Водечки македонски научници кои работат во земјата и во странство ќе дискутираат како науката да биде подостапна и поинтересна за децата
Во организација на Фондација “КАНТАРОТ” во сабота 21 мај, ќе се одржи научната конференција “Наука за деца”.
Темата на конференцијата е популаризација на науката меѓу децата. На конференцијата поголем број на водечки македонски научници кои работат во земјата и во странство ќе ги дискутираат начините и практиките за тоа како научните концепти и учењето нови содржини, може да се направат подостапни и поинтересни за децата. Повеќе детали, како и бесплатна регистрација за конференцијата се достапни на линкот: https://www.naukazadeca.mk/konferencija2022/
Во претпладневниот дел на програмата ќе се одржи серија на работилници за деца, преку кои децата на интересен начин ќе се запознаат со различни научни концепти, како Магијата на магнетите и изработка на холограми, a во рамки на секцијата “Илјада Зошто, Илјада Затоа”, ќе имаат можност да ја задоволат својата љубопитност и да им поставуваат прашања на директно на научниците.
Научниот дел од конференцијата ќе опфати две панел дискусии кои што родителите, наставниците и пошироката јавност ќе може да ги следи преку online stream во живо.
На панелот “Учење низ игра”, д-р Тања Павлевска, д-р. Менка Стојанова, д-р Бојана Стојанова и м-р Маја Виденовиќ, ќе дискутираат како користењето на концептот на “игра” може да го направи процесот на учењето интересен за децата.
На втората панел дискусија на тема “Технологијата и иднината на учењето”, д-р. Петар Поповски ќе се осврне на можностите што новите телекомуникациски технологии ги отвораат во процесот на едукацијата.
Нина Геометриева од компанијата Инстаграм (Мета) ќе говори за Метаверзумот како нова платформа кои во иднина ќе се користи се повеќе во едукативниот процес.
Д-р. Андреј Ристески ќе се осврне на можностите што вештачката интелигенција (AI) ги отвора во процесот на едукација.
По повод конференцијата, д-р. Никола Стиков, еден од основачите на фондација Кантарот, изјави:
„Популаризацијата на науката меѓу децата е една од главните цели на нашата фондација, а освен конференцијата, фондацијата подолго време работи на оваа тема и преку креирање на едукативни видеа и експерименти кои децата можат да ги гледаат на нашaта веб страна https://naukazadeca.mk/. Во изминатиот период успешно организиравме и неколку интересни “предизвици“ на Тикток за правење видеа со научни експерименти, за кои имаше одличен интерес меѓу децата. Инаку, преку иницијативата С(ц)иеста, соработуваме со мрежа од преку 300 македонски научници од целиот свет и на овој начин фондацијата ги спојува капацитетите на нашата научна заедница, со нашата мисија љубовта кон науката да се пренесе на следните генерации. Конференцијата е финансирана со crowdfunding модел т.е. со микро-донации од самата научна заедница и од јавноста, а комуникациски партнер на конференцијата е Публицис Групацијата. Имаме задоволство да ги поканиме сите родители, наставници и заинтересирани да ни се придружат во живо и онлајн во сабота 21 мај и да ја дознаат повеќе детали на https://www.naukazadeca.mk/konferencija2022/ “.
Проф. Д-р. Никола Стиков, Универзитет во Монтреал, Канада