„О-Круг“ – социјален бизнис со мирис на портокал, грижа за луѓето и планетата
Кога си млад, поинаку гледаш на општествените предизвици. Кога си активист, директно работиш на тоа како да понудиш решенија за нив. Тоа е приказната и за Марија Бургиева, и тимот на социјално претпријатие „О – Круг“.
Која е иднината на бизнисите и на општеството? Да се грижиме, покрај заработката да решаваме општествени предизвици и да го подобруваме квалитетот на живот во целост.
Натали Китаноска
Како дојдовте до идејата да започнете социјален бизнис?
Како активист, за мене беше многу логично да ја комбинирам мојата работа со претприемништвото и да внесам елементи на социјална инклузија. Бизнисот за мене не е само средство за заработка, туку и начин да направам позитивна промена во општеството. Особено ме инспирираше идејата да вклучам маргинализирани млади луѓе и да се фокусирам на еколошката одржливост. На овој начин, претпријатието добива поширока социјална димензија и придонесува за доброто на заедницата.
Како вашиот бизнис придонесува за заштита на животната средина?
Во нашиот бизнис, користиме биоотпад. На пример, кори од портокал кои инаку би се фрлиле. Наместо отпадот да се разградува и да испушта стакленички гасови, ние ги собираме корите, ги сушиме и ги користиме за производство на масло од портокал. Процесот е целосно одржлив и ние емитуваме 0 јагледорни емисии во нашето производство. Се трудиме и пакувањето да биде еколошко – користиме повратни стаклени амбалажи и рециклирана хартија. На овој начин, не само што го минимизираме отпадот, туку сме и климатски позитивни.
Колку е тешко да се биде одржлив во бизнисот денес?
Одржливоста бара индивидуални напори и голема посветеност. Со вистинската визија и тим, тоа не е невозможно. За нас, беше сосема природно да создадеме претпријатие кое ќе биде и одржливо и самоодржливо. Не само што внимаваме на процесите на производство, туку и се фокусираме на целокупната вредност која ја носиме на општеството и животната средина.
Што значи социјалното претприемништво за младите?
Социјалното претприемништво е златна можност за младите. Преку ваков бизнис, тие можат да се справат со младинската невработеност, да станат економски независни, а притоа да придонесат за општеството.