Порака Нова и „Јахја Кемал“ во Струга против говорот на омраза и лажните вести
Партнерската организација на „Лице в лице“, „Порака Нова“ од Струга, организира струшка промоција на новото издание, која ќе се одржи утре, 28.09.2021 година, со средношколците од колеџот „Јахја Кемал“ во градот покрај Дрим.
На настанот, ученици и професори од колеџот, заедно со Стефан Малески и со Игор Шајноски од „Порака Нова“, ќе разговараат на темите кои се во фокус на новото издание на уличното списание за одржлив развој и ќе се обидат да споделат знаења, предизвици, но и начини на делување против говорот на омраза и лажните вести.
Настанот е дел од кампањата „Проверувај, па верувај“, која се одвива во склоп на проектот „Лице в лице со дезинформациите и со говорот на омраза“, чија главна цел е соодветен одговор на овие негативни појави, преку поттикнување на контранаративи кои ќе го намалат нивното влијание врз публиката.
Во партнерство со „Порака Нова“ од Струга, „Паблик“ со овој проект има интенција да ги зајакне капацитетите на локалните граѓански организации, локални медиуми и медиумски работници, и општо, граѓаните во општина Струга – за медиумската писменост и критичко размислување, како клучни во оваа нерегулирана информациска и дигитална ера.