По 40 години, нешто ново од „Бушава азбука“ – „Буквождер“ пристигнува на 8 ноември
„Буквождер“ е нова македонска анимирана серија за деца која ја слави магијата на јазикот, пријателството и заедништвото. Нашите мали херои, Дарија, Марко и Филип заедно со нивниот чудесен сојузник бувчето Ѕе, тргнуваат во авантури полни со хумор, музика и корисни знаења за јазикот и секојдневниот живот. Секоја епизода носи нова мисија и јасна поука, за да биде подеднакво интересна и за децата и за возрасните.
– Многу сум среќен дека конечно „Буквождер“ ќе ја доживее својата премиера. Проект кој е работен со многу љубов и феноменална екипа на која сум многу горд. Носиме свежа и многу потребна забавно-образовна содржина за деца! – изјавува Георги М. Унковски, режисер и продуцент.
Во годината кога се одбележуваат 40 години од првото емитување на „Бушава азбука“, копродукцијата на „2БА Продукција“, раскажувачкото студио „Види Вака“ и МРТВ со емисијата „Буквождер“ го отвора новото официјално поглавје од проектот „Бушав свет“.
Првата епизода од анимираната серија „Буквождер“ ќе биде емитувана премиерно на 8-ми ноевмри во 20:15 часот на МРТВ и јутуб страницата на „Бушава азбука“, како и на каналите на Види Вака, а сè со цел да стигне до што е можно повеќе деца и родители во Македонија и дијаспората.
– Оваа едукативна авантура има за цел да поттикне љубопитност кај децата и кај возрасните, но и да ги поврзе световите на „Бушава азбука“ и „Буквождер“. Исто така, има за цел да си ги вратиме бушавите букви дома преку една нераскажана приказна што ќе пополни една голема празнина од 40 години и ќе нè одведе поблиску до реализација на „Бушав буквар“, последното дело на Горан Стефановски и играно продолжение на „Бушава азбука“. Со емитување на МРТ и паралелна дистрибуција на нашите социјални мрежи, ја правиме серијата достапна, бесплатна и блиска до семејствата. – вели Горан Игиќ, продуцент на „Буквождер“ и коосновач на „Види Вака“.
Првата сезона од „Буквождер“ има 10 епизоди. Покрај серијата, планирани се и дополнителни содржини како песни, едукативни видеа, сликовници, игри за развој на креативноста и слично.
Гласовите на Дарија, Марко и Филип ги позајмуваат актерите Ивана Павлаковиќ, Дамјан Цветановски и Ангела-Александра Ивановиќ, а сценариото е на Калија Киселичка. Режисер и продуцент на серијата е Георги М. Унковски, Томи Џуровски е уметнички директор, дизајнот на звук е на Сашко Поттер Мицевски, кодизајн на звук е на Марко Наумовски. Тимот аниматори го сочинуваат: Горан Менков, Никола Димов и Дамјан Михаилов, а монтажата е на Марјан Николовски. Композитор на музиката е Георги Шарески. Продуценти на серијата се Горан Игиќ и Мите Кузевски.
Илустрација: „Види вака“
- Интервју со Ѓорѓе Јовановиќ: „Не зборувам наместо нив, туку со нив“ – Уметност што ги прави невидливите видливи
- Став на социјалната менторка Магдалена Чадиноска Кузманоски: 16 дена активизам, 365 дена институционална тишина
- Започнуваат активностите на проекти што ќе поддржат над 1000 млади низ Северна Македонија
- Циркуларен понеделник 2025 против Black Friday – Ајде да ја смениме прекумерната потрошувачка!
- Расипан прозорец од патарини, но полни срца од приказни: Жеровјане покажа колку е силна локалната енергија