Магазин

Рудниците се злосторство за природата

Време на читање: 4 минути
ТВРДЕЊАТА ДЕКА ЗАЕДНО МОЖЕЛЕ ДА КОЕГЗИСТИРААТ РУДАРСТВО И ЗЕМЈОДЕЛСТВО СЕ СМЕШНИ И НЕДОВЕТНИ. СЕ ВЕТУВА ЕКОЛОШКИ РУДНИК, СО НАЈСОВРЕМЕНИ МЕТОДИ НА РАБОТА. МОЖНО ЛИ Е РУДНИК ДА БИДЕ ЕКОЛОШКИ, КОГА Е ЈАСНО ДЕКА ЗА ДА СЕ ОТВОРИ РУДНИК, ТРЕБА ДА СЕ УНИШТИ ПРИРОДА? НЕПОВРАТНО ЌЕ СЕ ИСЕЧАТ ОКОЛУ 1.000 ХЕКТАРИ ШУМА, СО СИТЕ ЕРОЗИВНИ ПОСЛЕДИЦИ ПО ЖИВОТНАТА ОКОЛИНА, ЕКОСИСТЕМОТ, БИОДИВЕРЗИТЕТОТ И КЛИМАТА
- банер -

Живееме во време кога на глобален план, нашироко се зборува за опасноста од климатските промени и за нивното влијание врз целиот екосистем и самото живеење.
Меѓутоа, додека светот бара решение за еколошки спас, кај нас свеста за екологија е во тренд на опаѓање, како да не постои. Каде лежи проблемот?
Првиот виновник, можеби, е образовниот систем, кој е поставен така што децата уште од најмала возраст се потчинуваат на системот да бидат добри и послушни „граѓани“ во функција на капиталот. Малку се работи на развивање на нивната свест во поглед на активизмот. Само со реформа на образовниот систем, каде што наставниците и професорите нема само да ја спроведуваат наставната програма, туку ќе бидат и иницијатори и водачи за спроведување идеи, реално остварливи и добри за општеството, а производ на свеста на учениците, би можело да се развие свест не само за екологијата, туку и за разните други аспекти од животот.

Планот за отворање на рудник во една од најплодните котлини во државата, уште еднаш ја покажа свеста кај властите за создавање мал профит и тоа на краткорочни цели. Зошто краткорочни? Затоа што се планира отворање рудник во јадрото на Струмичка Котлина, кој треба да вработи 500-600 луѓе на максимум 23 години, колку што треба да трае животниот век на рудникот, се разбира, доколку останат во физичка кондиција да работат толкав период. Притоа, за егзистенцијалната загрозеност на илјадниците други – воопшто не се обрнува внимание. Се разбира, државата треба да добие профит, и тоа ни помалку ни повеќе – само два процента, а другите 98 проценти одат за странските концесионери. 

Доколку која било влада се ангажира да обезбеди поволна клима за земјоделците, тоа ќе значи многу поголем профит, како за државата, така и за земјоделците – подобар живот и тоа на подолг рок. Тврдењата дека можеле да коегзистираат рударство и земјоделство се смешни и недоветни.  Се ветува еколошки рудник, со најсовремени методи на работа. Можно ли е рудник да биде еколошки, кога е јасно дека за да се отвори рудник, треба да се уништи природата? Неповратно ќе се исечат околу 1.000 хектари шума, со сите ерозивни последици по животната околина, екосистемот, биодиверзитетот и климата. Уништувањето на белите дробови на Земјата значи и губење на чистиот воздух. Помислата на слика од рудник и од хидројаловиште највисоко во светот (шеста по висина брана во светот) од 276 метри, која секојдневно треба ја гледаме како демне над нашата котлина, над нашите глави, ни всади страв  за можност од хаварија, која би била од масовни размери. Дали треба да се плашиме што ќе се случи со нас, што ќе биде со околината? Дали е во прашање нашиот опстанок? Дали некој мисли дека ќе има економска развиеност кога народот ќе почне масовно да се исселува? Ситуација што со голема веројатност ќе се случи.
За каква економска развиеност ни зборуваат кога, најголемиот двигател на економијата во нашиот регион, земјоделството, ќе биде загрозено и уништено?
Милионите тони прав ќе ја покријат почвата предизвикувајќи „кисели“ дождови што ќе ги загрозат квалитетот и производството на здрава храна. Дури и да се овозможи земјоделско производство, покрај овие причини, ќе дојде до недостиг од вода за наводнување со кој ќе се соочи целата котлина. Бидејќи, како што е наведено во планот за работа на рудникот, за негово функционирање треба да се снабдува со вода од акумулацијата Турија, акумулација од која се наводнува цела Струмичка Котлина. Секако, тоа не е спорно доколку акумулацијата имаше капацитет за тоа. Но, нема! И така во летниот период водата е дефицитарна за земјоделците, додека, пак, за работа на рудникот е потребно количество многу над капацитетот на акумулацијата.
Кога се работи за водата, овде е и водата за пиење, како и подземните води, за кои постои ризик од загадување бидејќи, како што знаеме, според резултатите од тестирањата, се укажува на голема пропустливост на геологијата на наоѓалиштето, што значи можност за навлегување на површинските води директно од наоѓалиштето во подземните води, на тој начин и до домаќинствата.
Ризикот од заболувања е голем, а единствена економија што може да оди напред во тој случај е здравството бидејќи ќе се зголеми бројот на заболени од канцерогени болести. Да не заборавиме дека Струмичка Котлина се наоѓа во подножјето на две прекрасни планини Беласица и Огражден, каде што се и прекрасните водопади и извори, а со мала поддршка од државата Струмичкиот регион може да прерасне во еден од најразвиените туристички места во однос на екотуризмот, дејност што оди во корист на зачувување и на промовирање на природата, како и на економски план. 

Пред нас е голема мисија, целта ни е јасна, мораме да ја зачуваме природата во нејзиниот природен облик. Веруваме дека ќе успееме доколку и малкутемина што останаа „неосвестени“, конечно, се разбудат од заблудата и го кренат својот глас. Се надеваме дека и властите ќе застанат на страната на народот, кој им дава легитимност, се надеваме дека ќе ја сфатат грешката што ја имаат направено и ќе се поправат, се надеваме дека ќе сфатат дека му прават штета на својот народ.
Мајката природа нѐ повикува, а наша должност е да ја спасиме!

- банер -

Еклатантен пример за природна катастрофа поради рударството претставуваат Филипините. Нивните четири мали острови Мариндуке, Рапу Рапу, Маникани и Хомонхон беа опустошени поради рударството. Имено, владата на Филипини во периодот 2014-2015 година има издадено речиси 1.000 дозволи за ископ на руда сакајќи да го промовира рударството со цел да ја засили локалната економија, меѓутоа, како резултат на рударската активност, уништена е огромно површина шума, водата за пиење е загадена, а поморот на рибите го загрози главниот извор на економска егзистенција на локалното население. 

(Авторот е граѓански активист од иницијативата „Стоп за рудникот Иловица-Штука“)

Напишете коментар