Актуелно, Доза вести

Интервју со авторите на првата тинејџерска серија кај нас: Не можеме еден без друг. Делиме иста визија и сон!

Време на читање: 9 минути

ИНТЕРВЈУ СО ЛЕОНА ТРАЈКОВСКА, ЈАНА ЛАМБЕВСКА, ЕМА ПЕТРЕСКА – ДЕЛ ОД ТИМОТ НА „ПРЕГРАТКА ПРОДУКЦИЈА“  – АВТОРИ НА ПРВАТА ТИНЕЈЏЕРСКА СЕРИЈА КАЈ НАС „ПРВ ПАТ ЖИВЕАМ“

Анета Ристеска

„Прв пат живеам” е тинејџерска серија со елементи на трилер, авантура и романтика. Во центарот се наоѓа група тинејџери чии животи полека стануваат несекојдневни поради мистериозни случувања. Серијата истакнува теми на пријателство, љубов и мистерија, со силен акцент на тинејџерскиот живот и несигурностите со кои се сретнуваат младите…

Продукција „Прегратка“ ја сочинува тим составен од млади ентузијасти, кој здружно ја создава првата македонска тинејџерска серија „Прв пат живеам“.

Овој чекор произлезе од нивната заедничка желба да раскажат автентични, искрени приказни за младите. Идејата започнала како разговор меѓу пријатели, а се разви во целосно оформена серија со елементи на трилер, авантура и романса. Преку динамичната приказна, тимот го отсликува тинејџерскиот живот – со сите негови предизвици, несигурности, но и убави моменти на пријателство и љубов. Иако почетоците биле исполнети со предизвици – од организација на тимот до стекнување доверба во проектот – „Прегратка продукција“ успеа да изгради стабилна креативна заедница, во која секој член игра клучна улога. Серијата не само што ја прикажува комплексноста на младешките искуства, туку и отвора важни теми како дисморфија, ментално здравје и самоприфаќање. Со „Прв пат живеам“, тимот создава нешто ново и значајно – простор каде што гласот на младите конечно се слуша.

Леона Трајковска (режисерка): „Прв пат живеам“ започна спонтано – јас и моите другарки разговаравме за филмски идеи, а јас и Јана веќе имавме листа со теми што сакавме да ги обработиме. Првично размислувавме за филм, но со оглед на обемот на приказните, сфативме дека подобро ќе функционира како серија.

На почетокот бевме изгубени, но брзо се организиравме – јас ја презедов приказната и сценариото, а тогаш се роди идејата: „Зошто да не формираме и продукција?“. Кастингот во јуни беше клучен момент – тогаш сфативме дека проектот станува реалност.

Инспирацијата ми дојде од желбата да создадеме нешто наше, од млади за млади, што искрено ќе ги прикаже тинејџерските искуства. Тинејџерството е период што децата не го разбираат, а возрасните го забораваат – полно со сложени емоции, предизвици, но и убави моменти.

Сакавме серијата да покаже дека, и покрај сите тешкотии – стрес, ниски оценки, нарушувања во исхраната – животот вреди да се живее. Ова е време на први љубови, смеење и пријателства што не се повторуваат. А за „Прегратка продукција“? Најмногу сум благодарна што имам тим што верува во оваа визија и заедно го претвораме сонот во реалност.

Јана Ламбевска (асистентка на режиjа): На почетокот сите правевме од сè по нешто, но со текот на времето сe поделивме врз основа на тоа кој што најдобро прави. Сепак, не секој може и сака да биде продуцент, тонец, шминкер и слично, и не можеме еден без друг бидејќи секоја улога е битна.

Леона: На почетокот, најголемиот предизвик беше да се решиме кој што ќе прави. Почнавме сите со истиот ентузијазам и идеја, но како што напредувавме, сфативме дека мора да се поделат улоги. Тоа не беше толку едноставно, па понекогаш беше малку хаотично, но како што се развиваше проектот, така почнавме да го пронаоѓаме нашиот пат.

Исто така, ни беше тешко кога некои луѓе не веруваа дека она што го правиме е нешто сериозно. Иако имавме поддршка од пријатели и семејство, секогаш ќе се најде некој кој ќе сака да ја сруши иницијативата. Тоа беше мал предизвик, не нешто со кое не можевме да се справиме. И во текот на продукцијата, беше природно да доаѓаат и си одат нови луѓе. На почетокот немавме дефинирани правила во продукција, но како што напредувавме, сфативме дека треба да поставиме некои граници и правила за да го направиме сè попрофесионално и стабилно.

Еден од најголемите предизвици беше, дефинитивно, што на почетокот, не сите во продукцијата веруваа во проектот на истиот начин како што јас верував. Некои едноставно не го гледаа исто, имаа различни приоритети. Јас сум многу упорна личност, така што со нив често имавме расправии, но на крајот сфатив дека ако не веруваш во проектот, не можеш да бидеш дел од него. Тоа беше важна поука за сите нас кои верувавме: да си останеш верен на своето видување, без разлика што се случува околу тебе. Тоа беше тежок период, но истовремено ми помогна да сфатам кои луѓе навистина се посветени на овој проект и кои ќе останат со нас до крај.
Сега, сме многу постабилен тим, сите сме вложени и навистина веруваме во ова. Секој ден стануваме подобри, и тоа е нешто на што сум многу горда. Го постигнавме ова заедно и сега сите ја делиме истата визија и сон. Секој од нас има својата улога, и сите сме тука затоа што веруваме во проектот и сме посветени на него. Тоа е огромна работа и мене ми значи најмногу.

Ема Петреска (продуцентка): Во сите наши филмчиња кои ги имаме направено како продукција и моментално додека работиме на нашата серија која ни беше во прв план и најголем предизвик обработуваме секакви теми за кои луѓето не се доволно свесни за нивната тежина. Во некои од кратките филмчиња, освен што има драма и романтика, има и поуки. Еве дел од нив.  

Најпрво треба да почнеме од себе си” (од филмчето “Colors I Never Knew”- како и победа за најдобар игран филм-кадети – Giffoni Macedonia”)

Љубовта како универзален јазик” (од филмчето “The Language of us” – посветен на љубовта како најгласниот јазик. Во оваа приказна јазиците не разделуваат, туку зближуваат.)

Различноста ни дава моќ” (од филмчето “Destiny’s procject”- Никогаш нема да знаеме колку повеќе можеме заедно ако не ги прифатиме тие кој се различни од нас.)

И, нашиот најголем проект кој сe’ уште го подготвуваме, е серијата “Прв пат живеам”.

Самиот наслов си ја носи тежината и моќта на животот. Сепак, живееме прв пат, секој од нас, без разлика на возраст или пол .

Оваа серија ги претставува животните искуства на тинејџерите, со сите нивни радости, предизвици, несигурности и сопствени идентитети. Преку оваа серија, сакаме да се слушне гласот на младите, и да ги прикажеме нивните приказни, кои не се раскажани. „Прв пат живеам” е тинејџерска серија со елементи на трилер, авантура и романтика. Во центарот се наоѓа група тинејџери чии животи полека стануваат несекојдневни поради мистериозни случувања. Серијата истакнува теми на пријателство, љубов и мистерија, со силен акцент на тинејџерскиот живот и несигурностите кои ги среќаваат… Отсликувајќи ги нивните проблеми и радости. Преку секој од главните карактери се искажува нивната страна, гласот кој само тие го слушаат, сопствената слика која само тие ја гледаат…

Во серијата работиме теми како:

Дисморфија“. Еден од најчестите и најголемите проблеми кај младите девојчиња кои се “опседнуваат” за нивното тело и убавина, делузијата на убавината. Возрасните не се свесни дека секое второ девојче го има овој проблем.

Друштвото како едно од најголемите влијанија”. Треба да сме свесни со кој се дружиме, со кој го поминуваме поголемото време затоа што како што кажува изреката “Какво друштво таков човек”. Со кого се дружиме такви стануваме без разлика дали е свесно или несвесно.

Траумата од детството”. Траумата и белезите кои ги имаме од минатото, без разлика дали се работи од семејството или околината. Сепак може да си наштетиме на себе си, и на другите, ако не се спротивставиме и продолжиме понатаму.

Зависноста на алкохолот и тутунот кај младите”. Една од најчестите и лоши навики кај нас младите, е секојдневното труење со алкохол. Тутунот од цигарите не’ уништува несвесно, можеби почнало како забава и стигнало до зависност.

„Потиснување на емоции”. Еден од најголемите проблеми кај нас луѓето а повеќе и кај младите,сакаме да ја разбудиме свеста кај тинејџерите дека потиснувањето на проблемите е едно од полошите работи ,дека треба да одбереме дали пријател или возрасен за разговор за нашите проблеми и мисли,некој кој ќе ни даде совет и подршка,да ја разбудиме свеста дека е нормално да одиме на психолог и да си ги рачистиме мислите и чувствата.

Леона: Еден типичен ден во нашата продукција обично е со состаноци. Се собираме редовно, понекогаш надвор на кафе, понекогаш само на некој брз состанок за да разговараме за нови идеи или да го разгледаме напредокот. Често комуницираме преку групни повици на социјалните мрежи, каде што се договараме за некои работи и за да се осигураме дека сите сме во тек со работите. Ако некој не е во тек со нешто, не е проблем, секогаш сум тука за да им кажам што се случува. Како режисер, постојано комуницирам со сите, и имаме одлична комуникација.

Најтешкото нешто што го научивме во процесот на снимањето беше дека треба да имаме подобра комуникација и да се помагаме повеќе. Како режисер, не можам да кажам на некого да постави светла или да работи со звук ако јас самата никогаш не сум пробала да го направам тоа и не сум земала светло или држела микрофон во животов со мои раце. Затоа мислам дека е многу важно да се остави егото на страна, кога се работи во филмска продукција. Сите сме тука за да си помагаме меѓусебно, без разлика што работиме. На пример, ако некој ме замоли да му помогнам, нема да кажам „не е моја работа, јас не сум од сектор звук“. Наместо тоа, ќе се обидам да помогнам, затоа што така учиме и така се поддржуваме.
Ако сценографот заборави нешто важно од продавницата што ни треба на сет, нема потреба од драма или нервози. Не сакам да викам или да критикувам, туку ќе пробам да најдам решение, како да го добиеме тоа што ни треба.
Во такви моменти, очекувам сите да си помагаме. Дури и ако тоа не е нивна работа, ние сме колеги и треба да се поддржуваме. Ако во момент каде што е неопходен тој предмет за да се сними сцената, некој ќе каже „Не е моја работа да се занимавам со сценографија“, тоа сериозно би го срушило целиот тимски дух. Суштината е дека треба да си помагаме, на секој начин, затоа што на крајот работиме како тим. И ова беше нешто на што работевме многу, но сега, по сите тие искуства, разни проекти, многу саати поминати заедно и дружење, комуникацијата ни е многу подобра и навистина сме на многу повисоко ниво од почетокот. Ова е нешто што ме прави горда и ми е навистина мило што можам да кажам дека со секое снимање, сè повеќе и повеќе сме сложен тим.

Јана: Големата поддршка од врсниците, но и пофалбите од поискусните. Исто така и премиерата на првиот краток филм “The language of us” бидејки тогаш за прв пат нешто што сме го снимиле било емитувано пред било каква публика. Секако мора да го спомнам и филмот „The Colors I Never Knew Before“ што беше прикажан на „Giffoni Film Festival“ и освои награда за најдобар краток филм. Тоа беше посебно горделив момент за сите нас бидејќи имаше цела сала публика. И кастинг за “Прв пат живеам” кој се оддржа во јуни, на кој дојдоа околу 70 луѓе! Тоа беше толку многу повеќе од тоа што сме се надевале, и навистина сме благодарни за тоа што толку многу луѓе сакаа да бидат дел од проектот. Сите овие моменти ми даваат толку многу радост и ни даваат уште поголема мотивација да продолжиме понатаму.

Ема: Нашата цел е да успееме во ова, сонот да ни стане реалност и да го работиме тоа што од секогаш сме го посакувале. Нестрпливи сме за премиерата на серијата и да продолжиме понатаму со други проекти. Едвај чекаме да ја видиме и реакцијата на публиката и нивното мислење за серијата. Сакаме да стигнеме што подалеку. Повеќе публика, луѓето да се запознаени со нашата идеја, со нашата работа.
Поддршката од најблиските ни е секогаш најбитна и најпотребна, поддршката од публиката, исто така. Таа е еден од најбитните моменти. Премногу ни значат тие коментари и реакции. Исто така, премногу ни значи помошта и поддршката од надворешната страна како медиуми, весници и сл., како и поддршката во донации или спонзори, за кои сè уште сме во фаза на пронаоѓање.


Напишете коментар