Доза вести, Лице в лице

Новото „Лице в лице“ со фокус на здравство какво што ни треба

Време на читање: 3 минути

Oдржливо здравство е императив за задоволни граѓани и подобро општество. позитивната листа на лекови не е од корист само за пациентите туку и за целиот здравствен систем. со ставање нови лекови на позитивната листа здравствените власти имаат поголема контрола над буџетот и можат да избегнат негово оптоварување
- банер -

Приватното плаќање за лекови е убедливо најголемиот извор на финансиски тешкотии, забележува Светската здравствена организација (СЗО). Причина – ограничената позитивна листа на лекови и тоа што сиромашните и хронично болните не се ослободени од  партиципација. Граѓаните даваат пари од свој џеб и покрај тоа што секој месец од платата им се издвојуваат придонеси за здравствено.
Сите овие предизвици, но, и можни решенија за создавање „Здравство на здрав пат“, се дел од новото, 51. издание на „Лице в лице“, кое се фокусира на пристапот до лекови и  потребата од почесто ажурирање на позитивната листа.

Од Платформата за одржлив развој, која годинава одбележува 10 години постоење, велат дека овој број на „Лице в лице“ носи идеи, практики и препораки кои веќе нашироко се применуваат на глобално ниво.

Позитивната листа на лекови не е ревидирана повеќе од 10 години, а од 160 нови лекови одобрени од ЕУ во периодот од 2017 до 2020 година, само 11 се достапни во Македонија. Поради ова, пациентите можат да си дозволат најчесто застарени лекови кои во некои земји се исфрлени од употреба, а Министерството за здравство го пролонгира носењето на нов правилник што ќе ги дефинира условите за ставање лекови на листата. Ова е причина и за осиромашување на граѓаните. Над 46 отсто од домаќинствата во 2018 година, пријавиле дека имале приватни плаќања за лекување и 80 % од нив се за лекови. Пациентите плаќаат приближно една третина од сите здравствени услуги, без да им бидат надоместени платените средства, што ги зголемува социјалните разлики. И затоа често слушаме: Тешко е да си болен во Македонија! и Џабе плаќаме здравствено осигурување!, пишува Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“ и главна уредничка на „Лице в лице“, во воведникот на ова издание.

Од „Рош Македонија“, компанијата со која „Лице в лице“ партнерски го издава новиот број, изјавуваат:

За надминување на предизвиците околу пристапот до квалитетно здравство и современи терапии не треба да гледаме многу далеку, доволно е да погледнеме во државите од регионот и низ Европа и да ги приспособиме оние добри примери кои соодветствуваат на нашите околности. Во другите држави веќе се практикуваат решенија за одржливо функционирање на позитивната листа со нејзино редовно ажурирање со најсовремени терапии како што се договорите за поделба на ризикот, за вмрежување на податоците меѓу институциите и дигитализирање на здравството, за вклучување на пациентите во процесите на одлучување. Медиумското истакнување на овие прашања е од суштинска важност за подигање на свеста кај граѓаните и за отворање поширока дискусија, и затоа „Рош Македонија“ како компанија која активно придонесува во унапредување на здравствениот систем со задоволство го поддржа ова издание.

Ова 51. издание носи ставови и на професорот Кирил Солески, специјалист по дигитално здравство, а врзани за придобивките што може да ги донесе дигитализацијата во здравството.
„Дигитализацијата е многу динамичен процес што ќе го однесе пациентот неколку чекори напред. Може многу да помогне да се подобри здравствената писменост на граѓаните, која, од друга страна, ќе ги намали непотребните посети на лекар и на ургентните центри.  Најважниот дел од трансформацијата, сепак, треба да биде развивањето иновации што ќе имаат цел да го намалат протокот на пациенти кај лекарите и болниците, да ги доведат до оптимум здравствените системи, да ги подобрат резултатите кај пациентите, да ги редуцираат медицинските грешки и да ги намалат здравствените трошоци“,  вели Солески во интервјуто за „Лице в лице“.

Низ страниците на 51. издание на „Лице в лице“ читателите ќе може да го сретнат и ставот на пациентските здруженија, претставен преку „Хема“, Здружение за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања и нивни негуватели, за важноста од учество на засегнати страни во креирањето здравствени политики. 

Во земјава сѐ уште нема ниту национален регистар за рак, и покрај големиот број апели и доставени барања. За споредба, во соседните земји здравствените власти соработуваат со организациите на пациенти, со цел унапредување на здравствената политика на локално и на регионално ниво. Во Македонија организациите на пациенти не се сфатени сериозно, се игнорираат нивните барања, а правото на здравствена заштита е загарантирано со Уставот, објаснува за „Лице в лице“ Мирјана Бабамова од „Хема“.


Илустрација на насловната страница на 51. издание на „Лице в лице: „Контура“

- банер -

Посетете ја продавницата на „Лице в лице“ за да го набавите новиот број

Напишете коментар