Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ќе одржи панел-дискусија на тема „Важноста од родовата еднаквост за спречување на насилството врз жени и девојчиња“, која ќе се одржи утре, (на 29 ноември 2024 година), во Јавна соба, Скопје, со почеток во 13 часот.
Настанот ќе се фокусира на тоа како родовата еднаквост може да помогне во искоренувањето на насилството врз жените и девојчињата. Ќе се разгледаат клучни теми, меѓу кои се разликите во платите меѓу мажите и жените, работничките права, предизвиците со кои се соочуваат жените во руралните средини, пристапот до права и услуги, како и улогата на социјалното менторство во зајакнување на жените.
Меѓу говорничките ќе биде и Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“. Нејзината презентација ќе биде посветена на социјалното менторство и економското јакнење на жените, особено оние кои се жртви на родово базирано и семејно насилство.
Други учеснички, исто така, ќе зборуваат за важни аспекти на родовата еднаквост, вклучувајќи аспекти за:
- Родовиот јаз во платите, со излагање од Ана Бојчевска Митревска од организацијата „Реактор – Истражување во акција“
- Работничките права на жените, тема на Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет
- Предизвиците за жените земјоделки, за кои ќе зборува експертката Неда Чаловска Димовска
- Врската меѓу родовото насилство и родовата еднаквост, за која ќе говори Елена Димушевска од Националната мрежа
Панел-дискусијата ќе заврши со интерактивна сесија за прашања и одговори, со цел размена на мислења и искуства меѓу учесниците.
Организаторите ги покануваат сите заинтересирани, особено претставници од локалните самоуправи, социјалните служби и комисиите за еднакви можности, да присуствуваат на овој важен настан и да придонесат за продлабочување на дискусијата.