Генерација Z, ЗЕНици

Не сакам, но можеби ќе ја напуштам државата

Време на читање: 3 минути

Доколку законите се спроведуваат во пракса, доколку системот ги штити правата и потребите на граѓаните, а институциите си ја вршат работата за која се надлежни, главно –  ако работите би биле поинакви овде, тогаш, никој не би размислувал два пати за да остане.
- банер -

Елена Дурловска

Дали сте размислувале за напуштање на државата?
Ако вашиот одговор е да, продолжете да читате.
Ако одговорот е не , прочитајте го насловот уште еднаш, и со чувство на разбирање, продолжете да читате.

Јас сум млад човек кој се двоуми дали своето образовение, да го продолжи надвор од Македонија. Честопати јас, а и многу други млади, се чувствуваме како да „бараме спас“ од Македонија. Истовремено пак, со подсвесен, неодобрувачки тон, се прекоруваме себе си поради тоа.

Повозрасните генерации (децата на Југославија) се чини дека се навикнати на корупцијата и т. н. менталитет, кои не ѝ носат добро на државата и на нејзиниот развој.
Но, за разлика од овие генерации кои, како да отрпнале на овие проблеми, ние младите, едноставно не сакаме ваквите ситуации да ни го загорчуваат животот! Не сакаме да се расправаме со тукашните проблеми. Ние младите, согледуваајќи го својот потенцијал, сфаќаме дека не сме родени за да се мачиме и нервираме со болките на системот. Затоа, свесно и сигурно, некои од нас решаваат да заминат.

- банер -

На училиште нè учат дека ова е земја за која крв се пролевало за да ја имаме, за да биде тука за нас. Страшно е кога сопствената земја, не ја чувствуваш како да е твоја. Непријатно е кога, истите луѓе кои го градат во тебе патриотскиот дух, те советуваат да си заминеш.
Се чувствуваме како повеќето институции и повеќето сограѓани тука да се против нас. Спроведувањето на законите, како да не соодветствува на проблемите со кои се соочуваме и како само да ги влошува.

Доколку законите навистина се спроведуваат во пракса, доколку системот ги штити правата и потребите на граѓаните, доколку институциите си ја вршат работата за која се надлежни, главно, доколку работите би биле поинакви овде, сите би останале.
Но, не се и нема да бидат можеби и наредните 30 години. Тогаш и да се сменат, за кого ќе се сменат? За тие неколку илјади млади луѓе кои ќе останат да живеат?
Македонија започнува да наликува на Кина, држава coчинета, главно од повозрасни лица, ама не поради мал наталитет, туку поради морталитетот на надежта кај младите.

Сите ги сакаме езерата, реките и планините кои се испреплетени низ картата на Македонија, културата, срдечноста на луѓето. Од една страна, поради тоа жал ни е да си заминеме, бараме промена и сакаме ние да ја донесеме. Од друга страна пак, кои сме ние за тоа да го направиме? Не сме војводи, ниту револуционери кои би го дале животот за нешто кое може да биде залудно.
Арогантно е да мислиме дека можеме да смениме нешто и да останеме, исто како што е себично да ја напуштиме Македонија. Нас младите, едноставно ни е тешко да ја пронајдеме нашата улога во ова општество. Бараме смисла, бараме почит и сакаме сите кампањи кои државата ги спроведува за да го поттикне младото население на остане овде, да не бидат само телевизиски реклами, туку реални промени во системот, во начините на кои се спроведува правда, закон, промени во здравство… Сакаме да биде подобрен и образовниот систем, да има повеќе инклузија и пред сѐ да нема корупција.

Сакаме да веруваме дека ние тука ќе бидеме во ред. Овој импулс кој ние младите го имаме за да ја напуштиме држават потекнува од одбивноста кон нефункционалниот систем.

Ги поттикнувам сите млади луѓе кои се двоумат да ја напуштат државата, да не ја носат одлуката поради моментални фрустрации, ниту пак поради сомнеж во идните прилики. Без разлика на тоа што и да реши секој од нас, ние не треба да чувствуваме грижа на совест или да бидеме осудувани.
Бидејќи, што и да одлучиме, секогаш ќе постојат пасоши и авионски летови.

(Авторката е средношколка и волонтерка во „Лице в лице“)

Напишете коментар