Повик за протест по трагичната несреќа во која загина 22-годишната Фросина Кулакова
Во знак на протест против честите сообраќајни несреќи со смртен исход, денес, во 13 часот, граѓани ќе се соберат на булеварот „Партизански одреди“, кај „Силбо“. Повод за протестот е трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова која беше прегазена пред два дена.
Според информациите од Обвинителството, 20-годишниот возач В.Ј., кој ја усмрти Фросина, возел под дејство на алкохол, без возачка дозвола, со голема брзина и поминал на црвено светло додека девојката го поминувала булеварот на обележан пешачки премин. Судот му одреди 30-дневен притвор.
Дополнително, Обвинителството информираше дека В.Ј. претходно бил обвинет за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во текот на постапката за овие дела, тој бил во притвор, но по одлука на скопскиот Кривичен суд, притворот му бил укинат и бил упатен во воспитно-поправниот дом во Тетово.
Протестот има за цел да ја изрази загриженоста на граѓаните и да повика на одговорност и системски промени во сообраќајната безбедност.