Мисли за седум генерации нанапред: новата формула за деловен успех

Во инспиративен говор за публиката на Форумот на добри компании, Чарли Фелгејт, консултант за регенеративно лидерство и поранешен лидер за визија на „Декатлон“, сподели повеќе „слепи точки“ на денешното лидерство и даде конкретни примери како компаниите можат да си го подобрат угледот, да привлечат квалитетна работна сила, да прават профит, истовремено грижејќи се за природата и за луѓето. Овде пренесуваме клучни елементи од неговиот говор и од комуникацијата со присутните, кои имаа многу прашања за Фелгејт
Фотографии: Ирина Крстевска
Користени се и фотографии од презентацијата на Фелгејт која ја претстави на Форумот на добри компании 2025
Во време кога светот се соочува со системски кризи, зголемена анксиозност и ерозија на довербата, потребата за нов модел на лидерство станува сè поитна. Не само за компаниите!
Еден од гласовите што најдиректно зборува за оваа потреба е Чарли Фелгејт, консултант за регенеративно лидерство и визионер, кој ја предводеше визијата на спортскиот гигант „Декатлон“. Денес, тој води експериментален центар на фарма во Франција и работи со лидери низ целиот свет помагајќи им да ги редизајнираат организациите според принципите на природата.
Нашата публика имаше ретка можност да го слушне Фелгејт во живо, на Форумот на добри компании што се одржа оваа пролет во Скопје. Тој привлече голем интерес со својот говор, кој изобилуваше со лични искуства, длабоки системски согледувања и повици до лидерите да ја преиспитаат сопствената улога.
Од кариера во „Декатлон“ кон пресврт инспириран од „Теорија У“
Фелгејт зборуваше отворено за моментот кога сфатил дека неговата кариера, и покрај надворешната стабилност и успех, веќе не била во согласност со неговата внатрешна визија. Токму учеството на длабоки интензивни тренинзи базирани на „Теорија У“ на Ото Шармер било пресудно. Му отворило ново согледување и процес, кој не само што му овозможил да се отвори кон иднината, туку и да се оддели од корпоративниот модел, кој го чувствувал како ограничувачки.
– Веднаш по тој тренинг, возејќи кон работа, плачев. Пред тоа „на големо“ работев за иднината, но тогаш дознав дека треба да „фрлам“ сè што правев. Почувствував длабока неусогласеност со тоа што се случуваше. Морав да го усогласам тоа што го мислам, чувствувам и тоа што го правам – рече Фелгејт.
Визијата бара безбеден простор, а лидерството создава услови, не директиви
Кусо осврнувајќи се на неговата „работа од соништата“ во „Декатлон“, Фелгејт појасни дека не бил сам одговорен да ја создаде визијата на компанијата.
– Мојата задача не беше јас да имам визија, туку да создадам безбедно место на кое 105.000 вработени ќе можат да ја споделат својата визија и да придонесуваат. Довербата не може да дојде тукутака, мора да се изгради со време, присуство и со искрен интерес. Само тогаш луѓето се ослободуваат да ги споделат своите соништа!

ВУКА, БАНИ и светот што бара храброст, не само план
Фелгејт направи паралела меѓу двата концепта што доминираат во менаџерските кругови последните децении: ВУКА (VUCA) нестабилен, неизвесен, сложен и двозначен) и поновиот БАНИ (BANI) кршлив, анксиозен, нелинеарен и неразбирлив).
– Јас сакам да се потпрам на еден друг ВУКА концепт, во кој ни треба визија за да разбереме што се случува денес, но ни треба и храброст за да се адаптираме – рече Фелгејт.
Во неговата визија, лидерството не е веќе само план и акција, туку и длабоко слушање, приспособување и креирање услови каде што иднината може да се појави органски.
Природата како архитект на иднината
Како да го креираме светот на утрешнината? Во овој несигурен свет, кој систем бил секогаш тука, никогаш не се распаднал? Тој систем не е создаден од човекот. Тоа е живиот систем, природата. Таа функционира децентрализирано, без отпад и со вградена симбиоза, сподели Фелгејт отворајќи ја темата за регенеративно лидерство инспирирано од природата.
– Секој жив организам во природата има своја улога за да можеме заедно да опстанеме. Природата оперира со субоптимизација и токму затоа е способна да дејствува агилно во услови на неизвесност.
Тој истакна дека фотосинтезата има ефикасност од само еден процент, но тоа е доволно.
– Денеска никој не би инвестирал во еден процент ефикасност, но замислете ја природата без фотосинтеза! Природата не тежнее кон перфекција, туку кон приспособување и агилност – сподели тој.

И на човекот не му е добро, не само на планетата
Човештвото функционира на планета на која наскоро нема да има можност да се живее. Веќе надминуваме шест од девет планетарни граници.
– Која е поентата да имаме компании ако не можеме да го поддржиме животот на оваа планета? – посочува Фелгејт.
Тој раскажа и за стресот, како еден од главните предизвици на денешнината.
– Системите се на точката на колапс. Сето ова носи притисок на животниот систем, на околината. Но, и на луѓето не им е добро. Се соочуваме со нивоа на анксиозност, осаменост, депресија и самоубиства какви што не сме виделе досега. Затоа е важно да зборуваме за стресот, но и за нашиот капацитет да се соочиме со него. Но, важно е и да признаеме дека како луѓе сме дел од проблемот! – посочи тој.
Од одржливост до регенерација: нова скала на деловна зрелост
Традиционалните цели на одржливост веќе не се доволни, вели Фелгејт. Тој појасни зошто моделот на регенеративно лидерство оди подалеку:
– Не верувам дека одржливоста е доволна. Да, витална е, но не е доволна. Работев во сферата на одржливоста, ја промовирав, лобирав за неа… И, гледав како не успева. Не е компатибилна со економските системи – рече Фелгејт.
Неговата анализа посочува дека одржливоста само го отплаќа долгот кон природата, стигнува само до таму.
– Регенерацијата, пак, создава нови услови за живот и за луѓето и за екосистемот. Регенеративноста во бизнисот значи симбиоза. Носи вкоренување во мудроста на живите системи. Креира услови што се поволни за животот да напредува.
Фелгејт се надоврзува дека е потребно да го oбновиме живиот систем.
– Не зборувам само за трева и за дрвја. Туку и за луѓе! Ние сме дел од живиот систем!
Треба да живееме во симбиоза со живиот систем. За новите генерации, ова е големо прашање.
Поврат кон човештвото – и седумте генерации
Неговата теза се темели на тоа дека на човекот му е блиско да живее во хармонија со живиот систем, со природата. Но, тоа некако го заборавивме.
– Сепак, не значи дека не можеме да му се вратиме. Индустриската револуција пред 300 години го отвори просторот за експлоатација. Пред тоа бевме во хармонија со природата. Таа е блиску, не е некој далечен сон.
Најголемата заблуда е дека ние како луѓе сме одделени од природата, посочува Чарли, покажувајќи на фотографија од човек, наведнат, со мобилен телефон в рака.
– Сите го носиме овој уред в џеб. Луѓето се дел од живите системи. Доаѓаме до сепарацијата. Постојано сме на мобилни. Тие ни даваат пристап до целото знаење, до „тоа што ни треба“. Но, со тоа сме најразделени, не само од живите системи, туку и едни од други, од самите себе!
Бизнисот под лупа: примерите што го менуваат моделот
Фелгејт посочи и дека во моментов немаме регенеративни компании, но има такви што се на тој пат. Даде примери за компании како „Виво берфут“ и „Шато Палмер“, кои покажуваат дека регенерацијата не е утопија, туку постојна патека. Станува збор за принципите што ги применуваат овие компании, а се однесуваат на тоа „да се мисли за следните седум генерации“:
-Како одлуката што ќе ја донесеш сега, ќе има влијание на седмата генерација по тебе? Ако го имаме ова предвид, нема толку лесно да правиме несоодветни чекори во бизнисот. Познатите производители на чевли „Кларкс“ преку својата марка „виво берфут“ една година длабоко ја слушаа шумата пред да ги промени материјалите за производство на чевли.
Тие инвестира во регенеративно земјоделство. Воведоа изнајмување место продажба на обувки бидејќи сфатија дека децата ги надраснуваат чевлите за шест месеци. Воведоа сервис за поправки. Тоа не е добротворна работа. Овие промени им донесоа 36 проценти повисока профитабилност, а тие се и посакувани работодавци бидејќи нивните вредности се усогласени со тоа што го бара новата работна сила – рече Фелгејт.
Тој сподели и мисла на извршниот директор на „Виво берфут“, Галахад Кларк:
„Изградивме модерен начин на живот врз основа на убедувањето дека сме раздвоени од природата. Но, вистината е дека НИЕ СМЕ ПРИРОДА“.
Во Бордо, пак, „Шато Палмер“ не останува само на органско вино. Инвестира во цел екосистем, кој вклучува соработка со соседните лозја, нови алкохолни формули и долгорочна регенеративна визија.

Ритамот на природата како деловна стратегија
Сите ги знаеме природните циклуси – пролет, лето, есен, зима. Според Фелгејт, современите организации живеат постојано во пролет и во лето, кои ги носат фазите на лансирање и профит. Но, вистинската зрелост бара есен и зима, кои ги претставуваат моментите за рефлексија и откажување.
– Зимата е време за смрт. Знам, смртта е тешка. Но, некои работи мораат да си заминат. Кога ќе сфатиме дека смртта ни ја носи не само инкременталната, туку и радикалната иновација, ќе можеме соодветно да одговориме на предизвиците – рече Фелгејт.
Тој на своите клиенти им го препорачува токму тоа, да создадат простор за тишина, интегритет и длабоко реструктурирање.
– Затоа, дел од услугите што ги нудам е токму тоа – „презимување“. Конвенционалниот бизнис е дегенеративен, носи притисок на вработените. Клучното прашање е: Што, навистина, можеме да направиме? – прашува тој.
Чарли го издвојува и цитатот од американскиот архитект, автор, пронаоѓач и футурист Ричард Бакминстер Фулер:
„Никогаш нема да ги смениш работите ако се бориш со постојната реалност. За да промениш нешто, изгради нов модел, кој ќе го направи постојниот застарен“.
Кога сме кај одговорите на прашањата што можеме да направиме, Фелгејт илустрира со пример. Француската компанија „Мустела“ има годишен промет од 325 милиони евра. Една петтина од тој промет, цели 20 проценти им доаѓа од влажните марамчиња.
– Проблемот со нив е што, не само што се компликувани за производство, туку и завршуваат во реки, океани, загадуваат. Оваа компанија практикува димаркетинг. Решаваат тие 20 проценти од нивниот приход да „го фрлат“, да престанат да ги произведуваат влажните марамчиња, кои, нели, на сите ни се практични. Но, според нивното мислење, производот нема смисла, не се вклопува во нивните вредности и во нивниот начин на работа. Таа порака за младите луѓе е важна. Тие добија многу со тоа што сега младите сакаат да работат во „Мустела“.

Времето, најреткиот ресурс
Во суштина, најреткиот ресурс денес не се финансиите, туку времето. Фелгејт посочува на разликата меѓу два типа време: кронос, кое го означува секојдневното, оперативно време и каирос, време за рефлектирање и инспирација, кога ни се појавува нешто ново.
-Често ме прашуваат од каде да почнам, што да направам. Почнете со запирање. И прашајте се, што правам навистина?
Сподели и примери од неговите иницијативи, кои вклучуваат деловни лидери од целиот свет, во неговиот дом на фарма во Франција.
– Таму лидерите се повлекуваат во тишина, без агенда, и оттаму излегуваат идеи што понекогаш менуваат цели индустрии.
Крајот како почеток: зборувајте од срце
Фелгејт не повика на акција, туку на откажување од контролата.
-Вообичаено, при крајот на секој говор слушаме: „Ајде“ (Let’s go). Но, јас ќе кажам: „Пушти“ (Let go!). Затоа што вистинската храброст е да зборувате со срцето. Таа храброст е тоа што го бара генерацијата Зет. Таа веќе не сака да работи за фосилен систем.
За лидерите на Балканот, неговата порака е јасна:
– Иднината не припаѓа на најголемите, туку на тие што ќе имаат доволно храброст да се синхронизираат со ритамот на животот. А тој, отсекогаш се водел од природата.