Доза вести

Премиера до последно седиште: „Преекспонирано“ на Венинова со проекции во скопските кина

Играниот филм „Преекспонирано“ на сценаристката и режисерка Елеонора Венинова, во продукција на „ДНФ Филмс“ на 26 април ја имаше својата македонска премиера во преполна сала на книото „Фросина“ во МКЦ, а од вчера е и на редовниот репертоар на скопските кина „Милениум“ и „Синеплекс“.

Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ се случи на фестивал од А-категорија во официјалната конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември минатата година. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија, од 2 до 9 февруари оваа година.

Во Европа, „Преекспонирано“ изминатата недела се прикажа на новиот филмски фестивал „Еуразја“ во Варшава, Полска, а ќе се натпреварува и на фестивалот „КинЕст Фест“ во Катанија, Сицилија.

Улогите во филмот ги толкуваат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска, Марјан Наумов. Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката ја компонираше Линдзи Рајт, сценографијата е на Срѓан Митровиќ, костимите ги креираше Жаклина Крстевска. Монтажер на филмот е Гоце Кралевски, кој истовремено е и продуцент („ДНФ Филмс“), додека монтажер на звук е Дарко Спасовски. Копродуцент е Мирјана Томиќ („Лилит“ – Србија), а филмот е поддржан од македонската Агенцијата за филм, Српскиот филмски центар и „Еуримаж“.
Станува збор за драма, делумно инспирирана од вистински настани. Приказната има личен момент и говори за брачна двојка што престојува во викенд куќа во Охрид, а нивниот мир и брачна идила е нарушена од тинејџерка, која е ќерка на нивни блиски пријатели. Тие двајца ќе се доведат во ситуација да го преиспитаат својот брачен живот.

Напишете коментар