Поети, јутубери, инста блогери – здружно во продажба на новогодишното издание на „Лице в лице“
Поезија, рапување, дружење, мотивирање, поттик, видливост, се главните елементи со кои наши поети, инстаблогерки и јутубери ги поддржуваат продавачите на „Лице в лице“ во продажбата на новиот 48. број, што ја носи темата: партнерства за развој и позитивни промени.
Поетите Ана Голејшка Џикова и Горазд Кени изминативе се приклучија во акцијата „Лице в лице предизвик“, преку која, на граѓаните, заедно со продавачите, им го понудија најновото новогодишно издание, и тоа на фреквентните места низ Градскиот парк, Плоштадот, Дебар Маало, Лептокарија… Со ваквиот потег, овие млади, креативни луѓе, влијаат на мотивацијата на продавачите, но, и покажуваат дека со заеднички делувања, партнерски, може да се соочиме со предизвиците што ги донесе пандемијата.
– Откровение е да продавате „Лице в лице“ во токму таква релација, лице в лице. Тоа не е само продажба, туку размена на енергија. Продавав со Неџат, кој ме освои „на прва“, отворен, комуникативен, скромен. Сфатив колку е предизвикувачки да сте постојано на терен, да сте љубезни, да внимавате на пристапот, но и истовремено да не губите мотив кога луѓето нема да купат примерок. Одличен сончев ден, полн со впечатоци и заокруен како што доликува на двајца поети/перформери – со фристајл рап, во кој ни се придружија и продавачите. Беше забавно и срцегреачко! Секој треба да „влезе во чевлите“ на еден уличен продавач за да ја види целосната слика! – сподели Ана Голејшка Џикова, голем поддржувач на платформата за одржлив развој, „Лице в лице“.
И познатиот јутубер Стефан Лазаров, со новиот број, „од прва рака“ ќе доживее како е да си лицето на „Лице в лице“.
Тој, заедно со Кристијан Марковски, продавач на списанието, ќе биде во униформата на „Лице в лице“ нудејќи го списанието на граѓаните во Скопје. Нивната дружба ќе опфати и еден социјален експеримент, кој ќе ја вклучи и публиката, а целта е подобро запознавање, меѓусебно разбирање и подддршка.
Во низа активности на „Лице в лице“ овој период се вклучија и инстаграм блогерките, вљубенички во природата, Марија Ѓурчиновска, Стефанија Видовски и Марија Старделова.
Најновото издание на „Лице в лице“ како тема во фокус го има креирањето партнерства за развој и позитивни промени, со придобивки за сите граѓани. Носечка порака е дека меѓусебнтата релација и заедничките напори на бизнисот, владите и граѓанските организации, е предуслов за создавање одржливи и праведни општества.
– Ништо по пандемијата на ковид-19 нема да биде исто. Годинава ја заокружуваме со екстремна сиромаштија кај околу 150 милиони луѓе на глобално ниво, па затоа тенденцијата е реосмислување на капитализмот, но и реосмислување на општествените системи, кои мора да се развиваат за да се соочат со последиците од претходните технолошки револуции што создадоа длабока нееднаквост и штета за животната средина. А, во исто време, општествените системи треба да обезбедат соодветни одговори на тековната криза и транзиција кон новата улога на бизнис-секторот во создавањето одржлива економија. Во согласност со ова, целта и на петтата револуција е воспоставување нова, генеративна симбиоза меѓу развојот на човештвото и поширокиот еколошки и економски систем – вели Климентина Илијевски, главната и одговорна уредничка на „Лице в лице“, и извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, (издавач на „Лице в лице“), Климентина Илијевски, која посочува дека подобри општества се можни само преку градење партнерства.
Насловната страница на новогодишното издание на „Лице в лице“ е на фотографот Томислав Георгиев, а на кавер страницата за рубриката „И јас читам Лице в лице“, се наоѓа режисерката и сценаристка, Дина Дума, чиј филм „Сестри“ е македонски кандидат за Оскар за најдобар меѓународен филм за 2022 година.
„Лице в лице“ е улично списание (социјално претпријатие за работна интеграција) кое излегува од септември 2012 година..
Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот (доколку го купите списанието директно од продавач на терен или преку неговата веб продавница), или се вложува во инклузивни програми како поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд.
Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, печатење на списанието, развој на платформата за одржлив развој.
Списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – одржлив развој, социјална вклученост, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на списанието.