Лице в лице, Лице в лице интервју

Професор Ненад Марковиќ: Државата не може да ја реши корупцијата додека самата ја генерира

Nenad-Markovic 2 Foto BIRN - korupcija integritet

Пишува: Адријана Георгиев
Фотографии: БИРН

Корупцијата во креирањето и спроведувањето на јавните политики останува еден од најсериозните системски проблеми во Северна Македонија. Иако постојат формални механизми за транспарентност и отчетност, институционалната пракса, според експертите, покажува сериозни слабости – од политичко влијание врз законодавството, преку селективна примена на законите, до култура на неказнивост.

Каде најчесто настануваат корупциските ризици? Зошто политичката одговорност е речиси исчезната? Како се поврзани политичкото финансирање и јавните политики и каква улога имаат медиумите и граѓанскиот сектор?

На овие теми разговаравме со Ненад Марковиќ, професор на политички студии на Правниот факултет Јустинијан Први“ во Скопје. Во интервјуто за „Лице в лице“, Марковиќ отворено зборува за клиентелизмот, институционалната инерција и отсуството на политички интегритет, оценувајќи дека државата не може да се справи со корупцијата додека истите структури ја генерираат и одржуваат.

Каде најчесто се јавуваат ризици од корупција во процесот на креирање закони?

– Ризиците врзани за појава на корупција може да се јават во која било фаза од креирањето на еден закон. Уште утврдувањето на самата потреба да се донесе одредена нормативна рамка (закон, подзаконски акт итн.) во сферата на јавната политика може да биде влијаено од различни центри на моќ, во чиј интерес е да се донесе (некогаш и да не се донесе) одреден закон. Секако, треба да направиме разлика помеѓу лобирање од една страна, и незаконско и коруптивно влијание врз утврдување на потребата или самото носење на одреден закон. Постои огромна разлика помеѓу двете. Корупциони ризици може да има дури и во амандманската фаза на измени и дополнувања на законите, каде со ситни „марифетлаци“ и вешта номотехника, може да се направат големи штети за јавното добро. Фазата на имплементација на законите и замижувањето на институциите и надлежните органи пред неа е сосема друга приказна, за која треба издвоено да се расправа.

Колку транспарентно се носат клучните политички одлуки во државата?

– Не мислам дека проблемот е толку во процесот на транспарентно донесување и достапност на законите. Сепак постои ЕНЕР, каде главните парчиња легислатива се објавуваат јавно и се достапни за јавни коментари. Проблемот е во тоа што, поради реална ограниченост на човечките ресурси, голем дел од поспецифичните закони и подзаконски акти нема кој да ги коментира стручно и со полна експертиза. Дури и кога вакви експерти постојат, многу мал број на луѓе кои претежно припаѓаат на квалификуваната јавност ги разбираат аргументите на јавната дебата и можат конструктивно да придонесат. Легислативата на една држава е толку обемна и комплексна, што дури и во поголеми држави тешко се следат покомпликувани дебати за законски акти.

Каква е врската меѓу политичкото финансирање и донесувањето јавни политики?

Ако зборуваме за јавно финансирање (по добиен глас на избори) од државниот буџет – релацијата е многу јасна. Колку е една партија поуспешна, толку е побогата, и до толку повеќе има прилика да донесува или учествува во донесувањето јавни политики. Ако се работи за приватни донации, дури и кога се во рамките на законските прописи за финансирање на политичките партии, тие често доаѓаат со багажот на противуслуги и подразбираат некаков трансакционен механизам на „услуга за услуга“. Ова секако може во голема мера да биде еден од генераторите на корупција и клиентелизам, што води до екстрактивна економија во крајна линија, но и разјадување на правилата и нормите воспоставени за фер игра во политиката, но и во економијата.

Дали граѓаните имаат реален механизам да побараат политичка одговорност?

– Најефикасниот механизам за барање политичка одговорност е секако будната јавност и проактивните медиуми. Ова се најефикасните модалитети преку кои може да се бара политичка одговорност од носителите на јавни функции, иако, се разбира, во порадикални случаи на кривична одговорност, на располагање е целиот судски систем, вклучувајќи го и Уставниот суд во случаи на носење прописи кои се косат со уставните вредности на државата.

Сепак, прашањето на политичка одговорност кај нас успешно се релативизира преку различни манипулации, најчесто со давање привремени и лажни оставки на носители на функции, кои потоа се одбиени или крајно релативизирани од страна на партиските или владините лидери, кои на овој начин ги амнестираат носителите на јавни функции од политичка одговорност. Неретко, судството во Македонија било ставано во функција на амнестирање на кривична одговорност т.е. било крајно злоупотребувано. Ако е ова случај, а е чест случај, тогаш што останува за политичката одговорност?! После оставката на министерот Пешев во раните 1990-ти, таа не ни постои.

Кои демократски стандарди најчесто се прекршуваат без да има последици?

– Многу е тешко да се процени кој демократски стандард најмногу се прекршува. Не мислам дека е возможно да се направи некаква листа на која би ги рангирале демократските стандарди во однос на тоа кој колку пати е прекршен. Сепак, од некое лично искуство, ми се чини дека транспарентноста и отчетноста на јавните институции во Македонија се рак-рана на нашето општество. И покрај бројните законски измени и јавен притисок ова да се подобри, транспарентноста и отчетноста на јавните институции не се подобри драматично, а не смее ниту да се игнорира и проблемот на корупција. Сепак, во 2024 година, сме 88. држава од измерени 180, во Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнал“.

Како медиумите и граѓанските организации можат да ја зајакнат јавната контрола?

– Најдобар механизам е будното следење на состојбите, соработка со релевантни организации на соодветни теми и што поголема сензибилизација на јавноста преку што поголем и појавен фокус на проблемите кои произлегуваат од различните обиди за корупција и манипулации со јавните пари. Соработката меѓу двата сектора е клучна, но и помошта од експертската јавност која може да придонесе да се зајакне оваа контрола. За ваквата контрола да не се сведе на спорадични обиди, најважен дел е следењето на состојбите преку системски и структуирани програми. Постоењето на „свиркачи“ во самите институции е, исто така, клучен дел во јавната контрола врз процесите кои подразбираат јавни финансии и општо добро.

Како Вие го дефинирате поимот политички интегритет во контекст на локалната и националната власт во Северна Македонија?

-Категоријата политички интегритет најчесто се поврзува со чесноста, искреноста и отпорноста на корупција на одреден политичар или политичка структура. Тоа е индивидуална, но и колективна категорија на политички ентитети кои би требало да делуваат во насока на спротивставување на политички девијантни појави како што се непотизам, кронизам, корупција или злоупотреба на позиции на моќ во општеството.

За жал, кај нас, токму оние кои треба да бидат бастион во борбата против корупцијата, се генератори и стимулатори на истата, што го доведува во прашање целиот концепт на политички интегритет во локален контекст.

Кои се најчестите ризици од корупција што ги забележувате во процесите на носење одлуки и зошто тие остануваат системски проблем?

Најчести ризици се влијание врз носење и примена на одредени закони, но и директна корупција преку финансии и контрауслуги кои ги дефинираат стожерните коруптивни активности. Тие се и ќе останат системски проблем, најмногу поради инерцијата на процесите од последните три и пол декади (па и повеќе), но и поради структурата на политичкиот процес кај нас, кој во голема мера се потпира на клиентелистички врски и трансакционен социјален капитал.

Недоволните внатрешни капацитети за справување со корупцијата, но често и недоволниот притисок од надвор, се фактори кои придонесуваат да не може да се излезе на крај со овие негативни феномени.

Што се однесува до државата, јасно е дека не може да ја решава корупцијата оној кој ја генерира и стимулира.

Каде најчесто потфрлаат институциите кога станува збор за транспарентност и отчетност? Во законите, во нивната примена или во контролата?

Делот на имплементација кај нас е ноторно лош. Примерот на Кочани покажа дека и таму каде што постои соодветна легислатива, често не се применува поради инертност на институциите, а често и заради чиста корупција и непотизам.

Вториот феномен е константното префрлање на надлежностите од една институција на друга, и иницијалниот рефлекс на институциите да се прогласат за ненадлежни како во делот на имплементација на одредени прописи, така и во дело на санкции и контрола. Конечно, судството, со честите корупциски скандали, но и отвореност кон влијанија, кумува на културата на неказнивост и што е уште полошо – селективна казнивост.

Одговорете на прашалник

Корупцијата не е бројка – тоа е човечка цена: повик за анонимни сведоштва и искуства

Може ли да наведете конкретен пример каде нешто требало да се направи по закон или добра пракса, а не било и кои беа последиците?

– Се разбира. Серијата Закони за високо образование кои се носат во континуитет (верзии на Законот) се класичен пример за промашен процес на јавна политика. Наместо инкрементално подобрување на работите, се оди од крајна либерализација на процесите до крајно рестриктивни и репресивни верзии на Законот. Ова само создава збунетост и неизвесност кај, и онака, оскудната академска заедница во државата. Наместо постепен пристап на подобрување, избран е модел на „револуционерни“ промени, кои не создаваат квалитет, туку само дестимулираат млади луѓе да се занимаваат со академија. Со еден збор, поразително.

Како недостатокот на политички интегритет најмногу ги погодува жените, младите и маргинализираните групи?

– Секоја ранлива група е по дефиниција поподложна на негативни влијанија од разни негативни социјални појави. Средствата кои би можеле да се одвојат за помош на овие групи ги јаде корупцијата на најбрутален начин. Кога не може да се одвојат средства за заштита или подобрување на положбата на ваквите групи, тогаш јасно е дека ранливите групи, како што се и жените и младите, се доведени во незавидна позиција. Ако правилата во едно општество се кројат под влијание на моќни лоби групи и економски интереси, тогаш јасно е дека нема многу простор, а често и средства за оние кои се најранливи и на кои најмногу им треба помош и стимул.

Што треба да биде улогата на граѓанскиот сектор и активните граѓани во спречување на корупција?

-Улогата на граѓанскиот сектор треба да биде најмалку двојна. Од една страна, невладиниот сектор треба да има улога на куче-чувар кое будно ќе следи што се случува во општеството во однос на корупцијата. Втората важна улога е делиберативната улога, каде невладиниот сектор ќе создава услови за јавна дебата и актуелизирање на проблемите. Третата улога е кооптивната улога, каде невладините организации би требало да ги вклучуваат сите други релевантни фактори во општеството кои би можеле, не само да ја мониторираат корупцијата, туку и да се вклучат во активната борба против неа.

Кои се три конкретни чекори што би можеле реално да ја подобрат состојбата во наредните 2–3 години?

– Искрено, не сум оптимист дека за 2-3 години може да се случи нешто особено важно. Ајде да речеме дека најбитен чекор е имплементацијата на Реформската агенда, иако тоа не ни оди најбрзо и најдобро. Доволно е да почнеме оттаму, па потоа да видиме каде сакаме да стигнеме.

Во способноста на политичките фактори од внатре да ја решат ситуацијата одамна не верувам.

Прочитајте повеќе на оваа тема

Еколошката правда сè уште недостижна: Корупцијата екстремно ни го дозагади воздухот!


Напишете коментар