„Секој е посебен на свој начин“ – порачаа ученици во Босилово и во Гевгелија – дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“
„Сите деца имаат исти права“, „Сите ние сме исти“, „Децата се деца, без разлика на нивниот изглед“, „Секој е посебен на свој начин“ – ова беа дел од пораките што во изминатите два дена ги испратија деца од општините Босилово и од Гевгелија. Неколку стотици основци заедно со нивнитенаставници, но и психолози и педагози од нивните училишта учествуваа на завршните настани на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, што е инициран од театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, а во Македонија е реализиран во соработка со здружението на граѓани за дисфункции, хендикеп, ретки болести и лица со посебни потреби „Дајте ни крилја“ и Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“. Станува збор за проект кој во Шведска се реализира од 2014 година и дава одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година.
Трета година по ред на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ се вклучија 15 училишта од цела земја, кои во два месеци реализираа работилници, разговараа, твореа. Како дел од активностите им беше да го проследат филмот „Модна ревија: Од Глада Худик до Њујорк“ во режија на Јохан Ског, снимен во 2020 година. За активностите со училиштата се погрижи музичката уметница Ребека Јанковска-Ристески, основач на „Дајте ни крилја“.
Домаќин на настанот во с. Босилово беше Коста Тимов, активист за правата на лицата со попреченост, амбасадор на лицата со аутизам, кој во својот етно-ресторан „Кај Виктор“ многу често организира настани и содржини во кои се склучува вистинска инклузија на лицата со попречености. Тој ги поздрави гостите и им порача на децата да ги отворат срцата и да ги прифатат сите другарчиња. Преку примерот на својот син Виктор, кој има 20 години, тој им долови на учениците дека со добра поддршка од средината, од врсниците, и лице со аутизам може да се образува, да напредува. Виктор Тимов е при крај со средното образование.
Учениците од с. Моноспитово, Иловица и од Босилово цртаа, пишуваа пораки на балони што ги вивнаа во небо, прашуваа, разговараа. Во рамките на настанот беше отворена и изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“ на авторите Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска, а учениците заедно ја проследија и филмската проекција. Колку е важно да ги гушкаме, да им бидеме поддршка на другарите со некаква попречеснот, се согласија и децата.
Од психолошко-педагошката служба на училиштето во Босиловo. Психологот Горан Гогов посочи дека вакви проекти се неопходни во образовниот систем, кога децата можат преку уметност да учат за предрасудите.
Вториот завршен настан се одржа во ОУ „Владо Кантарџиев“, каде учествуваа ученици и од Богданци и од Стојаково.