Родители, разговарајте со вашите деца!
Домот е најбитната средина за безбеден раст и развој, и домот е најбитен во скенирање ризик од какво било поведение / растројство кај младите. Надворешното влијание го имало и секогаш ќе го има, но клучните луѓе што треба да преземат чекори се родителите. Третманот мора да почне од домот, па да продолжи кај стручни лица како психолог, социјален работник и психијатар и, ако е потребно, да биде придружен со фармаколошки терапии. Важно е да се дејствува заеднички, вели во интервјуто за „Лице в лице“, психологот и семеен психотерапевт, Марија Попоска-Конеска.
Анета Ристеска
Самоповредувањето кај младите е растечки и алармантен проблем, кој често останува во сенка, обвиен со жигосување и неразбирање. За многу млади овој чин претставува начин на соочување со емоционалната болка, гнев или чувство на празнина, дури и кога самиот чин не е поврзан со желба за самоубиство. Овој комплексен феномен е резултат на низа фактори, вклучувајќи ги менталните нарушувања, притисоците од општеството, влијанието на социјалните мрежи.
Иако самоповредувањето често се гледа како молба за внимание, реалноста е дека младите што се впуштаат во такви активности имаат потреба од вистинска поддршка и разбирање.
Исто така, самоповредувањето често е придружено со чувство на срам и вина, што ги принудува младите да ги кријат своите повреди од своите блиски. Ова дополнително го отежнува процесот на добивање помош бидејќи многу од нив се плашат од осуда или од тоа како ќе реагираат нивните родители и пријатели.
Подигнувањето на свеста и почнувањето разговори на оваа тема во училиштата и заедниците е клучно за да се крене пречката што ги држи младите во тишина и да им се овозможи пристап до поддршка и ресурси што можат да им помогнат да се соочат на здрав начин.
За причините, предизвиците, последиците, решенијата, зборуваме со психологот и семеен психотерапевт Марија Попоска-Конеска.
Што претставува самоповредувањето кај младите и кои се најчестите причини што ги поттикнуваат на таков потег? Што го одредува ризикот од самоповредување?
Самоповредувањето е акт на едно лице кон самото себе со труење со лекови или други штетни супстанции или, пак, физичко самоповредување како сечење. Во самоповредување може да се вброи и ексцесивна консумација на алкохол или гладување поради нервоза, анорексија или некоја физичка повреда.
Причините може да се разновидни. Најчесто тоа е одредена или неодредена лутина, бес, анксиозност, депресија, ниска самопочит, несоодветни семејни релации, траума, биполарно растројство на поведението итн… Кон самоповредување најчесто посегнуваат младите на возраст од 15 до 16 години, кога се во период на жешка, нерационална мисла и емоционално се многу кревки.
Каква е врската меѓу депресијата и самоповредувањето / автоагресијата? Дали едното секогаш води до другото?
Најчеста причина за самоповредување е депресијата. Таа е животозагрозувачка болест на расположението. Оттука, многу е голема веројатноста да имаме многу почесто појави на самоповредување што можат да доведат дури до самоубиства. Депресијата е многу тешка за лекување и речиси секогаш е придружена со самоповредување. Депресивните луѓе имаат значително поголема склоност кон самоповредување.
Кои психолошки фактори најчесто се клучна точка и придонесуваат кон самоповредување кај адолесцентите? И, што велат студиите на оваа тема? Кои се профилите со различни нивоа на ризик од самоповредување?
Најчестите психолошки фактори што водат кон самоповредување на личноста обично се долгорочни. Голем број интернализирани растројства како стравови, тага, постојани грижи каде што мислите и чувствата се поинтензивни. Анксиозност, разочараност, фобии, соматски растројства, исто така, се дел од психолошките фактори што можат да доведат до самоповредување кај личноста. Бес, гнев, изолирање, чувство на голема болка поради нарушени семејни релации, растројство на поведението, неприфатеност од околината / врсниците се, исто така, психолошки фактор што доведува до самоубиствени идеи и самоповредување.
Има голем број студии и истражувања на оваа тема и во нашата држава, поттикнати од зголемениот процент на самоубиства и на млади што се самоповредуваат. Најголем дел од нив имаат разнишана психосоцијална слика, голем дел се од семејства на разведени родители или родители што починале. Исто така, имаме и профили на млади и на деца што се подложни на врсничко насилство и посегнуваат по ваков акт.
Како можат родителите и професионалците да препознаат знаци на самоповредување кај младите и кои се првите чекори што треба да ги преземат?
Родителите можат, но, не секогаш, да препознаат знаци кај своето дете што би можело да водат кон самоповредување. Не може секогаш да се очекува ваков чин од психичка болест, туку во последно време ова се случува кај психички и ментално здрава личност, која е подложна на одредени влијанија во тинејџерските години, што е нормално. Затоа, родителите треба да се многу внимателни во овој период и да следат и најмали знаци во промена на однесувањето, секојдневната рутина, промена во расположението, во социјалното опкружување и начинот на кој реагира со врсниците, како реагира и што се случува во семејните релации. Особено треба да бидат внимателни и да ги следат социјалните информации како „Тикток“, „Инстаграм“, јутубери, што пребаруваат и воопшто што гледаат секојдневно на мобилен или, пак, на компјутер. Најчесто тие деца го кријат чинот на самоповредување, па треба колку што е можно повеќе да бидеме присутни во секојдневието на децата и да вршиме контрола на сè што гледаат и слушаат и од социјалните мрежи и од нивната околина.
Тоа што би било најпаметно прво да преземат родителите е да поразговараат смирено и без наметнување со своето дете – во момент кога детето е добро расположено. Важно е да го информираат и блиското семејство дома за да се преземат заеднички мерки на поддршка на детето. Потоа, веднаш по разговорот да се обратат на стручно лице – психолог и да почнат со психолошка поддршка како семејство заедно со своето дете.
Која е, или, каква е улогата на социјалните медиуми и притисокот од врсниците во зголемувањето на ризикот од самоповредување?
Во последниве години социјалните медиуми и притисокот од врсниците имаат најголемо влијание врз посегнување на младите кон самоповредување. Содржините што се пласираат на социјалните медиуми, мрежи, апликации, игри се несоодветни за младите денес. На социјалните мрежи има голем број предизвици што се пласирани така за младите да се натпреваруваат меѓу себе. Тие се, пред сè, забавни активности и ги предизвикуваат да преземат некои чекори, кои, пред сè, им ги креваат адреналинот и самодовербата. На тие социјални предизвици се надоврзува и притисокот од врсниците. Влијание, кое, секако, во периодот на тинејџерство е најголемо. Тој притисок ги тера младите да преземат активности и за самоповредување.
Кои стратегии и терапии се најефикасни во третманот на лицата што се самоповредуваат?
Семејството / родителите ја имаат клучната улога. Детето расте, се воспитува, се поддржува или се омаловажува најмногу дома. Домот е најбитната средина за безбеден раст и развој и домот е најбитен во скенирање на ризикот од какво било поведение / растројство кај децата. Надворешното влијание го имало и секогаш ќе го има, но клучните луѓе што треба да преземат чекори се родителите.
Третманот мора да почне од домот, па да продолжи кај стручни лица како психолог, социјален работник и психијатар и, ако е потребно, да биде придружен со фармаколошки терапии. Важно е да се дејствува заеднички.