Платформата за креативен дијалог и критичко размислување „Книжевни рефлексии“ ја започна својата мисија за поврзување на британската и македонската книжевност и култура со првата дебата на тема „Книжевноста како браник на слободата“ во Институтот за македонска литература во соработка со Британската амбасада во Скопје.
Авторката и раководителка на проектот, Ана Јовковска, вели дека целта на платформата „КНИЖЕВНИ РЕФЛЕКСИИ“ е преку културна репрезентација, дијалог и едукација да се раздвижи културата на дебата и да се поттикне активно учество на локалната научна и културна заедница во градењето на слободно, отворено и креативно општество.
Преку дела на култни и современи британски автори кои со својата културно-историска важност одиграле голема улога во креирањето на современите теории и светогледи се адресираат важни општествени прашања: слобода на говор, цензурирана книжевност, глас на маргинализираните, родова еднаквост, уметност, културна продукција, критичка теорија, медиумска култура и друго.
Во првата дебата насловена „Книжевноста како браник на слободата“ се обработија неколку тематски целини: Цензурирана книжевност; Слобода на говор; Гласот на маргинализираните. Автори во фокусот беа Јан Мекјуан, Џорџ Орвел, Олдос Хаксли, Салман Ружди, Оскар Вајлд, Марк Хадон, Керол Ен Дафи и Дејвид Херберт Лоренс.
Панелисти во дебатата беа Метју Лосон, Амбасадор на Обединетото Кралство, кој во голем дел од дебатата зборуваше на македонски јазик, проф. д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институт за македонска литература,проф. д-р Гоце Смилевски, писател и универзитетски професор, проф. д-р Александар Прокопиев, писател и универзитетски професор.
Во интерактивната дебата учествуваа и голем број писатели, уредници, издавачи, преведувачи и професори меѓу кои: Соња Стојменска-Елзесер, актуелна добитничка на наградата за најдобра есеистичка книга за 2022 г., Тодорче Тасевски, директор на Струшките вечери на поезијата, Владимир Мартиновски, универзитетски професор и автор, Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар на македонски јазик, литература и култура при УКИМ и актуелна добитничка на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, Лидија Капушевска-Дракулевска, универзитетска професорка и книжевна критичарка, Ѓоко Здравески од Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), Жарко Кујунџиски, издавачка куќа „Антолог“, Билјана Црвенковска, издавачка куќа „Чудна шума“, Игор Анѓелков, издавачка куќа „Или-или“, Милан Дамјановски, универзитетски професор и преведувач, Јасмина Василева, актерка и други.
Литературата ја има моќта да го пренесе внатрешниот дијалог на луѓето, да ги прикаже промените во општеството преку она што се одвива во душата на еден човек, забележа британскиот амбасадор Метју Лосон.
– Во британски контекст книгата која најчесто се поврзува со цензура е „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел. Интересно е да се спореди зошто „Животинска фарма“ и зошто „Љубовникот на Леди Четерли“ од Д. Х. Лоренс биле забранети и во каков контекст. Причината зошто беше забранета „Љубовникот на Леди Четерли“ беше намерата на писателот да даде уметнички израз на најинстиктивните карактеристики на човековата природа, додека големиот успех на „Животинска фарма“ е тоа што го отвора прашањето за моќта и како таа влијае на меѓучовечките односи, како се користи за манипулација, за пропаганда, во крајна линија и за контрола – рече амбасадорот Лосон.
Директорката на Институтот за македонска литература проф. д-р Наташа Аврамовска посочи дека тоа што денеска го читаме и за што дебатираме зависи од актуелниот комуникациски миг.
– Читањето се менува, зависно од парадигмите. Ние денес живееме во тој период на интерпретациски пресврт после 80-те кога политичкото, етичкото и естетското се преплетуваат… ние така и читаме. Нашето денешно читање и нашиот денешен разговор е одреден од актуелниот комуникациски миг што го живееме и апсолутно не можеме да побегнеме од тоа – рече проф. д-р Аврамовска.
Писателот Гоце Смилевски се осврна на гласот на маргинализираните преку приказна за дете со аутистичен спектар, преиспитувајќи ги односите на моќ, различност и емпатија. И професорот и писател Александар Прокопиев се надоврза на темите за слобода, пропаганда, цензурирана книжевност, моќта на уметноста, хипнотизирачката забава и политичката контрола.
Модераторката Јовковска најави дека следната дебата, којашто ќе се одржи на крајот од месец март, ќе биде посветена на родовата нарација во британската книжевност, родовата критичка теорија, како и рецепцијата на женските слободи и права во локалната средина.