Воведник

ПОСРЕЌНА 2021 ГОДИНА! ЗА СИТЕ

Лице в лице #43 Lice v lice

2020 година нè отуѓи, нè затвори, нè затресе, нè спушти на земја, нè забави, но и ни отвори простор да се подзамислиме и во однос на самите себе, и во однос на другиот и во однос на природата, но и да се загледаме во  нови поодржливи можности.

Ова беше и една од најтешките години на „Лице в лице“, кое вртоглаво се превртуваше во турбуленциите на 2020 година. Некогаш останувавме и без здив, ама никогаш не престанавме да веруваме дека можеме. Шоковите ги видовме и како можности. Иако можностите за промена и за развој, особено кога работите со најранливите во општеството, за жал, не одат брзо колку што сакаме.

Шокот беше најсилен во првите месеци на пандемијата, кога најактивно си делевме совети и размислувања  и во рамките на Интернационалната мрежата на уличен печат и со повеќе улични списанија поединечно, кои активно се фокусираа на кампањи за донации. Ние, пак, акцентот го ставивме на организирана продажба во компании и во институции. Не бевме среќни со решението продавачите да седат дома, а ние да им носиме помош до нивните домови, ама како да немавме друг избор во првиот удар на пандемијата. Така, привремено, го згазнавме нашиот основен принцип дека работата е основната алатка за интеграција. Со оглед на групите со кои работиме, за дел од нив, ова беше губење на земјата под нозе, изложување само на влијанието на средината во која живеат и, соодветно, повторно враќање на старите навики и на вообичаените сфаќања – самосожалување, ми треба помош, некој мора да ми помогне. Тоа на што со години работевме да го искорениме, сега им го донесовме ние самите – Седете дома, ќе ви носиме помош! И бевме свесни за последиците. 

За кратко време „Лице в лице“ ја доби својата дигитална верзија, нешто што беше сосема невообичаено за уличен печат зашто го продаваат ранливи лица, повеќето од нив сместени во гета, обележани, а уличната продажба им доаѓаше и како начин на социјализација, можност да се почувствуваат еднакви, важни во општеството зашто се ангажирани, зашто работат и заработуваат за себе и за своето семејство. Успехот на продавачите, освен на работата на менторите, се должи и на публиката, купувачите што направија овие лица да се почувствуваат прифатени, што значително им ја зголемува самодовербата.  И како тоа што го добиваа во интеракцијата со купувачите на улица, да се пренесе во светот на интернет земајќи предвид дека најголемиот дел од продавачите се лица што никогаш не користеле компјутер?

Летните месеци го вратија „Лице в лице“ во некоја нормала, барем за дел од продавачите. Дел од нив повторно беа на улиците, со одлична продажба. Но, ноември донесе уште еден удар – празни улици, лоша продажба, демотивирани и разочарани продавачи, што беше причина за ставање значаен акцент на дигиталното издание и почнување на кампањата „Посреќна 2021 година! ЗА СИТЕ“. Ова е заеднички труд на тимот на „Лице в лице“, партнерските организации, менторите што во наредниов период активно ќе бидат вклучени во поддршката на продавачите за нивно активирање во просторот на интернет. Ќе учиме од буквата А. Звучи тешко, но знаеме дека не е невозможно. Многупати досега сме си го потврдиле тоа. 

Целта не е продавачите да останат пасивни, туку да се обучуваат и заедно со своите ментори да развиваат своја заедница на купувачи преку своите кодови. 

Во оваа насока засилено ќе работи и целиот тим на „Лице в лице“ за преку дигиталната продажба да создаде и фонд за поддршка на процесите на работна интеграција и на развој на потребните вештини и релации на менторите и на продавачите. 

Во овие процеси менторите ни се клучни. Без нив тие ќе застанат. И ова уште еднаш ни потврдува колку е важна поддршката во процесот на работна интеграција, сеедно дали преку интернет или не. Зад секој успешен продавач на „Лице в лице“ и зад секоја успешна работна интеграција на ранливо лице стои успешен ментор. 

Во годината што следува „Лице в лице“ заедно со вас, заедно со членовите на дигиталната заедница ќе вложува во продавачите, но и во нивните ментори, кои е важно да бидат исклучително подготвени, силни, отворени и вешти за да можат да  водат успешен процес на работна интеграција, на социјално менторство. Програма што веруваме дека ќе овозможи 2021 година да биде посреќна за сите, вклучувајќи ги и најзаборавените во општеството. 

Напишете коментар