„Сите сме едно“ – „Лице в лице“ разговор со Јован Ристовски, режисер на првата професионална претстава на знаковен јазик кај нас
ТИВКО ПЛАЧЕВ ВО СЕБЕ, СТАНУВАЈЌИ СВЕСЕН ДЕКА ОВИЕ ДЕЦА И СЕТА ГЛУВОНЕМА ПОПУЛАЦИЈА ВООШТО НИКОГАШ НЕ ДОЖИВЕАЛА СЕНЗАЦИЈА И НЕ СЕ ПОЧУВСТВУВАЛЕ КАКО ПРИПАДНИЦИ ВО ОПШТЕСТВОТО И ОКОЛИНАТА КАДЕ ШТО БИЛО КАКОВ КУЛТУРЕН НАСТАН СЕ ИНТЕРПРЕТИРА НА ЗНАКОВЕН ЈАЗИК, КОЈ ГО НАРЕКУВААТ МАЈЧИН ЈАЗИК. СЕ ЧУВСТВУВАВ ПОРАЗЕНО.
Приказната на Марко Цепенков, за овчарот и трите самовили, е точката на раѓање и поврзување со првата професионална претствата на знаковен јазик кај нас, „Три“, во продукција на АТО, (Центар за современа уметност и култура), од Битола, а во режија на Јован Ристовски.
Преку оваа сторија, режисерот успева да адресира еколошки предизвици, преку ликовите на Лила, Розе, Синка и Sвонко Бонбонко, кои ги глумат актерите Маја Андоновска Илијевски, Анастазија Христовска, Сандра Грибовска и Никола Пројчевски, но, и да отвори могу прашања врзани за инклузивните процеси кај нас, и за улогата на уметноста, воопшто.
Костимите во претставата се на Марта Дојчиновска, а шминката е на Симона Ристевска.
И создавањето и животот на „Три“ беше повод за „Лице в лице“ разговор со нејзиниот автор, режисерот Јован Ристовски.
„Три“ е првата професионална претстава кај нас на знаковен јазик, наменета за младата публика, (чија премиера се случи при крајот на изминатата година). Што беше поттикнувачко за нејзиното раѓање? Дали можеби недоволниот степен на инклузија во нашето општество, генерално, или, пак, можеби некоја конкретна случка?
Приказната започна сосем случајно. Коинциденција која секогаш е непосредна, ненамерна, неамбициозна, со природен тек на настаните, секогаш раѓа инспирација, која ниже идеи кои се чисти и наивни во нивната суштина, оргинални и уникатни, деконтаминирани од она што го бара “пазарот” или го налагаат програмите за поддршка на граѓанските организации, фондовите за поддршка, институциите итн. Живееме во време кога многу често наменски се спонзорираат различен тип проекти бидејќи тоа го бара спонзорот, односно донаторот. Тоа, според мене, е сериозен проблем кон самата уметност во 21 век. Многу филмови, театарски претстави, изложби, перформанси, литература… се креираат според темите, таргетот и целите кои ги налага донаторот. Не дека им се лоши нивните цели и таргети, но уметност создавана по нарачка, во одреден момент, создава неавтентичност – на едно несвесно ниво се создава магловит пат во текот на размислувањето и креирањето кај уметникот, кој што е принуден да отстапува од автентичните идеи поради донаторот, спонзорот односно “изворот” што ја дава поддршката.
Оваа театарска претстава се случи спонтано.
Идејата дојде додека режирав детски интернационален музички фестивал, кој припаѓа на европската и светската асоцијација на детски музички фестивали. Земајќи го фактот дека многу земји ќе го гледаат настанот и сакајќи да не го правам како што е условната форма за ваков настан, решив да ја променам формата на одржување на фестивал и да го претворам во едно сценско патување на тема: космос и хемиските елементи, со цел да раскажам дека дел од хемиските елементи во нашето тело, ги има во природата, во животните, во растенијата како и надвор од нашата планета, односно во Космосот. Имав слобода во креирањето на фестивалот, тоа беше и условот зошто сум се нафатил. Се случуваше во 2010 година – тој период од мојот живот бев опседнат со таа тема и сакав на свесно ниво да ѝ раскажам на најмладата популација дека треба да бидат свесни оти сите сме граѓани на нашата планета, и дека сме сите поврзани еден со друг, и не само со човечкиот вид, туку и со природата и со космосот. Посакаувам, младите генерации, односно човечката цивилизација во 21 век, да го надминат национализмот и сите останати стари општествени вредности кои веќе не носат никаков прогрес на цивилизацијата, а истовремено и за севкупниот живот на планетата Земја. Секогаш сум со намера, без разлика кое дело и во било која уметничка форма го создавам, да се буди свеста на човекот, и дека навистина не смееме да ги повторуваме истите “крвави” грешки низ историјата. Со идеја дека во 21 век за развој кон подобро општество треба да се вложува во образование, наука и уметност. Да продолжиме да истражуваме! Да создаваме! Имам огромна енергија и љубов, и животна мисија ми е да ја ширам таа убава мисла и емоција со цел – надминување на цивлизациските проблеми, за потикнување на емпатичноста, за надминување на предрасудите, за освестување на дискриминацијата која е присутна, за ширење на маргините, на човечката свест – баш исто како што секој ден се шири и космосот.
Тука е и тој клучен момент за создавање на „Три“…
Да. На музичкиот фестивал 2010 година, недела-две пред премиерното изведување, понесен од идејата и во знаесот на работа, дојдов до фикс идеја дека сакам да појавам глувонемо дете кое поради тој недостаток не може да ја ужива музиката во која било форма, но, дека тоа не значи дека нема право да не биде дел од таков настан. Сепак, глувонемите лица ги чувствуваат вибрациите на звукот. Басот најмногу.
Сакав на публиката, како и на гостите од 19 земји да им споделам идеја и перформанс надвор од општо прифатените начела за правење музички фестивал. Па дури и со намера неочекувана за многумина, појава на глуовонемо дете сред интернационален музички фестивал, со цел да се испрати порака дека – навистина сме едно.
Беше неописливо чувство кога се појави глувонемото девојче на сцена. Ние сите таму, како и гледачите на телевизија, бевме едно цело, заборавајќи на натрепреварувачкиот карактер на фестивалот, на секојдневните проблеми. Се чувствуваше љубов. Таа го интерперетираше монологот на знаковен јазик за еднаквоста, за љубовта, за космосот, дека сите ние сме поврзани еден со друг, додека во исто време на звучници во говорна форма се емитуваше истиот монолог. Прекрасно завршена мисија.
Во салата, без да знам, присуствуваа 40-тина глувонеми соученици на девојчето. Беа превозбудени, пресреќни, радосни и задоволни. Не можев ни збор да изустам. Бев емотивно потресен. „Убиен”. Тивко плачев во себе, станувајќи свесен дека овие деца и сета глувонема популација воошто никогаш не доживеала сензација и не се почувствувале како припадници во општеството и околината каде што било каков културен настан се интерпретира на знаковен јазик, кој го нарекуваат мајчин јазик. Се чувствував поразено. Мислев само на тоа колку ние луѓето сме себични. Слепи. Незаинтересирани за околината, за заедницата. Радоста и возбудата која ја искусија глувонемите деца на музичкиот настан кој не го слушаат беше Повик
кон мене дека еден ден ќе им направам театарска претстава на знаковен јазик. Дека ќе дадам сѐ од себе за да ги удостојам и да им го обезбедам правото за социјално – културен живот. Така се роди идејата за ТРИ – Првата професионална претстава на знаковен јазик.
Поминав низ многу перипетии и проблеми за реализација на оваа идеја. Нашата земја не нѐ поддржа со целосно разбирање. Штета. Но верувам дека после успехот на оваа претстава, Министерството за култура ќе ја разбере суштината колку е битен овој пионерски чекор, и дека ќе служи само како пример, како иницијатива за поддршка на театарски претстави на знаковен јазик во земјава.
Бескрајно сум благодарен на ГИЗ, Германската меѓународна агенција и тимот што ја препозна идејата, ја поддржа нејзината реализација и гостувања низ неколку града низ државава. Заслугата оди на адреса на Тина, Лиса, Самец…
И да, за инклузијата во нашата земја која е започната одамна, хм, ќе треба уште многу да работиме.
Што носи „Три“? Кому му се обраќа?Какви предизвици адресира, која е нејзината најважна порака? Што очекувате да промени?
Зошто би требало да ја погледнат младите?
Уште како студент по театарска режија во класа на Слободан Унковски, истражувајќи го светот наоколку, дојдов до заклучок и го дефинирав времето во кое живееме како: Нова Ренесанса и Хуманизам, а од овој аспект сега би додал можеби и Екологизам.
Го спомнувам професорот бидејќи од него, не само што научивме за професијата: театарска режија, и воопшто, театарска уметност, туку ми се чини најмногу за животот. Таквите луѓе треба да ги величиме. Современото општество треба да величи научници, уметници, активисти кои го градат општеството, влијаат и ги потикнуваат, инспирираат младите за да продолжи процесот на растење и созревање на нашата цивилизација! Да не беше тој, не знам дали денес ќе бев тоа што сум. И по тој принцип, влијаам со претставата кон најмладата публика, во случајот прифаќање на глувонемата популација како дел од нашиот секојдневен живот, дека не се исклучок. Дека сме тука сите заедно.
Главната тема на претстава е еколошката тема, односно екокатастрофата која се случува на планета Земја. Претставата има дидактички карактер со цел најмладата популација да научи и да стане свесна дека е неопходно да го фрламе ѓубрето во канта за отпад. Конкретно, да почне да учи да селектира и да го фрла во соодветните корпи за отпад, како што се за: стакло, пластика, хартија и за органски отпад. Мораме! Неопходно е!
Инклузијата се случува во претставата бидејќи актерите ја изведуваат претставата на знаковен јазик и паралелно говорат текст. Со тој начин ѝ овозможуваме на широката детска публика, и во исто време, на детската глувонема публика, да седат заедно во салата и да уживаат во театарската магија. Најдобрата мисија од оваа претстава е што детската публика, во интеракција со актерите, ја учи знаковната азбука, како и некои основни базични знаци потребни за комункација со глувонема личност. Многу од младите пројавуваат интерес за повеќе знаење на знаковни зборови за да си играат со другарчињата интерпретирајќи го знаковниот јазик во нивната комуникација. Се надевам дека еден ден Mинистерството за образование ќе имплементира неколку часа во наставната програма за изучување на знаковната азбука. И една, од моите најбитни мисии е министерството за култура да поддржува театарски претстави во редовната репертоарска програма на Народен Театар Битола, бидејќи токму во Битола се наоѓа единственото основно специјализирано училиште за глувонеми деца во нашата земја, како и за предучилишна возраст во која од сите градови доаѓаат глувонеми и наглуви деца кои учат и живеат во интернат. Исто така и во Тетатарот за деца и младинци во Скопје, бидејќи само таму се наоѓа единственото средно училиште за глувонеми тинејџери. Верувам дека еден ден и ова ќе се случи и нема да биде ексклузивност или отстапка, туку едноставно нормален стандард.
Верувате ли дека театарот има моќ, освен да ги артиклулира, и да ги решава горливите прашања од сферата на инклузијата? Или, пак, доволно е само да ги отвори за сите нас? Да поттикне дебата, размислување, повисока свест.
Дали нашата уметност во доволна мера се занимава со аспекти кои значат инклузија и испраќа пораки дека треба подобро да се запознаваме и прифаќаме меѓу себе?
Кога ќе се прифатиме себе си, тогаш ќе се прифатиме и меѓу себе.
Во нашата земја многу тешко оди процесот на прифаќање на различностите. Предрасуди има ми се чини насекаде, за сѐ. Нашиот народ е многу тежок на промени. Генерално нема дијалог. Нема комуникација. Искреноста помеѓу луѓето како да исчезнала. Не градиме и не развиваме здрави меѓу човеки односи. Државниот систем, политичките партии кои се дел од системот, и луѓето кои работат и го креираат системот на нашето општество, не се доволно флексибилни, ажурни, заинтересирани и се интелектуално слаби за да можеме да изградиме здраво општество. Живееме во земја, во која популацијата не чита редовно книги, најчесто се интересира за пари и лесна ефтина забава. Се разбира сето тоа се последици од системот, слабиот економски развој и ништожниот стандард. Со еден збор нашата земја не нуди квалитетен стандард на живеење. Само земете ги во предвид здравствените услови и сѐ ќе стане појасно.
Народот не го интересира култура, уметност и образование – знаење. Страшно е. Младите се иселуваат, ќе се претвориме во земја на духови и градови на пензионери доколку не се променат суштински проблемите. И во сета оваа ситуација инклузијата во нашата земја не е во прв план, веројатно и не може да биде бидејќи многу други есенцијални проблеми има самата земја, самиот систем, па затоа инклузијата споро се развива, затоа ја нема, отсуствува. Инклузијата кај нас сѐ уште е во своите бебешки чекори, во онаа фаза кога веќе се проговорува, препознава, но, верувам дека ќе порасне за многу брзо како што и децата брзо растат и ќе ја доживееме нејзината суштина. Ова го тврдам бидејќи многу организации и фонадации во нашата земја работат и ги имплементираат правата од секаков аспект на ранливите групи, ЛГБТИ + заедницата, етничките заедници, иницијативите за родова еднаквост, итн. Ниту една промена во било кое општество низ историјата не се случила преку ноќ, сѐ е процес. Животот е процес, театарот е процес. Нашето постоење е процес.
Со искуството на претставата ТРИ, лично го редефинирав сфаќањето кон театарот и која моќ ја има како медиум. Театарската уметност е еден од најстарите медиуми на светот. Бидејќи се случува во живо, влијанието кон публиката е силно, темелно. Затоа треба многу внимателно да се бира што им се нуди на публиката, зошто и во кое време и околности се прави театарското дело.
Театарот е идеален за инклузија. Таму, сите различности, собрани на сцена и во публика на едно место – како и што треба да биде во едно современо општество.
Што вие лично научивте од „Три“? Колку сте задоволни од приемот?
Кои се идните планови за животот на претставата?
Научив нова форма на изразување на нашиот македонски јазик. Всушност се отворија прашањата „Дали знаковниот јазик е дел од идентитетот на нашата земја? Како да го третираме? Го третираме ли воопшто? Која е неговата вредност? Дали соодветните институции работат на нова стандардизација на знаковниот јазик?“
Секој јазик, нели, се смета за жива материја.
Ме изненади приемот од публиката, не само од страна на детската публика која пројави сериозен интерес за знаковниот јазик – туку од возрасната публика. И возрасните беа возбудени со ист жар како и децата. Верувам дека таа возбуда и радост кај возрасните беше поради фактот дека на други родители кои имаат глувонеми деца во публиката им озвозможивме и им направивме претстава на знаковен јазик. Едноставно, возраснaта публика ја препозна вредноста на оваа претстава, која не само што е со инклузивен карактер, туку има хумана, филантропска вредност. Ние како екипа на ТРИ сме среќни и горди луѓе на нашето дело. Радоста на екипата со публикта е заемна.
Бевме среќни што на претставите присуствуваа и возрасни глувонеми луѓе, меѓу нив и некои над 60 години кои за прв пат во животот гледаа претстава!
Во тековната 2022 година ќе се реализираат неколку репризни изведби во Битола, Скопје, Струмица и Велес. Претставата ќе продолжи да се игра и во 2023 година. И како што кажав, бесконечниот спирален круг на живот ќе се однесува и за оваа претстава која еден ден ќе згасни, но ќе инспирира за нови претстави на знаковен јазик.