Одговорна иднина

Секој втор ден во земјава е непродуктивен

Срцевината на нашата слаба економија и низок животен стандард е нашиот менталитет, т.е. нашата култура. Доколку македонските граѓани / компании сакаат да ги достигнат своите највисоки амбиции и цели, ние мораме да ја коригираме културата. Без да го постигнеме ова, немаме шанси за иднина поинаква од минатото во кое „шлапкаме“ со просечни резултати

Автор на текст: Виктор Куновски

Илустрација: Зоран Инадески

И покрај скромниот пораст од 3,9 отсто на годишниот домашен бруто-производ (БДП), економиите на шест држави од Западен Балкан – Албанија, Македонија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, се најсиромашните и најнископродуктивни економии во Европа.

Холанѓаните се 970 проценти попродуктивни од Македонците
За да е појасно, колку, всушност, сме сиромашни и заостануваме во економски контекст, треба само да се погледне последниот економски извештај на Европска банка за обнова и развој (ЕБРД) од 2018 година. Од тука се гледа дека македонската економија (компаниите и бизнисот), произведува само една половина од просечниот БДП по човек, во споредба со 11 источноевропски држави и само една четвртина од просечниот БДП на најбогатите нејзини членки.
Слични се и економските факти според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од 2017 година, кои велат дека БДП на:
– два милиона Македонци е 11,41 милијарди долари
– два милиона Словенци е 48,07 милијарди долари
– два од вкупно 16,5 милиони Холанѓани е 97,03 милијарди долари
Ова значи дека Словенците се 480 проценти, а Холанѓаните 970 проценти попродуктивни од Македонците!
Со ваков економски пораст на македонската економија ќе ѝ бидат потребни 50 до 80 години за да го достигне европскиот просек.

Не го пишувам ова за да ја потврдам нашата позната и мизерна економска реалност. Не! Токму спротивно. Гледајќи ја реалноста в очи – да понудам конкретно иновативно решение, кое овој процес на пораст и на развој ќе го катализира и ќе ја зголеми продуктивноста на македонскиот бизнис за два, три или и до девет пати. 

Ако за момент не верувате дека е ова можно, сакам да споделам една мудрост на еден современ лидер милијардер Тони Робинс, кој вели: „Ако сакате да постигнете извонредни резултати во која било област, најдете ги луѓето што веќе успеале во тоа и, едноставно, учете и / или копирајте го нивниот модел на успех“.
Во таа насока, еве и конкретен пример, кој Македонија може да го следи. Во средината на минатиот век, благодарение на посветеноста и на визијата на тогашните економско-политички лидери, Сингапур за само една генерација (20/25 години) од неразвиена станува високоразвиена економија. Денес, Сингапур е меѓу петте најбогати земји во светот. Ако може Сингапур, може секој, а можеме и ние. Но, верувам, ќе се прашате, „како“?

Решението е во проблемот
Срцевината на нашата слаба економија и низок животен стандард е нашиот ментaлитет, т.е. нашата култура. Доколку македонските граѓани / компании сакаат да ги достигнат своите највисоки амбиции и цели, ние мораме да ја коригираме културата. Без да го постигнеме ова, немаме шанси за иднина поинаква од минатото во кое „шлапкаме“ со просечни резултати.
Да објаснам поедноставно. Културата е збир на вредности, верување и навики. Накусо речено – менталитет. Сето ова во секојдневието се манифестира преку однесувањата на лидерите и на луѓето, односно вработените во организацијата и / или граѓаните.
Вредностите / однесувањата, може да се позитивни (профит, добра комуникација, континуирано учење, креативност, визија), но и лимитирачки (обвинувања, бирократија, корупција, загадување, непочитување). 
За споредба, културата е како крвна слика, при што позитивните вредности се како здрави крвни клетки што го јакнат имунитетот, а лимитирачките се штетни клетки или вирус што го разболува организмот.

Во бизнис-контекст, позитивните вредности ви ги зголемуваат карактеристиките, продуктивноста и профитот, а негативните се некорисни за продуктивна работа и ви го јадат профитот, ви создаваат штета.
И доколку оваа споредба ви е логична и јасна, добро обрнете внимание и запаметете ги фактиве што следуваат бидејќи на најдиректен начин влијаат на парите во вашиот џеб, или профитот на вашиот бизнис.
Ако го погледнете мерењето на културата, кое е направено во 2009 година и за кое детално пишувам во книгата „Дијамантско лидерство“, ќе видите дека македонската култура има 52 отсто позитивни и 48 отсто лимитирачки вредности / однесувања.
Меѓу лимитирачките вредности, кои зафаќаат 48 отсто од нашите секојдневни однесувања се: корупцијата, бирократијата, криминалот и насилството, непотизмот и обвинувањата, кои се главни творци, генератори на невработеноста, несигурната иднина и на сиромаштијата. Со други зборови, нашата крвна слика не изгледа добро.

Илустрација: Зоран Инадески

Сиромаштијата ни доаѓа од лошата култура
Ако ги земеме податоците од ММФ за 2018 година, со 52 отсто позитивни однесувања, произведуваме домашен бруто-продукт вреден 12,669 милијарди долари. 
Но, 48 отсто лимитирачки однесувања, значи дека речиси секој втор ден во Македонија е непродуктивен. Поради ова, македонската економија само во 2018 година загубила 11,69 милијарди долари (да, да милијарди се во прашање). Ако ги собереме последните десетгодишни домашни бруто-производи, со нашите 52 отсто позитивност, сме произвела 105,91 милијарди долари. Штетните вредности ни изеле 97,76 милијарди долари. Тоа е цената на криминалот, корупцијата, непотизмот, бирократијата. Јасно е. Сиромаштијата ни потекнува од лошата култура. Овие вртоглави загуби се случуваат секоја година. Ќе се случуваат и понатаму, сѐ додека не преземеме одговорност за своите постапки и не направиме корекција на културата. Неопходно е да имаме помалку од 10 отсто штетни вредности.
Замислете, место да бидат изедени од сивата економија, неколку безобразно алчни, корумпирани и криминализирани поединци и нивните бескрупулозни тимови, овие пари да се слеат во вашиот бизнис / компанија / економијата, образованието, здравството, инфраструктурата… И место горните девет канцерогени однесувања, со кои немаме шанси за поквалитетна иднина, решително избереме и посветено да ја фокусираме нашата енергија во создавање 10 вредности и однесувања како: инспиративна визија, грижа за идните генерации, правење разлика, иновација, претприемаштво, постигнување одлични резултати, еколошка свест, чесност, владеење на правото, почит, финансиска благосостојба.
Кога денес би имале помалку од 10 отсто од штетните однесувања во културата, нашиот БДП би бил 21,92 место само 12,669 милијарди долари, и секој од нас би имал речиси двојно повеќе пари во џебот.
Десет години со ваков ритам и ете ви го сингапурското сценарио во Македонија.


Помал процент штетно однесување – пат до исклучителна економија

За корекцијата на културата е потребно чесно и искрено лидерство, кое несебично ќе се посвети на остварување на визијата. Бенефитите од еден ваков процес ќе бидат далекосежни, феноменални и ќе го засилат целиот имунитет на граѓаните и на економијата. Ќе бидеме сведоци на огромно зголемување на економската моќ на бизнисот и на граѓаните, на извонредна патна, електро, гасна, железничка инфраструктура. Ќе бидеме преплавени од инвестиции бидејки секој инвеститор сака да инвестира во средени држави во кои инвестицијата им е стабилна, а ќе имаме и беспрекорно здравство, едукација, социјална грижа за сите на кои им е потребно. Нашите деца, пријатели, роднини, не само што нема да имаат потреба да емигрираат, туку тие што избегале, ќе се враќаат и ќе сакаат да инвестираат тука. Ќе живееме во еколошки здрава средина, со чисти реки, планини и градови.

Знам дека некои од вас нема да веруваат дека е ова можно, дека е преамбициозно. Но, ако не сонуваме големи соништа, зар живејачката има поента? Пред точно 50 години, имагинацијата, амбицијата и сонот ги спушти првите луѓе на Месечината. Поради нечија визија, денес возиме електрични автомобили, кои за 10 години се очекува да доминираат на нашите улици. Повеќе од 7.000 светски компании и 60 нации веќе работат на мерењето и на менаџирањето на својата култура. Да се прашаме – „зошто“?

Намалувањето на лимитирачките однесувања за 3, 5 и 10 отсто на годишно ниво се документирани и потврдени факти кај нив. Истото можеме, и треба да го правиме и ние, бидејќи е возможно. 

Гледајќи и учејќи од нечии туѓи успеси и искуства, јас сум длабоко уверен, дека со здрави, искрени и чесни лидери, кои имаат чувство за бизнис и за претприемаштво, и на кои им е преку глава од досегашните просечни резултати, ние можеме во само една генерација да ја постигнеме оваа цел и во културата да имаме помалку од 10 отсто штетни однесувања.

Само така ќе успееме да изградиме исклучителна економија и нација.

(Авторот е советник за личен и за организациски развој)


Текстот е објавен во 38. број на „Лице в лице“

Напишете коментар