Повик за учество во тренинг програма – избор на социјални ментори (ментори за работна интеграција)
Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, објавува Повик за за учество во тренинг програма – избор на социјални ментори (ментори за работна интеграција).
Сите детали може да ги најдете подолу во текстот, или, пак, на линкот.
Рокот за аплицирање е 11 јули, 2021 година.
Coдржина
1.Информации за проектот и за ПАБЛИК
2.Опис на едукативната програма
Методологија на едукативната програма
3.Цели и активности на обуката
4.Работни задачи на учесниците во обуката
5.Очекувања од учесниците во обуката
6.Период на ангажман
7.Потребни квалификации за учество во обуката
Останати компетенции
8.План за обука
9.Предности за избраните кандидати
10. Процедура за аплицирање
1.Информации за проектот и за ПАБЛИК
Проектот „Регионално унапредување на социјалното менторство како пристап за активирање на пазарот на трудот за ранливите лица“ има за цел да го интегрира моделот на социјално менторство/менторството за работна интеграција во системите на социјална заштита во Македонија и во Западниот Балкан, како и да ја подигне свеста за потребата од подршка во процесите на работна интеграција на ранливи лица и нивно следење во процесот на работа, од страна на социјални ментори (ментори за работна интеграција). Го спроведува Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ во партнерство со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
Иницијативата е резултат на долгогодишната работа на „Паблик“, на полето на работна интеграција преку уличното списание „Лице в лице“ кое го продаваат лица од ранливи групи и кое го користи социјалното менторство во поддршка на продавачите да се интегрираат на отворениот пазар на труд.
Во првата половина на 2021 година во регионот (Македонија, Косово, Албанија, Србија и Босна и Херцеговина) се едуцираше првата генерација социјални ментори, а во исто време се сензитизираше јавноста и важните актери за потребата од иновации и експериментирање во системите на социјална заштита.
Во втората половина на 2021 година ќе се едуцира втората генерација социјални ментори во рамките на двогодишниот проект.
Менторот за работна интеграција е препознато занимање во Македонија, а едукативната програма за социјално менторство е верификувана од страна на Центарот за образование на возрасни во нашата земја.
Инициран од Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, Канцеларија во Скопје.
2.Опис на едукативната програма
Дизајнот на едукативната програма за ментори за работна интеграција е воден од потребата да се создадат нови профили на работни места во областа на социјалната заштита и социјалните услуги насловени како социјален ментор или ментор за работна интеграција, кои во моментов не постојат, ниту во граѓанскиот сектор, ниту во јавните институции. И во двата сектора има искуство и знаење, кое не е интегрирано во структурниот менторски пристап и оперативното управување со процесот на работна интеграција на ранливите луѓе.
Создавањето на овој профил на работни места не е невозможно. Оваа едукативна програма е првиот чекор во таа насока. Таа ги зема во предвид специфичните стилови на учење на овој профил на работа и е изградена врз принципот на „општо“ до „специфично“, почнувајќи од општите теми за социјална заштита, вработување и други права што произлегуваат од рамките за социјална заштита и вработување, преку опис на процесот на менторство во работна интеграција и применети алатки за проценка, до теми поврзани со „градење професионалци во улога на социјален ментор“, водење на овој профил во длабочината на стекнатото знаење и неговата примена.
Методологија на едукативната програма
Едукативната програма користи неколку методи на учење: методи на објаснување и информативно-рецептивни и репродуктивни методи – решавање на проблеми, учење со искуство со вежбање на стекнатото знаење во работата со избрани корисници на ранливи групи како примери од реалниот живот (реална апликација) како и поттикнување на истражување во рамките на темите. Предавања, дискусии, индивидуални домашни задачи, групни работи, студија на случај се некои од техниките на пренесување и примена на знаење. Со оглед на околностите со пандемијата, образовната програма ќе искористи онлајн учење преку платформите MOODLE и ZOOM каде менторот делумно учи преку испорака на наставна содржина и инструкции преку дигитални и онлајн медиуми со елемент на студентска контрола во динамиката на исполнување на домашните задачи.
3.Цели и активности на обуката
Во рамките на проектот, ќе се спроведува едукативната програма преку обука за социјални ментори/ментори за работна интеграција за 10 лица. Целта на обука е да се изградат вештини и капацитети на стручен персонал (на пример, социјални работници, психолози, дефектолози, советници за кариера итн.) за практикување на социјално менторство“со нивните корисници и да размислуваат за можности за работна интеграција за нивните корисници/целни групи, и тоа, внатрешно и/или преку соработка со приватни компании и/или јавни институции.
Обуката се состои од пет модули распределени во следниот временски период.
Табела 1: Распоред на модули
Модул | Опис на модул | Временска рамка |
Предмодул | Ориентација и запознавање | 10.08.2021 |
Прв модул | Модул 1: „Подготовка на процесот за менторирање со лица за работна интеграција“ | 17.08 и 18.08.2021 |
Втор модул | Модул 2: „Модели на менторирање, клучни актери и комуникација во процесот на менторирање на лица за работна интеграција“ | 31.08, 01.09 и 02.09.2021 |
Трет модул | Модул 3: „Менторирање, мониторирање и евалуација на процесот на менторирање“ | 14.09 и 15.09.2021 |
Четврти модул | Модул 4: „Посредување на менторот помеѓу менторираното лице и бизнис секторот | 26.10 и 27.10.2021 |
Петти модул | Модул 5: „Евиденција и документација во процесот на менторирање на работна интеграција. Евалуација на програмата. | 07.12.2021 |
4. Работни задачи на учесниците во обуката
Избраните учесници во обуката, како дел од процесот на едукација ќе треба да работат индивидуално со менторирани лица во простории кои што обезбедуваат приватност и доверливост на изнесените податоци или на терен доколку тоа го налагаат потребите на процесот на менторирање и епидемиолошките услови во земјата со КОВИД-19 пандемијата. Учесниците во обуката ќе стекнат теоретски знаења кои во практична апликација во работа со две (2) менторирани лица кои се од ранлива категорија на граѓани ќе треба да ги применат. Работните задачи вклучуваат:
Анализа на потребите и барањата за вработување на две (2) менторирани лица, земајќи ги предвид претходните работни искуства, бариери и проблеми што ги имало лицето во текот на историјата на работата;
Создавање план за работа со лицата;
Проценка на подготвеноста за работа на менторираните лица преку користење на алатки;
Изработка на индивидуален план за вработување и развој на менторираните лица, вклучително и план за професионално напредување и развој на кариерата, доколку се смета за соодветено;
Разгледување и сугерирање на дополнителна поддршка за градење вештини поврзани со работата, соодветна на изразениот интерес за вработување;
Предлагање на соодветна психо-социјална поддршка за спроведување на предвидениот индивидуален план, доколку е потребно;
Мапирање на можностите за работа (компании, институции каде што можат да се вработат менторираните лица);
Работа во кохерентност со другите даватели на услуги идентификувани како неопходни за унапредување на можностите за вработување на менторираните лица;
Соработка со професионален ментор од работодавачот кој ќе го катализира процесот на интеграција по влегувањето на менторираните на пазарот на трудот;
Проценка на процесот на прилагодување на работното место на менторираните лица;
Предлагање на психо-социјална поддршка за задржување на вработувањето и постигнување професионален успех, доколку е потребно;
Соработка со тимот на ПАБЛИК и известување за напредокот на менторираните лица.
Врз основа на пристапот на социјално менторство, се очекува менторираните лица со кои ќе се работи да бидат опремени со вештини и знаење за да водат самоопределен и финансиски независен живот.
5. Очекувања од учесниците во обуката
Од учесниците во обуката очекуваме подготвеност да учат за нови идеи во социјалната работа и социјалните услуги. Очекуваме посветеност во процесот на стекнување знаење и подготвеност за тестирање на стекнатото знаење во работата со двајца (2) избрани ментори (до 25% од нивното работно време ќе бидат посветени на процесот на учење и реална примена). Изборот на менторирани лица ќе се изврши во подоцнежна фаза во обуката во консултација со граѓанската организација од која доаѓа менторот и/или ПАБЛИК. Притоа:
Учеството на модулите за обука е задолжително. Активното учество и исполнување на потребните задачи е задолжително.
За практична примена на социјалното менторство, ќе се потпреме на претходното искуство на менторите, па затоа, силно охрабруваме да се пријават кандидати кои ја познаваат сферата на социјална заштита, се дел од граѓански организации кои работат со ранливи лица и/или имаат работно искуство со ранливи групи. Сепак, овој повик е отворен и за лица кои не се дел од граѓанска организација.
Од искусните кандидати очекуваме подготвеност да споделуваат знаење, да се вклучат активно во процесот на учење и да бидат лидери во идејата за иновации во социјалната заштита / социјалните услуги.
Од кандидатите со помалку искуство, очекуваме подготвеност да учат за иновации во социјалната заштита / социјалните услуги.
Сите кандидати ќе добијат поддршка и супервизија од ПАБЛИК во процесот на примена на социјалното менторство (реалната апликација на терен).
6.Времетраење на обуката
Август 2021 до декември 2021.
7.Потребни квалификации за учество во обуката
Профилот на менторот за работна интеграција е клучен за постигнување на позитивни резултати од процесот на менторирање. Тој/таа треба да биде „вистинска“ рамнотежа на вештини, знаење, независност, интегритет, емпатија и искуство. Од кандидатите очекуваме:
Академски квалификации:
Високо образование во областа на психологијата, социјална работа и политика, педагогија, дефектологија, психолошко советување, советување за кариера, човечки ресурси или друга професија од општествените науки релевантна за полето на социјални услуги, вработување, психосоцијална и кариерна поддршка, советување или сродни области.
Професионално искуство:
Барем 2 години работно искуство во сферата на социјална заштита или социјални услуги во комбинација со соодветно образование или барем 3 години релевантно работно искуство во сферата на социјална заштита или социјални услуги.
Јазични барања:
Одлично познавање на македонскиот јазик: модулите ќе бидат целосно администрирани на македонски јазик. Исто така и комуникацијата со обучувачите и супервизијата како поддршка ќе бидат водени на македонски јазик, вклучувајќи ги сите задачи и домашни задачи. Познавање на други јазици, како албански и ромски ќе се сметаат за предност.
Искуството во психотерапија и советување ќе се сметаат за предност, но не се задолжителни.
Останати компетенции
Меки вештини и карактеристики на социјалниот ментор:
Емпатичност
Комуникациски вештини
Интерперсонални вештини
Вештини за активно слушање и учење
Работна етика
Способност за креативно размислување и решавање на проблеми
8.План за обука
Обуката ќе трае пет (5) месеци, почнувајќи од август 2021, па се до декември 2021 година. Сите учесници ќе имаат можност да го завршат процесот на менторирање со своите клиенти до јануари 2022 година. Приближно една недела пред секој модул, ПАБЛИК ќе достави различни материјали за учење и водичи кои ги подготвуваат социјалните ментори за обуката. Дневните предавања преку платформите ZOOM и MOODLE ќе бидат поделени во кратки единици со вежби, сесии за прашања и одговори и квизови за да се оцени стекнатото знаење / напредок. Помеѓу модулите ќе има време за практична работа (реална апликација) со избрани двајца (2) корисници/менторирани лица. Обучувачите и тимот од ПАБЛИК ќе бидат достапни за индивидуални прашања, консултации и супервизија.
9.Предности за избраните кандидати
Обуката преку пренесеното теоретско знаење, како и можноста да менторираат две лица ќе им овозможи на учесниците:
Стекнување на нови знаења во една нова сфера на интердисциплинарно дејствување што има потенцијал за натамошно надградување.
Финансиски надомест од вкупно 1800 евра (бруто износ пресметан во денари) за ангажман кој трае 5 месеци, почнувајќи од август 2021 година. Во просек, социјалниот ментор ќе посвети 25% од своето работно време на учење и реална примена на социјалното менторство во контекст на нивната организација или во рамките на ПАБЛИК.
Распоред на онлајн учење кој има одредена флексибилност кон другите ангажмани на кандидатот.
Поддршка и супервизија од ПАБЛИК во процесот на примена на социјалното менторство (реална апликација).
Учеството на модулите за обука е задолжително. Постојаните повратни информации и исполнувањето на потребните задачи се задолжителни за извештајот за напредокот.
10.Процедура за аплицирање
Заинтересираните кандидати потребно е да достават:
Мотивационо писмо (снимено во мал видео формат[1]или во пишана форма), со опис на експертизата релевантна за оваа задача и причините зошто се сметаат себеси за најдобри кандидати (не подолго од една страница);
CV со податоци за генералното и специфичното искуство за спроведување на слични задачи и други релевантни податоци.
Некомплетните апликации нема да се земат во предвид.
Бараните документи треба да се достават на следната електронска адреса: [email protected] , најдоцна до 11.07.2021 год.
со назнака: ПОВИК ЗА УЧЕСТВО ВО ТРЕНИНГ ПРОГРАМА – ИЗБОР НА МЕНТОРИ ЗА РАБОТНА ИНТЕГРАЦИЈА
Ќе бидат контактирани само кандидатите селектирани за интервју.
Ве молиме без телефонски јавувања.
Повеќе информации за проектот и социјалното менторство на ПАБЛИК можете да прочитaтe на следната страница:
[1] Охрабруваме нови начини на аплицирање кои се фокусираат на капацитетите на кандидатот, а не на работната биографија. Ние сме организација што се залага за еднакви можности и даваме шанса и на оние кандидати кои немаат богато работно искуство. Затоа, ако сметате дека вашата работна биографија не кажува доволно за вас, снимете видео што најдобро ќе ве опише! Форматот на снимениот материјал треба да е мал, по можност со користење на секојдневно достпана технологија и без фокус кон естетиката на видеото туку кон неговата содржина.