Актуелно, Доза вести

Помеѓу духовноста и сензуалноста: Прва самостојна изложба на Александар В. Бранковиќ во Скопје

Време на читање: 2 минути

На 14 февруари, бифе „Тафталиџе“ во Скопје ќе биде домаќин на првата самостојна изложба на Александар В. Бранковиќ, роден во Скопје, кој своето детство го поминал во Мајданпек, а денес живее и твори во Белград.

Тој е магистер по современа уметност на Ликовната академија во Белград, познат по своите длабоки филозофски и апстрактни визии, преку кои ја истакнува „тивката фрактура“ во денешното општество – раздвојувањето на духовноста и сензуалноста, непостоењето на „големи приказни“ и прекинатата поврзаност меѓу човекот и светот.

Преку изложените дела, Бранковиќ го истражува постмодерниот начин на живот, каде што реалноста станува недофатлива за еднозначни дефиниции. Тој смело посочува дека сè поретко се потпираме на универзални вредности или стабилен „центар на гравитација“. Наместо тоа, уметникот ги презема конкретните елементи од секојдневието, нудејќи критички осврт кон општествените условености и наметнатите тези.

Во неговите слики се опипливи две паралелни временски димензии: Личната (субјективната) и колективната (реалната), кои се испреплетуваат во нарацијата на делата, создавајќи повеќеслојна смисла. Постојано проширување на значењето: Секое дело има првобитна идеја, но се надополнува со нови визуелни и симболични слоеви, кои го отсликуваат трајниот судир меѓу индивидуалните и универзалните вредности. Духовни и интелектуални паралелизми: Бранковиќ посочува дека живееме во „системски колапс“, каде што паралелно постојат духовни барања и интелектуални парадигми, а уметноста треба да опстане како „место“ каде што тие дисонанци се соочуваат.

Во оваа прва самостојна изложба во Скопје, Бранковиќ ни ја претставува својата уникатна способност да спои филозофска рефлексија со естетска провокација.

Неговите дела се одликуваат со интензивна експресивност: Контрастни бои и линии кои ја истакнуваат напнатоста меѓу внатрешниот и надворешниот свет на современиот човек. Симболичен наратив: Зад енергичните композиции се крие потсетување дека „смиcлата“ е тешко достижна, дека сме „само изгубени градби“ во светот на плурални ставови. Бунтовен дух: Уметникот се спротивставува на ограничувањата и ги исмева стереотипите, охрабрувајќи го гледачот да размисли за сопствената позиција и за можноста да се (пре)пронајде.
Oтворањето на изложбата е закажано за 14 февруари во 19 часот, во бифе „Тафталиџе“, Скопје.
Преку длабоки емотивни слоеви и филозофски пораки, оваа изложба е покана да го преиспитаме сопствениот однос кон реалноста, времето и духовните вредности.

Напишете коментар