„Сиљан“ на Котевска преку Венеција „летнува“ кон светот

Англискиот дистрибутерски гигант „Dogwoof“ од Лондон ги обезбеди светските права за интернационална продажба на „Сиљан“ [The Tale of Silyan], најновиот документарен филм на режисерката Тамара Котевска кој ќе има светска пермиера за една недела на Филмскиот фестивал во Венеција.
Компанијата е позната по своето портфолио од современи документарци номинирани за „Оскар“ и BAFTA. Ова е нивна втора соработка со Котевска, по глобалниот успех на „Медена земја“. Вклучувањето на „Dogwoof“, според филмските кругови, е сигнал дека „Сиљан“ веќе се гледа како сериозен кандидат за престижна оскаровска номинација.
По светската премиера на филмот, ќе следи северноамериканска премиера на фестивалот во Торонто, каде „Сиљан“ е вклучен во официјалната натпреварувачка селекција. За пазарот во Северна Америка правата ги обезбеди UTA Independent Film Group, а во продукцискиот тим се приклучи и Concordia Studios. Продуцентката Casey Meurer од Concordia изјави:
– Уште од првиот разговор со Тамара, Concordia беше all-in. Тамара е ексепционален талент – нејзината храброст, уникатна визија и безрезервна предаденост на создавање филмски дела блескаат од секој кадар на ‘Сиљан’. Пресреќни сме што Dogwoof ни се приклучи во тимот.

Филмот носи и музика потпишана од Joe Wilson Davies и Hun Oukpark, композитори од студиото на Hans Zimmer. Нивната работа е опишана како емотивна и суптилна, создадена да „дише“ со кадрите и да ја поддржи тивката болка, нежноста и визуелната поетика на филмот. Вклучувањето на креативци од светот на еден од најзначајните филмски композитори претставува дополнителна потврда за уметничката тежина на проектот.
„Сиљан“ е инспириран од македонски фолклор од 17 век и ја следи приказната за земјоделецот Никола, кој во услови на земјоделска криза останува сам, но го наоѓа својот неочекуван сојузник во бел штрк со повредено крило. Од таа средба започнува реална бајка – паралела меѓу судбините на луѓето и птиците, како и огледало на општествените текови.
– Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто- вели Котевска.

Филмот е копродукција на Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop и продуцентите Тамара Котевска, Jean Dakar, Јорданчо Петковски и Anna Hashmi. Во креативниот тим се вклучени монтажерот Мартин Иванов, студиото PROTA за тонска обработка, GHABHA Studios за колор корекција и консултантите Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz.
-Чест е повторно да се соединиме со Тамара, која повторно му подари на светот кинематски дијамант – магична документарна бајка што ќе ги остави без здив гледачите ширум светот- изјави Oli Harbottle од Dogwoof.
Прочитајте го и нашето минатогодишно интервју со Котевска на овој линк
- „МакеДокс“ го отвора своето 16. издание – вечер сите во Куршумли-ан
- „Сиљан“ на Котевска преку Венеција „летнува“ кон светот
- Континуитет на родово-базираното насилство. Од реалноста до дигиталниот свет
- Од стереотип до насилство: Темната страна на дигиталниот простор за жените
- „Зборци“, дефиницијата за патоплочувачи