Доза вести

Италијанскиот филм за храброста „Стаклено момче“ на „Џифони филмски денови“

Фестивалот „Џифони Македонија“ на шестата серија од „Џифони филмски денови“ ќе го прикаже италијанскиот филм за деца „Стаклено момче“ во режија на Самуеле Роси. Филмот ќе биде прикажан в сабота (14 мај) во 10 часот во Кинотеката.

Стакленото момче Пино Гамбаси е дете што страда од хемофилија и гори од нескротлива желба за слободна и бескрајна храброст: решава да ја почне својата авантура во светот и да им покаже на сите дека може да живее како и секое друго дете. Филмот е копродукција помеѓу Италија, Австрија и Швајцарија. Главните улоги ги толкуваат: Андреа Ару, Лорета Гоџи, Роза Барболини. Освоил неколку филмски награди и номинации.

Со филмот беше отворено последното издание на фестивалот „Џифони Македонија“.

„Џифони филмски денови“ е програма што привлекува големо внимание кај учениците што ја сакаат филмската уметност. После секоја проекција, следува дебата во која активно се учествува. Деновите се отворени за ученици од петто одделение нагоре, а по проекцијата на филмот ќе следува дискусија.

По дискусијата на филмот, во 12 часот ќе започне „Филмска работилница“ со режисерката Марија Џиџева.

Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“.

Напишете коментар