Актив арт, Лице в лице интервју

Сали Ертунч: Културата им припаѓа на децата и на љубопитните, не на пазарот

Скопска есенска вечер. Атмосферата е  натежната од лица на политичари на билбордите, слогани за иднината, разни ветувања, пароли кои звучат познато…
Под нив, град што сè повеќе тоне во рамнодушност, во ѓубре и во заборав. Но во една мала уличка, во просторот на културниот центар „Јадро“, се случуваше нешто друго: уметност која не моли за внимание, туку го предизвикува.

Сали Ертунч, експресионист кој себеси се нарекува „машина за штанцање идеи“, со изложбата „Сакате ли војна?“ создаде свет во кој се судираат Трамп, фалангата на Александар Македонски, митолошки ѕверови, Марвел херои и сето тоа, со многу хумор кој пецка… Во оваа необична „арена“ на цртежи, принтови и инсталации, политиката не е непријател, туку симптом, огледало на нашата колективна незаинтересираност, на култура што секогаш си има цена. Неговиот Дон Кихот не замавнува со меч, туку со љубопитност, со детска страст за создавање и со непомирлива потреба да праша: кому му припаѓа културата денес- на уметникот, на пазарот – на оние што можат да платат, или на публиката?

Тоа беше една од оние вечери кога разговорот со уметникот се претвора во огледало, и за уметноста, и за политиката, и за нас самите.
Мене ми беше мерак да го продолжиме тој муабет и во интервју за „Лице в лице“. Можеби токму тука, ќе отпочнеме и поширок дијалог…
Ако нешто од ова ви звучи блиско, инспиративно, забавно, провокативно, контактирајте го авторот, еве ви го „на тацна“.

Оригами авиончињата на осумгодишниот Ведран Трошански, се дел од инсталацијата на Сали

„Сакате ли војна?“ содржи над 1.000 дела – цртежи, принтови и инсталации. Дали како инспирација за ова лежи некоја лична борба, колективна фрустрација или ништо од ова и сосема трето?

– Морам да поправам – 1400 цртежи, 2 дигиталки и две инсталации кои се направени во соработка со осум-годишно дете, Ведран Трошански. Првичната идеја не беше филозофска, ниту уметничка. Дојде единствено од љубопитност. Имав направено 16 цртежи. Ми беа привлечни, интересни, пристојни и забавни. Не можев да одолеам и да ги игнорирам, па направив еден куп како нив. При изработка на цртежите, темата доби различни насоки. Оваа насока која ја имав на изложбата беше избрана како најдобрата. Сега вака звучи како да сум работел со тим, но мене секојдневието ми е тимот. Добивав информации од различни луѓе, слушав различни мислења, на различни теми. Сите тие го оформија овој проект – публиката и мојата естетика. Тие ми беа бензинот, а јас бев машината за штанцање.

Дон Кихот е силна референца. Кој е совремниот Дон Кихот, борецот против очекувањата на јавноста и пазарните правила?

– Ако отидете на отворањата на поголемите (на етаблираните уметници) изложби, тие најчесто се местата каде што излегуваат мисиите на Дон Кихот. Дојдени се за изложба, а трчаат за пијачка. Делата се закачени и наместени, но со грб им одговараат. Гласни се со гардероба, но тивки се со идеи. Е, тие се ветерниците. Се претставив како него, а ветерницата ја разбрав. Убава од далеку, но бескорисна без ветар.

Уметникот Сали Ертунч со својата „фаланга“. Фотографија: Ебру Али.

Сали, кому му припаѓа културата и уметноста денес?

– На децата! Ако тие не творат, како ќе имаме култура?! Една анализа вели дека дете до седум години што создава (цртеж, музика, поезија, глума…) е среќно дете. До 10 е дете на култураш. А после 12 годипна возраст, ако продолжува да создава, тоа е љубопитно дете. Човек без љубопитност нема да прашува, нема да има одговори, туку само ќе постои. Значи, иако одговоарам, „на децата“, би рекол дека им припаѓа и на сите тие што се љубопитни.

Ако Вашите дела би можеле да зборуваат, што би рекле тие?

– Зошто олку малку? Седи цртај! Уште и уште и уштеее и УШТЕЕЕ!

Дел од цртежите од изложбата „Сакате ли војна?“

Дел сте и од колективот кој го креира фестивалот „Под земја полесно се дише“, кој игра значајна улога во независната култура и уменост во Скопје. Ќе видиме ли оваа година фестивал во скопското подземје?  

 – Јас сум сè уште возбуден од изложбата, не сум размислувал и не сум зборувал на темава.

Ако можевте да објавите „војна“ против само со еден концепт, правило, случка, човек… против што/кој би било тоа?

– Против Демијан Хрст! За да докажам дека не го бива! Особено против неговиот последен серијал на точки и дрва! Пууууу!! Само што, тој ќе продаде, а моите слики пак кај мене ќе останат.

Дело од изложбата „Сакате ли војна?“

Прочитав дека имаш економско образование и дека те бива за правење бизнис план. 😊 Му треба ли бизнис план на искреното, моќно креирање уметност? Како да го одржиме, без тој бизнис план?

– Правење план е една од најдобрите работи што сум ги научил во мојот живот. Не само што гледам да бидам хаотичен за да го најдам тоа што ќе ме убива со радост, туку, во иста рамнотежа го сакам тоа што ме заземјува. Ми помага на визуелизацијата на апстрактните мисли во познат јазик. Како што е математиката посебен јазик на животот, така е и визуелизацијата. Не сум добар со бизнис план, но со планирање сум.

Во време на вештачка интелигенција (ВИ) и дигитални алатки, колку е за тебе важно уметникот да ја задржи рачната, физичка трага во својата работа?

– ВИ не е ништо повеќе од колку што е „Фотошоп“. Не во таа смисла! Вештачката интелигенција е алатка и таа е фасцинантна работа. Зар е толку страшно да зборуваш со некој попаметен, повешт створ!?
Вака да прашам –  Влегувате во галерија на групна изложба. Гледате дела со различни техники. Кои се најпривлечни? Фотографиите или сликите направени во слоеви и слоеви и слоеви? Дигиталните принтови, или графиките со 5 различни слоеви на боја и техники? 3Д моделите или мермерот изработен? На крајот на галеријата гледате едно дело кое што е дрвена скулптура од дрво најдено во шума и довршено со 3Д принт делови во хроматична боја, која е изработена од ВИ, само со напишан еден промпт.

Во оваа смисла, има ли DIY  (како своевиден отпор кон бирократијата и комерцијализацијата и масовноста) иднина во уметноста и културата?

– Отсекогаш имало и ќе постои. Најкреативните, најиновативните, најлудите и најпрекрасните луѓе се собираат во такви места! Не сите ги сакаат нив, не секој ги разбира. Нивните дела се откачени и не се привлечни, песните се агресивни и не се танцувачки, а поезиите, да не зборам… Таму никогаш не се случи комерцијализација. Мое мислење е дека комерцијалното е за малоумни, а DIY-от е прав пат.

Го користите хуморот како уметничко оружје. Свесно и намерно, или? Може ли хуморот да биде форма на критика што боли повеќе од директниот протест?

– Марк Твејн вели: Хуморот е трагедија, плус време.
Не сум размислувал на ова. Едноставно, тоа е мојот начин на справување со проблемите над кои немам никаква контрола. Маркус Аурелиус вели: Имаш контрола над својот разум, не над надворешните настани. Разбери и ќе имаш сила. Разочаран сум од демократските права на секојдневниот човек. Но, од хуморот, не сум разочаран никогаш! Насмевка или плачка!? Мој избор е да насмевнувам, а не да се смеам.

Дело од изложбата „Сакате ли војна?“

Што е следно од Вас?

– Не знам, и јас се прашувам. Се прашувам и прашувам, и добивам многу одговори, не само еден. Тоа го сакам и тоа ме бутка за повеќе да истражувам. Сакам да направам една изложба со храна, друга со светло, трета пак, со игра во просторот, четврта со ВИ. Не знам ни јас, но идеи имам. Ќе дознаеме наскоро!

Напишете коментар