Режисерката Тамара Котевска ќе одржи говор на Фестивалот во Венеција на тема: Колку филмовите можат да го подобрат светот?
Режисерката на „Медена земја“ ќе одржи говор за моќта на филмот како медиум, со што ќе ја најави светската премиера на нејзиниот нов документарец „The Walk“
Филмската режисерка Тамара Котевска е првиот автор од Македонија која е поканета на ексклузивен настан во рамките на Фестивалот во Венеција, да одржи свечен говор за филмови, кои имаат моќно социјално влијание и прават општествена промена, каде и официјално ќе ја најави премиерата на нејзиниот нов долгометражен документарен филм „The Walk“.
Ексклузивниот настан LIGHTS CAMERA IMPACT, секоја година кани три светски реномирани автори чие последователно творештво се филмови, кои имаат потенцијал да влијаат на општеството и да ја менуваат свеста на луѓето за одредени важни социјални теми. Првата ваква потврда за авторката се случува на филмскиот фестивал Sundance во САД, во 2019 година, каде една од трите награди кои ги освои филмот “Медена земја” беше наградата за IMPACT FOR CHANGE.
Овојпат, оваа потврда се случува на Венеција Биенале, за новиот филм на режисерката, кој го следи пеколниот пат на бегалците од Сирија до Англија и кој го открива лицемерието на Европа во тој процес на “одење” од земја во земја. На настанот LIGHTS CAMERA IMPACT авторката ќе одржи говор за моќта на филмот како медиум, да прави промена во општеството, со што ќе ја најави светската премиера на нејзиниот нов документарен филм „The Walk“, која ќе се случи во ноември оваа година. Како главен продуцент на филмот „The Walk“ се потпишува една од најголемите филмски компании за документарни филмови во Англија, GRAIN MEDIA, која зад себе има многу награди, меѓу кои и неколку оскари. Позади неа стојат познати оскаровски имињата како: Orlando von Einsiedel (Virunga, Learning how to skateboard in a war zone if you are a girl), Stephen Daldry (The Hours, The Reader) и Tracey Steward (Slum-dog Millionaire, 2 Popes etc). Филмот е поддржан и од македонската Агенцијата за Филм како малцинска копродукција, а како македонски ко-продуцент се јавува ОХО Продукција.
„Ова е успех од светски рамки, авторот да биде еден од тие кои можат со своите дела да влијаат во општеството, во светот. Драго ми е што Агенцијата за филм застана позади новиот проект на Котевска. Ова е уште една потврда дека жените автори имаат поинаков сенс и простап кон документарниот филм“, изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за Филм на РСМ.
Настанот во Венеција ќе се случи на 1 септември во 19 часот.