„Наставниците се важни – тие создаваат иднина!“ – Иле Михајловски меѓу топ 50-те наставници за Глобалната награда за наставници
„Чест ми е што сум именуван меѓу педесетте финалисти за глобалната награда за наставници, иницијатива на Фондацијата Varkey во соработка со УНЕСКО. Наставниците играат клучна улога во инспирацијата на љубопитноста, поттикнувањето на креативноста и зајакнувањето на учениците да го достигнат својот целосен потенцијал,“ вели Иле Михајловски, одделенски наставник од Свети Николе.
Михајловски, кој работи во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ веќе 29 години, е дел од 50-те финалисти за престижната Global Teacher Prize, награда што ја доделува образовната мрежа GEMS Education, со повеќе од 60 години традиција.
„Не очекував дека ќе бидам дел од оваа елитна група на наставници од целиот свет, каде меѓу 5000 номинации од 89 земји се оценуваат чесниот труд и постигањата. Радост ми е што токму на таа светска мапа трепка Македонија, трепка нашето Свети Николе,“ додава Михајловски.
Платформата го опишува Михајловски како светилник на надеж во образовниот систем. Неговата посветеност е инспирирана од сопствената животна приказна – како дете без родители, тој развил непоколеблива желба за поддршка на децата од ранливите категории, поттикнување инклузивно образование и создавање нова генерација емпатични глобални граѓани.
„Мојата работа е секогаш за децата – за оние од моето училиште, за децата од Свети Николе, но и за сите деца во Македонија. Ќе продолжам да помагам и да влевам надеж, особено кај децата без родители, децата со посебни потреби и оние од ранливите категории. Тоа е мојата мисија,“ нагласува Михајловски.
Иновативните наставни практики на Михајловски оставиле длабоки траги кај неговите ученици, особено кај оние од маргинализираните групи. Со својот труд и ентузијазам, тој успева да ги трансформира учењето и да ја обликува иднината на своите ученици, оставајќи неизбришлив белег во нивните животи.
Глобалната награда за наставници, со парична награда од 1 милион американски долари, има за цел да ги слави извонредните едукатори ширум светот, препознавајќи ги нивните неверојатни напори за трансформирање на образованието.
„Наставниците се важни – тие се оние кои создаваат иднина! Некои сонови се сонуваат, а некои се живеат. Чест ми е што сум дел од оваа приказна,“ вели Михајловски на својот фејсбук профил.