Не подаруваме, туку учиме и зајакнуваме: С’ржта на мисијата на „Лице в лице“
Во мозаикот на нашето општество, секоја боја е подеднакво важна. Мисијата на уличното списание „Лице в лице“ лежи во старата кинеска поговорка „Дај му на човека риба и ќе го нахраниш за еден ден; Научи го да лови риба ќе го храниш цел живот“.
Заедно со работниот ангажман за продавачи кои доаѓаат од различни ранливи групи, функционирањето на „Лице в лице“ значи и работа на вештини, односно влог во креирање нови вештини и вклучување на нови перспективи во нивната реалност.
Продавањето на списанието не им обезбедува само обичен приход, туку и можности за вклучување на пазарот на труд, зајакнување, грижа, заедница. Обезбедува и зајакнување на личните капацитети и самостојност.
Преку кампањата „Лице в лице ме научи“ која ја комуницираме на нашите социјални мрежи, обично во петоците, ги пренесуваме искуствата на менторите кои работат со нашите продавачи, самите продавачи, но, и различни експерти во областа, кои се залагаат за инклузивност на пазарот на труд. Нивната неуморна и посветена работа придонесе кон високи достигнувања за лицата кои се вклучени во продажбата, но и кон градење на брендот на „Лице в лице“ – кој означува заложба за подобро општество.
Фокусот е на градење и зајакнување на животните и социјалните вештини. Понатаму, овие вештини стануваат алатки со кои тие создаваат посветла, помоќна иднина, за себе но и за нивните семејства и заедница.
Затоа, нашите продавачи се и наши херои!
Анабела, Кико Пешевски, Кико Марковски, Кате, Горе, Игор, Самир, Алмир, Мубија, Перјана, Иван… ако ги сретнете, денот ќе ви тргне на убаво!
Продолжуваме со истакнување на важноста за креирање вештини кои зајакнуваат!