„Емотивен талог“ е насловот на новата книга на новинарката и авторка Ана Јовковска која ќе биде промовирана вечер во клуб ресторанот во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Книгата е во издание на „Три“, а според авторот на поговорот Гоце Смилевски, таа произлегува од себезапрашаноста пред предизвиците на современото живеење и откривањето на сопствените стратегии за борба против сѐ што нѐ одвојува од нашата суштина.
Ова дело, како што посочува, е повик и поттик да се впуштиме во авантура на себеиспитување и себенадградување преку аналитички поглед во сопствениот емотивен талог.
-Извонредно слоевита и напишана со огромна вештина, книгата „Емотивен талог“ има силна интроспективна визура. Интелектуалната љубопитност на Ана Јовковска е безгранична и повикува на креативен и продуктивен дијалог со читателите. Ракописот е густ како талог од кафе, натопен во разигран јазик на метафори, симболи и асоцијации, а сепак е едноставен, непретенциозен и лесно читлив, смета писателот Владимир Мартиновски.
Ана Јовковска е научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, дипломирана новинарка, колумнистка, ТВ-уредничка, специјалист за односи со јавност и тренер по комуникациски вештини.
– По четирите објавени книжевни дела, сега ни се претставува со едно поинакво четиво, збирка од раскази, колумни и есеи именувани како „Емотивен талог“. Илустрирајќи ги своите лични доживувања, интимни искуства и длабоко почувствувани ситуации, таа ги преиспитува релациите на себството и Другиот, слободата и љубовта, диктатот на технологијата, моралот и ропството, социо-емоционалниот развој на децата, консумеризмот наспроти (не)грижата за природата… но среде сето тоа, Јовковска гласно го поставува прашањето за среќата, соопшти издавачката куќа.