Актуелно, Доза вести

Од затвор до економска независност: Дизајнерката Ирина Тошева ги подготвува жените во „Идризово“ за нов почеток!

Време на читање: 4 минути

Преку создавањето на конкретни производи, жените ќе можат да видат како нивниот труд резултира со нешто опипливо и вредно, што значително ќе ја зголеми нивната самодоверба. Понекогаш, дури и најмалото чувство на постигнување може да отвори нови хоризонти во личниот развој. Верувам дека креативниот ангажман ќе ги охрабри да размислуваат на нови начини, да најдат решенија и да се соочат со предизвиците кои ги очекуваат со повеќе оптимизам и верба во сопствените способности.

Анета Ристеска

Во светот на модата, креативноста често се поврзува со гламур. Но, за дизајнерката и активистка Ирина Тошева, таа има и подлабоко значење – можност за промена и нов почеток.
Низ својата најнова иницијатива, таа внесува надеж зад ѕидовите на Казнено-поправната установа „Идризово“, каде што на осудените жени им помага да стекнат практични вештини и да создадат нови можности за себе. Потфат кој значи чекор кон лична трансформација и економска независност за жените кои наскоро ќе ја започнат својата втора шанса во општеството.
Целта е преку обуки, креативен ангажман и изработка на готови производи да им се овозможи на осудените жени да стекнат и усовршат нови вештини, кои ќе им помогнат да станат поконкурентни на пазарот на трудот по нивното ослободување.

„Преку учење и креативен ангажман, жените ќе развијат вештини кои не само што ќе придонесат за нивниот личен развој, туку и ќе им дадат чувство на исполнетост“, истакнува Тошева.

Покрај вложените време и ресурси, иницијативата повикува на поддршка од заедницата за обезбедување материјали и машини, со цел овој потег да ги донесе посакуваните промени.

За овој чекор кај нас, кој освен што ги поттикнува личниот развој и самодовербата кај таргетираните лица, туку и отвора врати за подобри можности во иднината, разговараме со Ирина Тошева.

Што ве мотивираше да ја започнете оваа иницијатива, и како ја гледате нејзината улога во поддршката на осудените жени во нивниот пат кон нов почеток?

Осудените лица во КПУ „Идризово“ имаат ограничени можности за развој на практични вештини, па одлучив дека треба да направиме нешто за да им дадеме поддршка и шанса за нов почеток. Верувам дека секој заслужува втора шанса, а преку оваа иницијатива, овие жени ќе можат да научат нови вештини кои ќе им помогнат да изградат подобра иднина по нивното ослободување. Моето лично искуство со креативните проекти покажа дека преку такви процеси може да се создаде промена, не само во општеството, туку и во личниот развој и самодовербата на поединците. Оваа иницијатива ќе постави темели за создавање на социјално претпријатие, кое ќе биде самоодржливо и ќе им овозможи економска независност на осудените жени по нивното ослободување.

Кои вештини и знаења ги пренесувате на жените кои учествуваат во оваа програма, и како овие обуки ќе придонесат за нивната реинтеграција во општеството?

Главниот фокус на обуките е стекнување практични вештини на кроење, шиење и везење, кои ќе можат да ги применуваат во својата иднина. Покрај техничките вештини, ќе се работи и на развивање на одговорност, тимска работа и создавање на работни навики, сите овие се клучни за нивна поуспешна реинтеграција во општеството по ослободувањето. Тука е секако и финансиската мотивација, бидејќи дел од заработката од продажбата на производите ќе оди директно кај нив, што ќе претставува одредена сигурност и економска поддршка. Целта е да ги направиме поконкурентни на пазарот на трудот, но и да им дадеме чувство на исполнетост и вредност преку нивниот труд, што ќе помогне да го изградат својот идентитет како самостојни и способни жени.

Како ја замислувате улогата на креативниот ангажман во процесот на личен развој и самодоверба кај учесничките?

Креативниот процес може да биде моќен начин за самоизразување и личен раст. Преку создавањето на конкретни производи, жените ќе можат да видат како нивниот труд резултира со нешто опипливо и вредно, што значително ќе ја зголеми нивната самодоверба. Понекогаш, дури и најмалото чувство на постигнување може да отвори нови хоризонти во личниот развој. Верувам дека креативниот ангажман ќе ги охрабри да размислуваат на нови начини, да најдат решенија и да се соочат со предизвиците кои ги очекуваат со повеќе оптимизам и верба во сопствените способности.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате при обезбедување на материјали, машини и поддршка за планираните активности, и како заедницата може да помогне?

Оваа иницијатива ја водам без поддршка од грантови, што е предизвик сам по себе. И покрај тоа, охрабрувачки е што неколку индивидуалци веќе донираа финансиски средства и текстилни материјали, а имаме и најавена донација од фабрики и модни дизајнери кои ќе обезбедат материјали за работа. Сепак, најголемите предизвици се недостатокот на машини за шиење, кои се клучни за да можеме да започнеме. Освен тоа, просторот за работа би требало да се реновира, дури и ако тоа значи само основно молерисување и подобрување на осветлувањето. Затоа, ги повикувам заедницата и општествено одговорните компании да помогнат, секој придонес е важен за да создадеме пригодни услови за работа. Моите контакти се лесно достапни преку социјалните мрежи и веб страницата, и сите кои сакаат да помогнат се добредојдени.

Фото: Ерина Богоева

Напишете коментар