Рамајана – младата хероина од дебармаалските улички
Ако Дебар маало и Градскиот парк се меѓу вашите омилени места во Скопје, сигурно сте ја забележале младата продавачка на „Лице в лице“, која редовно, неуморно, вредно и чесно го нуди уличното списание.
Комуникативна, харизматична, храбра, упорна, искрена, се само дел од епитетите со кои би можеле да ја опишеме 17-годишната Рамајана.
Таа е ученичка во средното училиште „Шаим Јусуф“, а како продавачка на „Лице в лице“ доаѓа преку Здружението за заштита на правата на децата, кое ја дава основната поддршка и го координира нејзиниот работен ангажман. Рамајана, заедно со нејзиниот брат Рахман, кој е, исто така, продавач на списанието, се грижи за своето осумчлено семејство, во кое само тие двајца заработуваат.
Со „Лице в лице“ другарува од малечка, кога нејзиниот постар брат Армандо беше меѓу најуспешните продавачи. Поддршката што ја добива од тимот на Дневниот центар за деца на улица, од каде што ѝ го посочуваат ангажманот во „Лице в лице“, се клучната поддршка за нејзиниот успех и градење добри навики.
Кога разговарате со Рамајана, ви доаѓа чувство дека зборувате со голем мудрец. Со посебен жар во очите раскажува за убавите искуства од терен, но и како многу често сонот ѝ кажува каква ќе ѝ биде продажбата – добра или одлична! Својот пораст и развој како микропретприемачка, продавачка на „Лице в лице“ го почна во самиот ек на пандемијата на ковид-19. Таа е меѓу најновите продавачи, со работно искуство од само осум месеци, но, сепак, е огромна инспирација за своите колеги и поддржувачи.
Првиот работен ден – ќе го паметам!
– Се сеќавам на првиот ден кога почнав да работам. Беше мрачен, со затворени локали и минувачи што итаат и ме одминуваат со брз чекор. Имав пет списанија и по долго кружење низ уличките во Дебар маало без да продадам ниедно, седнав на една клупа и исплашено размислував за периодот во кој решив да почнам да работам – се навраќа на своите почетоци Рамајана.
Со замислен поглед прекинува да зборува, прави кратка пауза, па продолжува:
– За момент се сетив на татко ми. Се сеќавам дека ми беше криво дека ќе се вратам дома без ниту едно продадено списание. Тој не веруваше дека јас можам да го работам ова, па ќе беше во право. Си помислив, нема да дозволам да биде вака, ќе направам сè за да ги продадам списанијава! И кратко по оваа мисла, еден минувач ме препозна по униформата и ме викна, рече дека баш му е драго што нè гледа на терен. Се чини имаше лесна рака, па веднаш по него, во половина час ги продадов и другите списанија. Едвај чекав да им кажам на моите дома, но и на мојата најсакана наставничка Ирена – вели Рамајана.
Поддршката од брат ми многу ми значи
Додека Рамајана ја раскажува својата приказна, нејзиниот брат Рахман внимателно ја слуша. Одвреме-навреме, нејзините зборови му измамуваат насмевка на лицето. Беше подготвен да каже нешто, но Рамајана го престигна:
– Кога не сме в училиште, заедно со брат ми по цел ден работиме, а по работа ја чуваме мајка ми. Сите пари ги собираме заедно и ги чуваме. Поддршката од брат ми многу ми значи!
Рахман со гестови ги потврдува зборовите на Рамајана и додава дека му е многу драго што е дел од тимот на продавачите на „Лице в лице“.
– Се чувствувам дека припаѓаме на едно големо семејство – вели тој.
Продолжи да раскажува присетувајќи се колку бил среќен кога станал дел од програмата.
– Како вчера да беше. Се сеќавам како се чувствував кога ја облеков униформата на „Лице в лице“. Си реков, сега кога ќе го продавам списанието, луѓето ќе ме препознаваат и ќе имам убава дружба со сите – вели тој со насмевка.
„Лице в лице“ во време на пандемија
Рамајана и Рахман се продавачи што својата приказна како микропретприемачи ја почнаа во екот на пандемијата, во време кога беше периодот на карантин. Со голема мотивација и ентузијазам, донесоа прекрасна и свежа енергија во редовите на продавачите на „Лице в лице“. Потсетувајќи се на тој период, изразите на нивните лица кажуваат колку им било тешко.
– Ми се чини дека по 200 пати на ден слушавме „не фала, тргни се, пандемија е“. Понекогаш, тоа беа само тешки погледи на кои човек не може да остане рамнодушен. Но, без разлика на сè, поддршката што си ја дававме на паузи, на нашето збирно место, многу значеше и за секој поединечно и за групата – раскажува Рахман.
Рамајана, пак, посочува дека уште потежок период им бил пред неколку месеци.
– Тогаш имавме најлоша продажба. На терен бевме по цели денови, а продававме само по едно списание! Многу бев лута и нервозна, не можев да разберам што се случува. Но, на една од обуките во Градскиот парк, на нашето збирно место, добив објаснување. Сфатив дека ни се случува пандемија од која луѓето се плашат, па нормално е да реагираат така и затоа и продажбата ни оди лошо. Научив дека ова ќе помине, а ние ја добиваме сета поддршка за да го издржиме овој период. Не бевме сами во ова. Вештините што ги учам како продавачка на „Лице в лице“ не само што ми носат нови познанства со случајните минувачи, туку и ми помагаат да бидам подобра личност со многу вредности- вели Рамајана.
Сокаче по сокаче, чекор по чекор – го одам мојот пат!
Таа посочува и што најмногу ја инспирира од минувачите што ги пресретнува на терен. Весело одговара дека, со секој изминат чекор, здобива нови искуства.
– Многу се изненадив кога неколку минувачи ми купија списание за да ме поддржат. Ме препознале, го гледале видеото во кое си ја раскажав мојата приказна, заедно со учителката Ирена – споделува Рамајана, за активност, чијшто дел беше таа, токму поради својот ангажман во „Лице в лице“ и работата на Дневниот центар за деца на улица, раскажан во рамките на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“.
-Многу сакам да комуницирам со луѓето што купуваат од мене! Секој пат кога ќе слушнам: „Браво, Рамајана, продолжи да работиш, да учиш и да си вредна! Еден ден ќе успееш!“ се охрабрувам и се мотивирам уште повеќе – вели таа.
Се присетува на миговите кога била малечка, кога почнала да доаѓа во Дневниот центар за деца на улица, уште од својата тригодишна возраст. Таму Рамајана ја добива грижата и стручната поддршка од кадарот, грижа за хигиена, знаење за своите права и одговорности, поттик да успее и да се приклучи кон важни иницијативи што ќе ја изградат како човек, љубов од стручните лица, особено од Ирена Велкоска, координаторка на Центарот, која е меѓу омилените луѓе на Рамајана.
– Ако се потсетам каква беше малата Рамајана, ќе ја опишам како срамежлива, повлечена во себе. Не беше лесно да бидеш во нејзини чевли. И ден денес ја носам емотивната страна во мене, ако некој ми викне, тешко ми паѓа. Знам дека со секој изминат чекор на терен – растам! Тоа што сум денес го должам на луѓето што работат во Дневниот центар, особено на наставничката Ирена. Многу сум благодарна за сè што направиле за мене, за сите нас – вели таа.
Пиши ни на [email protected], или на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ (@licevlice), доколку имаш порака или прашање за Рамајана или за другите продавачи на „Лице в лице“.