржана од нив. Тие ме познаваат како личност што е храбра, чесна и многу упорна. Реакциите од моите сограѓани се многу позитивни и во ситуации кога тие не се финансиски во можност да купат списание. Ме сослушуваат и поздравуваат. Поддржана сум и од локалните ресторани и кафулиња, како и од неколку фирми, кои се редовни читатели на списанието и редовно ми откупуваат примероци од секој нов број. Благодарна сум им на моите сограѓани и ги сметам за мое семејство.
Рамајана: Бев пример да се приклучат и други девојки во продажбата
Уличната продажба е безбедна за работа. Се движиме во реони што ни се познати и каде што се движат многу луѓе. Не сум единствена девојка меѓу продавачите. Тука е и Ајтен, која, исто така, доаѓа од Дневниот центар. Убаво би било и други девојчиња да покажат интерес, но и упорност за една ваква благородна работа, која отвора повеќе можности за нашето вклучување на пазарот на трудот. На Ајтен ѝ бев позитивен пример за да се вклучи и тоа особено ме радува. Кај семејството на почетокот постоеше сомнеж во мојата одлука. Но, кога им раскажував како сум го поминала денот на терен, дека здобивав пријатели, па некои од нив ми станаа и поблиски пријатели, и кога видоа дека заработувам, ме охрабрија да ја работам работата. Има секакви реакции, тие зависат од тоа колку лицето ја познава и препознава мисијата на уличното списание. Така, некои луѓе ме одминуваат, ама, пак, многумина ме охрабруваат со нивното купување.
Ајтен: Предност е што сами го избираме своето работно време
Многу ми е страв од улични кучиња, а често сум на продажба на улица. Не знам дали би можела да се одбранам ако ме нападне некое, па мислам дека машките се посигурни, тие можат да се бранат. Преку продажба на „Лице в лице“ првпат дојдов во центарот на градот и ги видов плоштадот и Дебар маало. Во оваа работа предност е што сами можеме да си го избираме работното време, па така јас секогаш одбирам да работам преку ден.
Од дневниот центар ме имаа запознаено со уличната продажба и одамна имав голема желба и јас да се вклучам. Родителите многу ме поддржуваат во оваа одлука. Дури и татко ми се вклучи затоа што и тој, преку мојот пример, се увери дека вака се заработува достојно. Поради униформата веќе ме препознаваат на улица и сум добредојдена во кафулињата. Многу често ми дозволуваат да влезам и да се стоплам, па да продолжам со продажба. Секогаш сум одлично прифатена, каде и да одам.
Анабела, Пепи, Горде и Кате: Уживаме во нашата работа
Од „Порака Волково“ ни доаѓаат четири продавачки, кои едногласно одговорија на нашите прашања:
Ние сме доказ дека уличната продажба е и женска работа. Од нашата организација сите што продаваме сме жени. Некогаш одиме и две по две, а некогаш и сами. И мажите и жените можат да бидат небезбедни, тоа зависи од дадени ситуации. Најголем дел од граѓаните нè охрабруваат со „браво“, но има и мал дел што знаат да ни кажат „ајде бегајте“, „доста прашувате“ итн. Но, ние знаеме дека тоа не е до нас. Секогаш внимаваме да не бидеме наметливи и само си ја работиме својата работа. За нас ова е можност и да заработиме, но и да се дружиме надвор од нашата заедница. Едноставно, уживаме во нашата работа.
Верче: Мојот почеток беше заедно со Кристина Арнаудова
Многу често продаваме заедно и машки и женски и никој никогаш немал проблем. Се сеќавам на мојот почеток. Почнав да продавам со пејачката Кристина Арнаудова. Ме придружуваше во продажбата и беше многу интересно. Никогаш нема да го заборавам тој ден. Преку продажба на списанието здобив многу пријатели, кои секогаш ми нарачуваат затоа што сакаат да ме поддржат во мојата работа.
Христина: Работата ми донесе многу пријатели
Сите сме исти и не треба да се делиме по пол во однос на работата. Јас сум од првите продавачи на „Лице в лице“. На почетокот повеќе продавав, а сега повеќе ме интересира везењето. Но, секако дека не се откажав од работата. Јас, како најискусна во продажба, ги учам новите продавачи како да комуницираат и како да се однесуваат со граѓаните. Мене ми е многу убаво. Јас сум од Неготино и тука здобив многу пријатели. Повеќето од нив ми станаа вистински пријатели и заедно одиме на кафе и ме канат на роденден.
Севда: Ниеден пол не е создаден за да биде во служба на другиот
Работата е и машка и женска, важно е да си вреден и упорен. Мене Верче и Христина многу ми помагаат во продажбата. Христина најдобро ги знае парите и ми помага заедно со Коста и со Џемал да вратам кусур, кога е потребно. Многу ме радува кога некој ќе купи списание, ама исто толку ми е драго кога само ќе поразговараат со нас или ќе се фотографираат со нас. Јас уживам во својата работа.
Ниеден пол не е создаден да биде во служба на другиот, туку рамноправно, со својата различност да се збогатуваат меѓусебно.
(Содржината е објавена во 52. издание на „Лице в лице“)