Помошта е дар ограничен со време и со околности
Заемната зависност е здобиено однесување, кое може да се пренесе од колено на колено. Познато е како „релациска зависност“ бидејќи е состојба на емоции и на однесување, која влијае на човековата способност да одржи здрав однос што дава смисла и исполнетост
Кога би се обиделе да направиме разлики меѓу зрело и зависно давање меѓу партнерите и меѓу родителот и детето, тие би ја вклучиле помошта што ја дава зависниот и е, всушност, преземање одговорност за човек што самиот може, но не презема одговорност за себе. Преземањето одговорност воспоставува контрола над другиот. Зрелата помош не презема туѓа одговорност, таа му помага на човека да преземе одговорност за себе.
Зрелата личност се чувствува добро и кога никому не му помага и кога му помага, а зависната се чувствува празно без луѓе со потреби околу себе. Зрелата личност има алтернативни облици на смисла, на давање и на примање, кои не зависат од една личност.
Кога некому му е потребна помош, зрелата личност го дава тоа што треба, се трга кога помошта веќе не е потребна и не се жртвува себеси – помошта е дар ограничен со време и со околности и не го уништува дародавецот. Зависната личност го дава тоа што зависноста на тој што има потреба го бара (без оглед на тоа дали е тоа добро или не, на пр. алкохол), останува да помага и кога помошта не е ни барана ни потребна и најисполнета е кога се перципира дека се жртвува себеси за некого. Во патолошки случаи, зависниот помагач може и несвесно да му одмага на тој кому му е потребна помош, за зависноста од помош да трае подолго.
Зрелата личност е опкружена со независни луѓе на кои не им е вообичаено потребна помош. Зависната личност е магнет за зависни луѓе на кои им е постојано потребна помош.
Степен на зависност во меѓусебните односи
Ако сакате да го одредите степенот на зависност во одредена блиска врска (при што „другиот“ е: партнер, дете, родител), прашајте се:
- Дали ми се јасни моите потреби?
- Дали му ги соопштувам лесно, јасно и директно на другиот?
- Дали имам проблем да му кажам „не“ без лоши последици?
- Дали користам закани, молк, дистанца, лутина, прекор, потсмев, презир или, пак, одбивам да дадам секс, пари или храна, кога другиот не ми ги исполнува потребите?
- Дали сакам на другиот да му бидам секогаш сè?
- Дали сакам друг да ми ги решава проблемите?
- Дали уживам во решавање на туѓите проблеми?
- Дали нудам совети без да ме прашаат?
- Дали „паѓам“ на луѓе на кои им требам?
- Дали ми е неопходна помош, водство или заштита?
- Ако другиот ме повреди, дали му го дозволувам тоа?
И откако искрено си ги одговоривте прашањата, прочитајте ги и одговорете уште еднаш, како да сте тој другиот во вашата блиска врска, од негова перспектива во однос на вас (на пример, дали му дозволувате на другиот слободно и без казна да ги искаже своите потреби итн.).
Јасно е дека потврден одговор на прашањата индицира степен на зависност во односите. Истите прашања можете да ги искористите како водилки за созревање на своите зависни аспекти, како и за тема за дискусија со близок човек. Колку и да ни е здрава и убава и долга врската, секогаш е добро да се освежат основите!
Тој што контролира зависи од контролираниот, и обратно
Зависните врски се истражуваат во психологијата под термините „симбиотски врски“, „вмрежени врски“ или, на англиски „co-dependent relationships“, како и „enmashment“ (исто и јазлосани, замрсени врски, или „entanglement“).
Терминот „симбиоза“ ја нагласува заемноста на зависноста во задоволување на потребите еден на друг. Терминот „вмреженост“ се однесува на отсуство на лични граници меѓу две личности во зависна врска. „Јазлосаноста“ ја опишува замрсената испреплетеност на потреби предадени на другиот да ги исполнува.
Теориите околу зависните врски се концентрираат на карактеристичната заемна контрола, при што тој што контролира зависи од контролираниот, и обратно. Оваа контрола се состои во преземање одговорност за друга личност и кога другата личност е способна да преземе одговорност за себе. Најчест облик на контролирање на други преку преземање контрола е принудно, компулсивно давање, заедно со принудно земање. Иако често во зависните врски еден доминира, а над другиот се доминира, обајцата меѓусебно се контролираат и се поддржуваат во нездравите однесувања и на обајцата им е неопходен другиот за да се чувствуваат цели.
Дефинициите за зависност се толку широки што секој ќе се најде во нив. „Додека сите сме емотивно зависни од други во одредена мера, кога донесуваме одлуки спротивни на нашите вредности за да избегнеме одбивање или лутина, создаваме заемнозависна динамика во семејниот систем“.
Типично, луѓето склони кон заемнозависни врски имаат слабо развиен однос кон себеси, а според тоа и кон другите луѓе. Нивната личност е конгломерат од тоа што им треба на другите од нив, дестабилизиран со празнината на своите потреби, кои тие им ги предале на други да ги исполнат. Не се автентични, не се свои.
Понатаму, „заемната зависност е здобиено однесување, кое може да се пренесе од колено на колено. Познато е како „релациска зависност“ бидејќи е состојба на емоции и на однесување што влијае на човековата способност да одржи здрав однос што дава смисла и исполнетост. Заемнозависните врски се често емотивно деструктивни и злоупотребуваат“.
Тоа што ги прави опасни е нивниот љубовен аспект: систематски и со чиста совест може да се уништува саканото битие, во име на љубовта, на самопожртвуваноста, посветеноста, грижата и на добрината.
(Текстот е извадок од анализата „Заемнозависни партнерски врски; Родители и деца во заемнозависен однос; Анекс: Психосоматика“)