Актуелно, Доза вести

Овој петок, во Струга: Вклучи свест, исклучи стигма! Да зборуваме за менталното здравје!

Време на читање: < 1 минута

„Вклучи свест, исклучи стигма! Зборувај за менталното здравје“ е насловена работилницата, која во петок, 19 јули, ќе се случува во просториите на Здружението на граѓани „Аква“ во Струга, во 18 часот.

Настанот е во организација на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ во партнерство со „Аква“, и има за цел да го подигне нивото на свесност за менталното здравје и да ги намали стигмите поврзани со оваа тема.

Како да се намали стигмата за менталното здравје, особено кај младите? На кои начини треба да се крева јавната свест? Како да се подобри пристапот до услуги за ментално здравје? Како можеме да си дадеме поддршка едни на други? Кои се позитивните примери од мојата заедница?

Ова се само дел од прашањата кои ќе бидат во фокус на средбата, а сите собрани информации ќе се употребат за креирање на содржини и иницијативи кои ќе придонесат за унапредување на менталното здравје, превенција, градење јавна свест и намалување на стигмата која го следи.

Главната интенција на средбата е да споделат искуства и решенија за различни предизвици поврзани со менталното здравје, особено кај младите, како и да се подобри пристапот до услугите за менталното здравје. Случувањето ќе биде можност да се споделат и позитивни примери од различни заедници и решенија кои можат да се применат во процесот на подобрување на квалитетот на животот.

Според Светската здравствена организација, менталното здравје се дефинира како „добросостојба во која единката ги реализира своите потенцијали, може да се справува со нормалните животни стресови, работи продуктивно и придонесува во заедницата“.
Нарушеното ментално здравје, пак, се поврзува со низа социјални неповолности – злоупотреба на основните човекови права, влошено физичко здравје, намалена продуктивност и зголемен ризик од сериозни психијатриски заболувања.

За повеќе информации и регистрација на настанот, можете да се обратите на [email protected] или да нe’ следите социјалните мрежи на „Лице в лице“
https://www.instagram.com/licevlice/
https://www.facebook.com/LiceVLice

photo: Freepik

Напишете коментар