Прогласени победничките идеи од првата генерација на програмата RISE за социјални претприемачи
Во организација на здружението за социјални иновации „АРНО“ вчера се одржа прогласувањето на победничките идеи од првата генерација на програмата RISE за социјални претприемачи.
Експертската жири комисијата ги избрала идеите „Skopje goes Zero Waste” – социјален бизнис за продажба на продукти од мали домашни производители, без или со реупотребливо пакување, во рамки на која ќе бидат ангажирани пензионери или лица кои се технолошки вишок и идејата „Football Frame“ – дигитална платформа чија цел е промоција на убавините на фудбалската игра, позитивните општествени вредности и борба против недостигот на физичка активност во секојдневието.
Од Здружението АРНО информираат дека Зз победничките идеи програмата RISE обезбедува финансиска поддршка во износ од 2500 евра и дополнителна менторска и експертска поддршка во рамки на инкубациската фаза. – Благодарение на вербата во социјалните бизниси и силните соработки и партнерства, за двата македонски победнички тима АРНО обезбеди и дополнителни награди: медиумска промоција од порталот фактор.мк, менторска поддршка од ИТ компанијата акринум.ком, еко-брендирање на продавницата доделено од Пакомак, и поддршка на дигиталната платформа преку рекламен банер, исто така доделен од Пакомак, се вели во соопштението.
– Во првата генерација на млади социјални претприемачи во нашата земја вкупно 8 тимови учествува во програма за развој на нивните вештини, знаења и мотивација. Тимовите ги развија своите идеи за социјални бизниси кои имаат позитивно влијание врз природата и заедницата, промовираат соработка и имаат потенцијал за регионален развој. Сите македонски тимови учествува на 5 обуки, 3 настани со мотивациски говорници, одржаа 24 средби со тимот на АРНО, имаа помош од експерти кои во рамки на 72 експертски сесии им помагаа да ги развијат идеите, и имаа несебично и целосно водство од своите ментори: Андријана Папиќ Манчева, Михаил Стевчев, Олга Рајчиќ, Антонио Јовановски, Јошко Ивановски, Елена Хаџи Пецова, Стефан Чичевалиев, Весна Соколовска, потенцираат од АРНО.
Проектот RISE е развиен и мониториран од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс, Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), Францускиот институт и Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).
– Многу сме благодарни на АРНО за учеството во програмата која ни понуди целосна поддршка за осмислување на нешто што беше само идеја, а стануваше се пореално и пореално со секоја помината обука. Освен продавничката и градењето свест за продуктите без или со реупотелбива амбалажа, сакаме да организираме и работилници за шиење, плетење, поправање на работи. Имаме многу планови и идеи кои ги изградивме и благодарение на нашата совршена менторка Андријана Папиќ Манчева и експерти од области кои ни помогнаа, истакнува Марија Арсовска од тимот на „Skopje Goes Zero Waste“.
– Ние сме Јане, Марко и Александар. Јане- доктор и фудбалер, Марко-професор по спорт и физичка активност во средно училиште во Скопје, фудбалерски тренер и фудбалер, и Александар исто така фудбалерски тренер и фудбалер. Ние сме страстни љубители на фудбалот, и сакаме да го искористиме фудбалот како алатка за промена во општеството и за зборување за теми што се поважни од фудбалот: здравје, едукација, родова рамноправност и слично, истакнал Јане од „Football Frame“.
Во текот на изминатите четири месеци, 137 млади претприемачи се здружија во 46 тимови од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, кои работеа на развојот на нивните општествени бизнис идеи. На регионално ниво беа организирани вкупно 33 тренинг сесии за развој на социјални бизниси, 19 средби за градење на заедница, 182 сесии на мониторирање, 26 експертски консултации, 135 тренинг сесии „еден-на-еден“, како и 6 регионални бизнис сесии за учење од своите врсници. Овие настани им овозможија на младите луѓе активно да ја развиваат својата идеја за социјален бизнис, шанса да учат едни од други, да бидат отворени кон нови идеи, да создадат врски помеѓу проектите развиени во различни заедници и да создадат нови пријателства и конекции низ Западниот Балкан, посочуваат од Здружението АРНО.
Имплементиран од страна на шест локални инкубатори од Западен Балкан и координиран од конзорциум на регионални и европски партнери, од АРНО инфораат дека проектот RISE (Regional Incubator for Social Entrepreneurs – „Регионален инкубатор за општествени претприемачи“) има за цел да го збогати социјално-претриемачкиот екосистем на Западниот Балкан и да им овозможи на младите луѓе да развиваат иновативни општествени решенија и со тоа да придонесат кон помирувањето и соработката во регионот.
– АРНО е гордо што е избрано за локален инкубатор и национална структура која го спроведува 3 годишниот проект заедно со кредибилните партнери од регионот. АРНО е гордо што е избрано за локален инкубатор и национална структура која ќе го спроведува проектот заедно со кредибилните партнери од регионот. Позитивната промена во Западен Балкан е возможна, додека пак стабилноста и просперитетот можат да бидат постигнати само преку негување на помирувањето и соработката во регионот. Станува збор за тригодишен проект кој започна на 1 октомври 2019 година и се имплементира низ шесте држави кои го сочинуваат регионот на Западен Балкан, се наведува во соопштението на АРНО.