„Приказната за Силјан“ премиерно во Скопје: филмот што ја освои светската критика доаѓа кај нас
После своите успешни премиери во Њујорк и Лондон, документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, ќе ја доживее својата свечена премиера во Скопје. Настанот е закажан за четврти јануари 2026 година во 20.30 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ), каде филмот ќе биде прикажан пред домашната публика.
Како што најавуваат од тимот на Котевска, премиерата ќе биде историска за МНТ бидејќи за првпат ќе биде домаќин на ваква кино-промоција. На настанот ќе присуствува целата филмска екипа на „Приказната за Силјан“, која работеше на едно од најзначајните дела на македонската кинематографија. Филмот е меѓународно признат, а светски познатиот „National Geographic“ го откупи за својата програма. Светските критичари го оценија како „триумф“, „апсолутен шармер“ и „импресивно дело“, нагласувајќи ја деликатната врска помеѓу човечкиот живот и природата во Македонија.
„Приказната за Силјан“ ја раскажува животната приказна на земјоделецот Никола, кој случајно, на депонија наоѓа ранет бел штрк. Неговиот кревок однос со птицата се претвора во спасоносна врска, која го обновува односот со заедницата и ја буди неговата почит и посветеност кон природата. Филмот истовремено е медитативен и визуелно моќен, со фокус на малите дела кои носат големи промени.
Проекцијата ќе биде придружена со присуство на филмската екипа: режисерка Тамара Котевска, кинематограферот Жан Дакар, продуцентите Ана Хашми, Тамара Котевска, Жан Дакар, Јорданчо Петковски, монтажерот Мартин Иванов и музичките автори Џо Вилсон Дејвис и Хан Оукпарк од студиото на Ханс Зимер.
Билетите за премиерата од денес се во, преку платформата drugastrana.mk. Поради ограничениот капацитет на салата, бројот на билети е строго ограничен.
По свечената премиера во Скопје, филмот ќе продолжи со прикажување низ македонските градови, за сите љубители на филмската уметност и приказни што оставаат трајно влијание.