Лице в лице интервју, Час по родови прашања

Од стереотип до насилство: Темната страна на дигиталниот простор за жените

Време на читање: 7 минути

Како да се направи разлика меѓу критика и насилен говор? Дали како општество сме подготвени да го запреме овој бран?
Во ова интервју разговараме со Ангелина Станојоска, редовна професорка на Универзитет „Св.Климент Охридски“ – Битола, и авторка на „Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор“, во издание на Здружение за еднакви можности – мрежа „Стела“.

„Жените се премногу емотивни за лидерство.“
„Прав муж не плаче!“
„Девојките треба да бидат тивки и послушни.“

Звучи познато? Вака ве учеле од мали?
Ако не – супер!
Да? Читнете плс.

Многумина од нас, вакви ставови слушаат од деца. Но, денес ова продолжува да живее нов живот и во дигиталниот свет. Во брзиот ритам на секојдневието, кога скроламе по социјални мрежи и немаме време за подлабока анализа и промислување, дезинформациите често поминуваат незабележано. Особено се опасни оние кои ја користат родовата перспектива, како овие примери погоре. Ги хранат стереотипите и предубедувањата, ја нормализираат дискриминацијата и често водат кон онлајн и офлајн насилство. Притоа, жените и девојките најчесто се цел на напади. Нивниот изглед, нивните ставови или јавен ангажман стануваат повод за омраза, омаловажување, насилство.

Во ова интервју разговараме со Ангелина Станојоска, редовна професорка на Универзитет „Св.Климент Охридски“ – Битола, и авторка на „Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор“, во издание на Здружение за еднакви можности – мрежа „Стела“.

Со неа разговаравме за корените, последиците и можните решенија за дигиталното родово-базирано насилство.

Во општество каде што дигиталниот простор станува главна арена за комуникација и дебата, како да направиме разлика меѓу слободата на изразување и говорот што станува насилен или штетен по родова основа?

– Слободата на изразување е основна слобода на човекот која им овозможува на луѓето да ги изразуваат своите мисли, идеи и уверувања без страв од санкции. Таа е темелот на демократското општество. Говорот преминува од слободно изразување во говор на омраза кога комуникацијата целно понижува, напаѓа или дискриминира поединец или група, врз основа на нивните родови карактеристики. Овој говор често е проследен со навреди или закани, кои создаваат средина на страв, исклученост или поттикнуваат насилство во физичкиот свет.
Родово базираниот насилен говор се јавува кога се промовираат стереотипи, се оправдува дискриминација врз основа на род, потоа се користи навредлив или понижувачки јазик кон жени, ЛГБТИ+ лица и други, како и се поттикнува или оправдува насилство, во онлајн или офлајн сфери.
Како да се направи разлика? Потребно е да се анализира содржината и контекстот на текстот. Oдносно, да се види дали комуникацијата содржи елементи на понижување, закани или повик на насилство врз жени или други родови групи. Потоа, треба да постои намера да се предизвика штета, страв или да ги поттикне другите кон насилство. Потребно е и да се процени кое е нивото на влијание, т.е. дали текстот доведува до реални последици и многу важно, дали таквата содржина е забранета со правните норми.

Овој тип насилство е и симптом на поширок проблем: неуспехот на општеството да се соочи со длабоко вкоренетите родови нееднаквости и стереотипи. Дали е ова ситуација „Јајцето или кокошката“? Какви решенија ни се потребни, за да одговориме истовремено на овие проблеми?

– Родовите стереотипи создаваат нееднаквости. Тие нееднаквости ги поттикнуваат и одржуваат стереотипите и насилното однесување.
Оваа конекција може да се прекине само со системски и координирани решенија поврзани со двете страни истовремено. Тоа значи дека младите генерации треба да добиваат родово сензитивна едукација за да може да ги препознаат стереотипите и да го менуваат таквото вкоренето мислење. Всушност, преку образовните институции може да се изгради систем на вредности кој нема да вклучува стереотипи.

Се разбира дека е потребна и сеопфатна институционална стратегија која ќе ја интегрира родовата перспектива во сите јавни политики и јавниот дискурс, што ќе вклучува и мултисекторска координација и промоција на еднаквоста, рушење на родовите стереотипи и осуда на насилството. Во нашата земја, првиот важен чекор беше потпишувањето и ратификацијата на Истанбулската конвенција, по што следуваа одредени законски измени и други институционални промени кои ќе доведат до зголемена превенција и ефикасна реакција на родово базираното насилство. Но, потребно е уште многу работа.

Зошто токму жените се најчеста мета на дигитално насилство и дезинформации?

– Жените се најчеста мета на дигитално насилство и дезинформации затоа што, за жал, дигиталниот свет е поставен врз основа на истите родови стереотипи и предрасуди, како и патријархални норми кои сè уште се клучни носители на функционирањето на физичкиот свет.
Традиционалните родови стереотипи и културни предрасуди сè уште доминираат во општествениот живот. Жените често се цел на напади поради нивниот изглед, ставови или јавни ангажмани, особено кога не се вклопуваат во „очекуваните“ општествени улоги или кога јавно зборуваат за родова еднаквост. Во дигиталниот свет, пред сè социјалните мрежи овозможуваат насилството да се шири брзо, а анонимноста на Интернет ја охрабрува мизогинијата.
Родовите дезинформации манипулираат со општествените предрасуди, наменети се да ги омаловажат жените, да го поткопаат нивниот кредибилитет или јавното влијание и да ги сведат на родови и дискриминаторни наративи. Цел на вакви напади многу често се жени кои се јавни личности, новинарки, блогерки, активистки.

Важен сегмент кој го олеснува насилството е и институционалната заштита која не е доволна, честопати процесите за пријавување дигитално насилство се комплицирани, бавни и понекогаш неефикасни. Многу често жртвите се стигматизирани, обвинети за тоа што им се случило или случува, па се обесхрабрени да пријават насилство.

Сведоци сме и на долгорочни психолошки и професионални последици врз жените кои се редовно мета на дигитално насилство. Колкава опасност е таа, нова форма на „тишина“ и елиминација од јавниот простор?

– Опасноста за жените кои се редовно цел на дигитално насилство е сериозна, длабока и долгорочна. Таа не е само „невидлива“, туку и тивка форма на елиминација од јавниот простор.
Психолошките последици вклучуваат губење на самодовербата, постојан стрес, страв, анксиозност, напади на паника, депресија. Жртвите често чувствуваат дека нивната приватност, интегритет и достоинство се трајно загрозени, со чувство на беспомошност и срам. Некои жени, поради страв од нови напади, го ограничуваат присуството на Интернет, ги затвораат профилите. Во одредени случаи, последиците резултираат со суицидни мисли и суицид како резултат на дигитално насилство и објави на видеа и фотографии со интимна содржина.

Социјалните и последиците поврзани со професијата се исто толку сериозни, бидејќи жените се принудени да се самоцензурираат, поретко да објавуваат или да ги модифицираат ставовите за да избегнат провокации. Исто така, јавно експонираните жени се маргинализирани и ограничени во професионалниот напредок. На пример, нивното учество во дебати и јавни дискусии се намалува или исчезнува. Ова овозможува старите стереотипи да се одржат и ги лишува младите девојки од позитивни примери на успешни жени во професии кои се традиционално доминирани од мажи.

Како родовите дезинформации го менуваат начинот на кој младите генерации ја градат својата перцепција за родови улоги, љубов, секс, моќ?

– Имаат големо влијание. Преку стереотипите, младите прифаќаат или повторуваат мислења дека мажите треба да доминираат, а жените да бидат потчинети, дека агресијата е нормален израз на машкост, а чувствителноста е покажување слабост. Тие дезинформации за односите ги сведуваат врските на супериорност и поседување, маргинализирајќи ги согласноста, почитта и автономијата при развивањето на интимните односи.
Честопати стравот од осуда, потсмев или општествено исклучување ги тера младите да ја креираат својата слика по наметнати, очекувани општествени улоги, наместо по сопствените желби и вредности.
Родовите дезинформации го намалуваат прагот на толеранција за различност и легитимираат насилно и понижувачко однесување врз тие кои не се вклопуваат во општествените очекувања. Оние млади лица кои се спротивставуваат на овие наметнати норми често се маргинализирани.
На долг рок, родовите дезинформации одржуваат нееднаквост во општествената заедница, го ограничуваат личниот раст и индивидуалноста, создаваат длабоки разлики во моќта меѓу мажите и жените, ја потиснуваат слободата на избор при градењето интимни врски и влегувањето во сексуални односи.

Како, според вас, би изгледал еден одржлив систем за справување со дигитално родово-базирано насилство?
Што треба да направат институциите, медиумите, образованието и граѓанскиот сектор?

– Одржлив систем за справување со дигитално родово-базирано насилство треба да биде систем кој ќе е сеопфатен и насочен кон заштита и поддршка на жртвите, превенција, едукација, санкционирање на сторителите.

Потребни се брзи и ефикасни механизми за пријавување, но и брзо процесирање на случаите од институции чии капацитетите се зајакнати, а вработените се сензибилизирани за работа со жртви на ваков тип на насилство. Институциите мора да овозможат помош и поддршка за жртвите од страна на професионалци, а помошта да вклучува и медицинска и психолошка, но и правна помош.

Работата на губење на стереотипите вклучува точно, сензибилизирано и одговорно известување од медиумите, јавно информирање и промоција на позитивни примери. Едукација и образовни програми кои ќе вклучуваат теми за дигитална безбедност, родова еднаквост и насилство (во училишните програми). Активна вклученост на граѓанскиот сектор преку директна помош и застапување на жртвите, промена на јавната перцепција и иницијативи за законски измени.

Колку се подготвени македонските институции да се справат со ваквите нови форми на насилство?

– Македонските институции во последните години прават чекори кон препознавање и спречување на дигиталното родово-базирано насилство, но нивната подготвеност сè уште е соочена со сериозни предизвици.

Направени се одредени законски измени, воведени се кривични дела чии облици ги вклучуваат и дигиталните форми, постојат одредени иницијативи на мултисекторска соработка и едукација, зајакнување на капацитетите и размена на добри практики. Но, постојат голем број предизвици, меѓу кои се: немањето единствен и прецизен систем на евиденција на кривични дела, недоволен број на професионалци кои работат на откривањето и решавањето на ваквите кривични дела, процеси на пријавување кои некогаш се комплицирани и доведуваат со стигматизација и обвинување на жртвите. Сето ова се постојни празнини во законската рамка.

Што најмногу Ве загрижува во однос на иднината на жените и девојчињата во дигиталниот простор?

– Би рекла дека тоа се родовите стереотипи и родовите дезинформации кои создаваат дигитален свет кој не е безбеден за жените и девојките. Таквиот свет ги ограничува можностите на жените и младите девојки во нивниот професионален и личен развој, ги обесхрабрува и исклучува од јавниот живот, а тоа е сосема спротивно од насоката кон изградба на општествена заедница каде ќе постои целосна родова еднаквост.

Ако имате можност да пренесете една порака до креаторите на политики, каква би била таа?

– Дигиталното родово базирано насилство не е само нов предизвик, туку и резултат на длабоко вкоренетите родови стереотипи и предрасуди кои ги загрозуваат правата и безбедноста на жените и девојките. За да постигнеме вистинска промена, потребна е активна и посветена соработка меѓу клучните учесници во дигиталниот свет, бидејќи секоја жена и девојка има право да биде своја и да се чувствува безбедно, почитувано и заштитено во него.


Illustration: Freepik

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

Напишете коментар