Жени Херојки, Лице в лице интервју

Нема пари? Нема проблем. Во Штип се вежба бесплатно

Време на читање: 6 минути

Стани и протегни се, немој да седиш по цел ден, грбот ќе ти биде благодарен. Јас имам мотивација, ама тој што нема? Каде може да вежба? А покрај мотивација, ако нема ни пари? Што ако не ни знае како правилно да вежба? Каде може да најде решение, за грбот да му биде благодарен?

Еве што прави граѓанската организација „ЕХО“ од Штип. Вклучуваа жени во активен одмор, без никаков надоместок и тоа го прават заедно со Општина Штип.

Разговаравме со претседателката на организацијата, Бети Пеева. Нашата намера со оваа содржина е да ве инспирира да вежбате. Исто така, дава и можност да ве поттикне да направите слична иницијатва во вашата општина.

Натали Китаноска

Како настана идејата за програмата „Активен одмор“ и зошто беше важно да се фокусира на женското здравје? 

Идејата за програмата „ЕХО Фит – Активен одмор“ произлезе органски, од самото срце на работата што со години ја вршиме во ЕХО, поддржувајќи жени и девојчиња кои се соочуваат со различни форми на насилство, стрес и социјална изолација. Во текот на нашата работа во заедниците, сѐ појасно стануваше дека покрај правната и психо-социјалната поддршка, жените имаат и длабока потреба од средина што ќе ги охрабри да се поврзат со своето тело, да се движат, да се релаксираат и да изградат самодоверба. Оттука, се роди концептот за активен одмор – не само како рекреација, туку како форма на психо-физичко зајакнување.

Програмата се фокусира токму на женското здравје бидејќи жените, особено оние кои се изложени на насилство, сиромаштија, или се преоптоварени со грижа за други, често се на последно место на сопствениот список на приоритети. Истовремено, статистиките покажуваат пораст на ментални пореметувања, хроничен замор, анксиозност и телесни заболувања кај женската популација, особено по пандемијата. Забележавме и дека многу жени кои работат во канцеларии или се фокусирани на грижа за семејството, живеат седентарен начин на живот, што дополнително го влошува нивното здравје.

„ЕХО Фит – Активен одмор“ овозможува жените да излезат од секојдневието, да се движат, да вдишат, да се слушнат меѓусебно, и да почувствуваат како изгледа да се стават себеси на прво место. Но најважно, таа средина не е натпреварувачка туку поддржувачка, секоја жена е прифатена и охрабрена да направи чекор кон порамнотежен и пофункционален живот.

Тренинзите се базираат на функционален фитнес, затоа што токму тој најдиректно одговара на секојдневните потреби на жената – како да се движи со леснотија, стабилност и сила, без болки, без повреди и со самодоверба. Тоа не се класични фитнес сесии каде што се брои колку калории ќе се согорат, туку внимателно осмислени движења што го активираат целото тело, ја подобруваат постурата, дишењето, рамнотежата и издржливоста.

Како долгогодишен фитнес тренер, сама ја имам креирано техниката „Функционална форма“, која е во основата на овие сесии. Таа е специјално приспособена на телото и енергијата на жената, и покрај сè што го носи функционалниот фитнес, овозможува и постепено унапредување на физичката форма, но во склад со женскиот ритам, емоции и потреби.

Кога зборувам за женската енергија, мислам на природната внатрешна динамика што ја носат жените со циклуси на подем и повлекување, чувствителност, сила, интуиција и емпатија. Оваа програма го почитува тој ритам: не ги турка жените да се надминат по секоја цена, туку да се слушнат, да се движат со љубов кон себе, и да го градaт своето здравје и сила без насилство врз телото.

Секој тренинг вклучува и елементи на свесно движење, мобилност, релаксација и контакт со сопственото тело, нешто што многу жени првпат го доживуваат токму на овие сесии. Сѐ е прилагодено без споредби, со целосен фокус на себе.

Функционалната форма ни овозможи да ја направиме програмата достапна за жени од различна возраст, физичка подготвеност или здравствена состојба. Кај нас доаѓаат жени од 18 до над 70 години – мајки, вработени жени со седечка работа, жени кои се рехабилитираат по повреди или болест, кои едноставно сакаат да се вратат во форма без наметнување на „идеални тела“.

Како се одвива соработката со општината ? Раскажете ни за вашето партнерство.

Соработката со општината претставува клучен столб на оваа иницијатива. Таа не е само наш партнер, туку и активен поддржувач на идејата дека грижата за женското здравје и добросостојба е од суштинско значење за здравјето на целата заедница. Програмата ја развивме уште пред 15 години, но токму со континуираната поддршка од општината, која започна во 2021 година преку Програмата за еднакви можности на жените и мажите, таа доби пошироко општествено значење и вистински хуман и солидарен карактер.

Општината, покрај тоа што овозможува бесплатно учество на жените, обезбедува и бесплатен простор – сала за тренинг, во периодите кога сме принудени да вежбаме во затворено. Инаку, преферираме тренинзи на отворено, бидејќи природната средина дополнително го засилува чувството на слобода, енергија и поврзаност меѓу жените.

Од самиот почеток, имаме отворена и конструктивна комуникација со општината, а нивната поддршка овозможи да се вклучат голем број жени, во просек 80 до 100 жени годишно кои редовно вежбаат, зависно од нивното слободно време. Секоја жена која ќе се пријави и има желба да се движи, да поведе грижа за своето здравје, да се чувствува подобро е добредојдена, без разлика на возраста, формата или животната приказна.

Првично, започнавме со тренинзи наменети за самохрани мајки и жени кои преживеале насилство, но со текот на времето сфативме дека е подобро да не поставуваме такви ограничувања, не сакаме жените да се чувствуваат стигматизирано или да мораат да објаснуваат зошто доаѓаат. Затоа, пристапот е отворен и инклузивен, програмата е тука за секоја жена што сака да направи нешто добро за себе, со свое темпо и со поддршка од други жени.

Ваквиот модел на јавно-граѓанско партнерство, во кое институциите препознаваат, поддржуваат и соработуваат со иницијативи од граѓанскиот сектор, создава реални и долгорочни промени, не само во здравјето на жените, туку и во начинот на кој тие се чувствуваат вредни и поддржани од својата заедница.

Какви реакции добивате од жените што веќе се приклучиле? Дали можеби некоја учесничка споделила инспиративна промена во својот живот?

Реакциите од жените што се приклучиле се трогателни. Од првите сесии, може да се почувствува олеснување, благодарност и силна емоција, како да некој конечно им дал дозвола да се грижат за себе, без вина и без оправдување. Многу од нив велат дека првпат по долго време чувствуваат дека се важни  за себе, не само за другите.

Често добиваме пораки и искрени сведоштва за подобрување на физичката кондиција, намалување на болки, регулирање на тежина, подобар сон и расположение  и зголемена самодоверба. Но највпечатливо е кога жените ќе почнат да прават и други позитивни промени во својот живот, да воведуваат нови здрави навики, да си постават цели, но и граници, да бараат повеќе за себе.

Една учесничка која ми остана особено во сеќавање ми рече: „Кога дојдов на првиот тренинг, едвај се носев со животот. Сега не само што можам да се качам по скали без да останам без здив, можам и да кажам ‘не’ кога нешто не е добро за мене. Ова за мене не беше само вежбање,  беше пресвртница која ме натера да се променам, да ставам крај не сѐ она што не функционираше за мое добро и да свртам сосем нов лист во животот и лично и професионално“. Ова е само еден од многубројните примери на драстични промени кај многу од нив.

Таквите моменти ни покажуваат дека оваа програма не е наменета само за телото – туку и за умот, за себеисцелувањето и  за жената како целина, во сите нејзини улоги и димензии. Секоја група станува мала поддржувачка заедница, каде што жените се слушаат, се мотивираат и се охрабруваат и си помагаат меѓусебно. Тоа е вистинската сила на оваа програма.

Како заинтересираните можат да се приклучат? Дали има ограничувања, што е потребно за пријавување и дали планирате вакви програми и во иднина?

Секоја жена што има желба да се движи, да го подобри своето здравје и да се чувствува подобро  може да се приклучи. Нема ограничувања, ниту потреба од претходно искуство или степен на физичка подготвеност и кондиција. Единствениот предуслов е желбата за позитивна промена, а нашата улога е да обезбедиме безбедна, прифатлива и мотивирачка средина.

Пријавувањето е едноставно, најчесто се одвива преку отворен повик објавен на нашите социјални мрежи или преку директен контакт со тимот на ЕХО. Голем придонес за интересот има и добриот глас кој брзо се шири, како и довербата што учесничките ја имаат во програмата и во мене како тренер, па често ја препорачуваат на своите пријателки и роднини. Групите се прилагодени и динамични, а секоја жена е охрабрена да се приклучи според своето темпо, потреби и расположение.

Имаме голема желба оваа програма да продолжи да се развива. Во иднина планираме и нови форми на активен одмор – специјализирани ритрити, програми за женско ментално здравје, активности за жени на работни места со висок стрес и уште посилна поддршка за лична трансформација. Ова не е само програма, ова е заедница што расте и инспирира.

Фотографиите се од приватна архива на организацијата.

Напишете коментар