Подобрување на пристапот до лекови – фокус на претстојната конференција за здравство
„Подобрување на пристапот до лекови“, е едно од фокусните прашања на претстојната конференција за здравство што ја организира Комитетот за здравствена заштита на AmCham, кој обединува членови од иновативни и генерички фармацевтски производители, дистрибутери, аптеки и дигитални здравствени компании.
Целта на настанот, кој ќе се случува на 25 ноември, е да се соберат на едно место носителите на одлуки, здравствените работници и експерти, индустријата, организациите на пациенти, меѓународните организации, универзитетите, граѓанските организации, медиумите и сите други релевантни чинители и да ги повикаат да ги понудат своите ставови и препораки за овие теми.
Ова е првиот чекор во процесот на континуирана соработка помеѓу повеќе засегнати страни за да се извади на површина важноста на пристапот до лекови како приоритетна тема на здравствената политика и да се работи на конкретни, остварливи решенија за надминување на итните прашања и подобрување на севкупниот здравствен систем во Северна Македонија, велат организаторите.
Податоците и статистиките на национално ниво се неопходни за адекватно планирање на ресурсите и обезбедување на квалитетни здравствени услуги, а овие податоци недостасуваат, додаваат тие.
Кога станува збор за поставување на правилата за пристап до лекови, Северна Македонија, како земја на патот кон членство во Европската Унија, е обврзана не само да ги усогласи националните правила со правото на ЕУ, туку што е уште поважно, да ја постигне нивната практична имплементација на целите поставени со рамката на ЕУ. Справувањето со овие прашања бара системски пристап и сеопфатна дискусија меѓу сите засегнати страни со цел да се идентификуваат најдобрите решенија и да се дадат препораки за креирање политики, се вели во најавата за конференцијата.
Меѓу темите кои ќе се најдат на дневен ред, како приоритетни се наведени:
1. Преиспитување на финансисирањето на лекови, со акцент на одржливост како предуслов за подобар пристап во здравствената заштита.
2. Последиците од задоцнет пристап до лекови
3. Искористување на податоци за подобра здравствена заштита
4. Градење пат кон квалитетна здравствена заштита: ЕУ усогласеност за јавните набавки на лекови
Овие прашања, со акцент на пристап до лекови, се дел и од актуелното издание на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, кое е подготвено со поддршка на „Рош“, под слоганот „Да го вратиме здравството на здрав пат“.
Линк до агендата на настанот.