Симбиозата меѓу луѓето и другите живи нешта во домот
РАСТЕНИЈАТА МОЖАТ ДА ПОТТИКНАТ ЛАЧЕЊЕ СЕРОТОНИН, ШТО НЀ ПРАВИ ПОСРЕЌНИ И ПОРЕЛАКСИРАНИ, А ИСТОВРЕМЕНО И ГО ПОДОБРУВААТ НАШИОТ ИМУН ОДГОВОР. „ЗЕЛЕНА“ ЗА МЕНЕ Е ОСТВАРУВАЊЕ НА ЕДЕН СОН, КОЈ НИ САМАТА НЕ БЕВ СВЕСНА ДЕКА ГО ИМАМ
По образование сум психолог, по професија новинар, а по хоби одгледувач и вљубеник во растенија. Иако овие три работи навидум личат неспоиви, за мене се многу тесно поврзани. Заедничкото е симбиозата меѓу луѓето и другите живи нешта.
Полевање, пресадување, лекување болни растенија
Како психолог здобив увид во состојбите на умот што ме натера да откривам нови начини за подобрување на менталното здравје кај луѓето, а како новинар најчесто истражував теми поврзани со корупцијата во животната средина бидејќи токму тие ми беа едни од најболните. Уништувањето на природата и на екосистемот, урбанизацијата и бетонизацијата на градовите неизбежно влијаат врз психичкото здравје на луѓето.
Луѓето припаѓаат во природата и зависат од неа од повеќе аспекти. За мене најинтригантен беше психолошкиот аспект. Прво, позитивните ефекти од растенијата ги почувствував на себе. Кога првпат ќе донесеш растенија во домот, првите неколку денови си во шок како досега си живеел без нив. Инстант подобрување на расположението само од гледање во новото зеленило што ти го разубавува просторот за живеење. Потоа доаѓа предизвикот – грижата за растенијата. На почетокот се прашував дали воопшто можам да ги одржам во живот и дали сум ѝ дорасната на задачата. Но, толку брзо ми се вовлекоа под кожа, што брзо моето ново хоби се претвори во опсесија. Уживав со часови да читам и истражувам за нив, а потоа да ги применувам советите што сум ги прочитала. Сакав да имам сѐ повеќе и повеќе растенија. Секоја активност поврзана со растенијата ми беше уживање и ми го подобруваше расположението. Без разлика дали стануваше збор за полевање, пресадување или лекување болни растенија.
Зеленилото ги подобрува концентрацијата, креативноста, меморијата
Промените што ги почувствував ме направија љубопитна, па почнав да истражувам за влијанието што го имаат растенијата на нашето психичко здравје. Докажано е дека растенијата го намалуваат стресот и го подобруваат расположението. Кога луѓето се опкружени со растенија се зголемуваат нивната концентрација и креативност, а им се подобрува и меморијата. Тие можат да поттикнат лачење серотонин, што нѐ прави посреќни и порелаксирани, а истовремено и го подобруваат нашиот имун одговор.
Така се роди идејата за „Зелена“, продавница што сакав да биде едно ново зелено катче во градот, поинакво од сѐ што веќе постои. Личното искуство со одгледување растенија ме натера да размислувам колку сите би имале придобивка од грижата за нив, особено ние младите. За мене растенијата претставуваа еден вид бегство од реалноста, која знае да биде полна со неизвесност, стравови и стресни ситуации, па грижата за нив ми овозможува неколку моменти мир и тишина во денот.
Сакав тоа чувство да го споделам и со другите, особено со тие што досега не се осмелувале да чуваат растенија мислејќи дека нема да можат да ги одржат во живот бидејќи и јас самата ги имав истите дилеми пред да почнам. Ми недостигаа информации и не знаев речиси ништо за растенијата, мислев дека се прекомплицирани за чување и дека не може секој да биде успешен во чувањето. Морам да признаам и дека неколку растенија ми завршија трагично, додека сè уште се обидував да откријам што сакаат.
„Зелена“ – заедница на љубители на растенија
Денес верувам дека секој што има желба може да чува растенија, ако го има вистинското растение и ако добие соодветна помош и поддршка при одгледувањето. Сметам дека токму тој недостиг од информации за одгледување растенија, на некој начин, ги демотивира луѓето да го почнат ова хоби.
Затоа идејата за „Зелена“ не е само да биде продавница, туку една заедница на љубители на растенија, која ќе ги мотивира луѓето да ги сакаат растенијата и ќе им дава помош и поддршка при одгледувањето. За да го постигнеме тоа, решивме секое растение да доаѓа со писмено и усно упатство за одгледување. Бидејќи со правилни насоки, сите можеме да имаме дома џунгла од здрави и среќни растенија. Покрај упатствата, задолжително поставуваме неколку прашања за условите каде ќе се чува растението и колку луѓето се подготвени да му се посветат. Нашата цел не е само да купат какво било растение и тоа да им умре за кратко, туку да го имаат долго време и да уживаат во неговата убавина.
Размена на зелени пријателчиња
Љубовта кон растенијата ја шириме и се обидуваме да ја разбудиме и на многу други начини. Еден од нив беше настанот „Размена на коренчиња“. Целта на овој настан беше луѓето меѓу себе да ги разменуваат растенијата што ги имаат и секој да си замине дома со ново зелено пријателче. Настанот ги надмина сите наши очекувања. Имаше огромна посетеност и заинтересираност, но, освен размена на растенија, имаше и размена на искуства и совети за одгледување и, се разбира, дружба меѓу истомисленици и љубители на растенија. Покрај тоа, на нашиот Инстаграм профил почнавме и нова рубрика наречена „Plant Parents“ преку која сакаме да ги запознаеме луѓето и нивните растенија и преку нивните лични искуства и видувања да раскажеме една приказна за убавината на растенијата. Сите овие активности имаат заедничка цел, да ги охрабрат и мотивираат луѓето да чуваат растенија бидејќи, како што ние во „Зелена“ милуваме да кажеме: исто како што ние се грижиме за растенијата, така и тие се грижат за нас и ни ја возвраќаат љубовта што им ја даваме. Секој заслужува и треба да има растенија бидејќи растенијата го прават животот поубав, а наша задача е да ја направиме грижата за растенијата лесна, едноставна и забавна.
(Авторката е основач на „Зелена“)