Доза вести

Промоција на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963“ од авторите Ана Мартиноска и Жарко Иванов

Време на читање: 2 минути

Во вторник, 5 декември, со настап на група музичари, ќе биде промовирана монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963“ од авторите Ана Мартиноска и Жарко Иванов.

Во кино Фросина при Младинскиот културен центар (МКЦ), ќе биде претставена авторската монографија создадена од архивските материјали на Васил Хаџиманов. Со почеток во 19 часот, промотор на монографијата ќе биде професорката Илина Јакимовска, а со свој музички настап ќе се претстават Васил Хаџиманов, Вера Милошевска-Јосифовска, Оливер Јосифовски, Ратко Даутовски и Виктор Филиповски.

Авторите Мартиновска и Иванов, дел од Институт за македонска литература, посочуваат дека монографијата содржи тажачки песни  од скопскиот земјотрес со транскрипција на ракописните материјали и на дел од аудиоматеријалите снимени од Васил Хаџиманов во 1963 година.

„Станува збор за записи снимани во специфични околности на колективна траума непосредно по скопскиот земјотрес, на закопите и помените на жртвите. Овие архивски материјали биле необјавени и недостапни за пошироката јавност цели 60 години, па оваа јубилејна година е одлична можност тие конечно да бидат објавени“, велат тие.

Александар Прокопиев посочува дека специфичниот миг на смртта за кој се врзува чинот на импровизација во овие песни ги прави деликатни и тешки за проучување дополнувајќи ја реткоста и особеноста на целиот проект.

Тој истакнува дека овие траурни теми и вакви истражувања се ретки за македонската фолклористика, па тоа го утврдува научниот кредибилитет на авторите Ана Мартиновска и Жарко Иванов,  научници од Одделението за македонска народна литература при Институтот за македонска литература во Скопје и нивната посветеност кон „тешки“ задачи кои науката ги поттурнувала на страна со децении.

„Со задоволство го препорачуваме овој монографски труд за читање не само на научната и стручна публика, туку и на пошироката јавност засегната со прашањата на македонската народна култура, но особено со културната меморија за скопскиот земјотрес во 1963 г. како една од најболните точки во историјата на градот и државата. Оваа книга на Ана и Жарко е не само фолклористички научен труд, но и мементо мори за жртвите, за преживеаните, за болката, за поезијата, за народот, за градот во рушевини, за природната катастрофа, за човековата солидарност, за паметењето, за емоциите и спомените…“, посочува Прокопиев.

Напишете коментар