Образованието игра клучна улога во поттикнувањето на одржливоста во модата. Со подигање на свеста за влијанието на модната индустрија врз животната средина и социјалната праведност, луѓето ќе бидат мотивирани да направат поодговорни избори. Овие одлуки ќе ги водат кон купување на квалитетни, долготрајни парчиња наместо миниливи трендови.
Анета Ристеска
Ирина Тошева е наше познато име во светот на одржливата мода, носејќи иновации и инспирација во секој свој потег. Како модна дизајнерка и активистка за одржливи практики, Ирина не само што ја менува перцепцијата за модата, туку и ја трасира патеката за новите генерации. Нејзиното неодамнешно учество во работилниците како „Креативно поправање дамки“ и „Со шиење до сопствен бизнис“ ја демонстрира нејзината посветеност кон пренесувањето на знаење и вештини, како и зајакнувањето на млади жени и девојки.
Исклучително важен повод да разговараме со неа за нејзината работа и пристап кон одржливата мода, како и за тоа како младите можат да се вклучат и да придонесат во оваа важна област. Одговараме како нејзините иницијативи и проекти ја информираат и инспирираат следната генерација дизајнери, и го разгледуваме влијанието на одржливоста на модните трендови и практики.
Како одржливата мода се вклопува во денешните трендови и интереси на младата публика? Што сметате дека е најважно да се пренесе на младите за да ги поттикнеме да се ангажираат во одржливи практики?
Одржливата мода сѐ повеќе добива внимание кај младата публика, бидејќи младите се свесни за влијанието што модната индустрија го има врз животната средина. Во денешниот свет, тие те бараат повеќе од само естетика, љубопитни се за приказната зад производот, етичките стандарди и социјалната одговорност. Одржливата мода го нуди токму тоа: уникатни парчиња кои не само што изгледаат добро, туку и имаат позитивен ефект врз планетата и заедницата. Пренамената и реупотребата (upcycling), купувањето од втора рака и носење на еколошки материјали како органски памук стануваат дел од секојдневниот моден израз кај поголем дел од младите.
Одржливата мода не значи ограничување на својот стил, туку можност за креативност и придонес кон поголема социјална и еколошка правда.. Социјалните медиуми и влијателните личности, исто така, играат важна улога, бидејќи можат да инспирираат и информираат за одржливи практики на начин кој е кул, модерен и близок со вредностите на новата генерација.
Во една неодамнешна работилница што ја одржавте, „Креативно покривање дамки“, учесниците научија како да ги трансформираат дамките на облеката во уникатни дизајнерски детали. Какви техники користите за да ги направите овие трансформации интересни и креативни? Како млади луѓе можат да ги применат овие техники во своите секојдневни животи?
Работилницата беше многу интерактивна, со учесници од сите возрасти и различно искуство во шиење и доработка. Почнав со инспиративни примери, со цел да ги охрабрам учесниците да размислуваат надвор од шаблоните. Техниките што ги користевме беа разновидни и лесно применливи: везење, цртање со текстилни бои, нашивање на исечоци од остатоци материјали од моите претходни колекции, прскање тантела со спреј за создавање текстура и дезени…
Младите можат лесно да ги применат овие техники во секојдневието бидејќи се евтини и лесно достапни. Повеќето материјали веќе ги имаме дома, а доколку треба нешто да се купи, тоа би било на прифатливо ниво. Најважно е што овие техники може да им помогнат да создадат уникатни парчиња облека, наместо да купуваат нови, со што се поттикнува одржливоста. Ова не само што заштедува средства, туку и придонесува кон еко свеста преку повторно користење и ревитализација на стари парчиња. Освен за покривање дамки, техниките може да се користат и за освежување на облека која изгледа монотоно, со што секое парче добива нов идентитет и станува уникатно.
Како вашата работа и вклученост во обуката „Со шиење до сопствен бизнис“ помага во зајакнувањето на жените и девојките? Која е најголемата награда што сте ја добиле од гледањето на вашите ученици како развиваат свои бизниси и вештини?
Преку обуката „Со шиење до сопствен бизнис“ директно придонесуваме за економското зајакнување на жените и девојките, особено оние кои се соочуваат со социјални или економски бариери. Оваа програма ги учи не само техничките вештини за шиење, туку и основните принципи на претприемништво, како управување со бизнис, маркетинг, и создавање бренд. Целта е да ги инспирираме и поттикнеме да веруваат дека со својата креативност и труд, можат започнат нешто свое, со кое тие ќе се чувствуваат и поосамостоени и способни да придонесат кон своите семејства и заедницата.
Најголемата награда за мене е да ги видам учесничките како ги применуваат стекнатите вештини и знаења. Кога ќе ги посведочам нивните први продажби или кога ќе ми се пофалат дека отвориле свој простор. Гледам жени кои стекнуваат самодоверба, развиваат своја идентитет и креираат нешто што е нивно, нешто што ќе ги носи напред и ќе им овозможи стабилност. Тоа чувство на самодоверба и независност е бесценето и всушност ја претставува вистинската сила на овој проект.
Како мислите дека дигитализацијата и социјалните медиуми влијаат на индустријата на модата и на младењето на младите дизајнери? Како можете да ги користите овие алатки за промовирање на одржливата мода?
Дигитализацијата и социјалните медиуми имаат огромно влијание врз модната индустрија, особено во креирањето нови можности за младите дизајнери. Сега младите дизајнери брзо, лесно и далеку поевтино од организирање ревија можат да ја промовираат својата работа пред глобалната публика и допрат до потенцијалните клиенти.
Еден од најголемите придонеси на дигитализацијата е можноста за заштеда на ресурси преку 3Д дизајнирање и моделирање, како и дигитална проба на облека, со што се намалува отпадот пред да започне производството. Дигиталните пасоши на облеката, кои ја следат нејзината изработка од суровина до конечен производ, помагаат во постигнување транспарентност во целиот синџир, што е клучен елемент за одржливоста. На овој начин, купувачите стануваат посвесни за потеклото и влијанието на производот што го купуваат, а дизајнерите имаат можност да ги истакнат своите напори кон еколошката и етичката мода.
Социјалните медиуми се моќна алатка за промовирање на одржливата мода. Младите дизајнери можат да ја користат оваа платформа за едукација на публиката за важноста на одржливоста, споделување на процеси како пренамена и реупотреба (upcycling), користење на сеертифицирани материјали и одговорно производство. Преку создавање на видеа од процесите, фотографии од етички извори на материјали или приказни за занаетчиите кои ги изработуваат парчињата можат да ги инспирираат купувачите да изберат свесна мода. Дигитализацијата отвора многу можности за да се изгради поодржлива и транспарентна модна индустрија.
Кога размислувате за модата во иднината, како би ја виделе улогата на одржливоста во развојот на новите трендови? Која е вашата визија за тоа како модата може да стане поодржлива и достапна за сите?
Одржливоста веќе стана значаен дел од модните трендови и таа улога само ќе продолжи да расте во иднина. Но, треба да е повеќе од тренд. Како што модната индустрија се прилагодува на еколошките и социјалните предизвици, одржливите практики ќе бидат интегрирани во секој аспект на дизајн, производство и потрошувачка. Идните производи ќе бидат формирани околу идејата за циркуларност, каде што облеката ќе биде дизајнирана да трае, да се реупотребува, и да се врати во циклусот на производство без да создава отпад.
Мојата визија е дека одржливата мода ќе стане стандард, достапен и прифатлив за сите, без разлика дали се работи за брза или висока мода. Ова значи дека облеката ќе биде етичка, социјално одговорна и прифатлива, не само за елитните групи, туку и за пошироката популација. Со помош на новите технологии, модните потрошувачи ќе имаат парчиња кои се персонализирани, функционални и со минимално влијание врз животната средина.
Образованието игра клучна улога во поттикнувањето на одржливоста во модата. Со подигање на свеста за влијанието на модната индустрија врз животната средина и социјалната праведност, луѓето ќе бидат мотивирани да направат поодговорни избори. Овие одлуки ќе ги водат кон купување на квалитетни, долготрајни парчиња наместо миниливи трендови.
Најважно е сите чинители, од дизајнери и производители, до влади и потрошувачи, да соработуваат за да изградиме посоодветен и одржлив моден систем. Одговорноста е кај сите.
- Ни треба противотров од штетната употреба на социјалните медиуми
- Почина писателката Оливера Николова
- Како започнавме и каде сме денес: Како се развива одржлив моден бренд?
- Најголем предизвик за младите денес е да живеат во реалноста
- „Лице в лице дурбин“ – Работилница за кокреирање приказни кои прават промена