Доза вести

Рамајана Реџепи, продавачка на „Лице в лице“: посакувам во иднина да го бранам правото на граѓаните!

Време на читање: 4 минути
- банер -

Продавачките на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, Рамајана Реџепи, (корисничка на услугите на Дневен центар за згрижување деца од улица во Шуто Оризари), Гордана Малинова и Анабела Мередиева, (од Дневниот центар „Порака“, Волково), по повод Меѓународниот ден на жените, беа гости во владата на Република Македонија, на настан организиран од Министерството за труд и социјална политика, кој се одржа под слоганот „Различни приказни, заедничка борба“.
Средбата обедини жени од различни ранливи категории, со цел да им се одаде почит на достигнувањата и на борбата за еднаквост на сите жени и девојки, но, и истовремено да се осуди секој облик на дискриминација, насилство и вознемирување.

Жените хероини од „Лице в лице“, во разговор со присутните, се навратија на промените кои се случиле во нивните животи, пред и по процесот на деинституционализација.
Споделија дека комуникацијата со луѓето е нешто што неизмерно ги радува.
„Дружбата со луѓето секогаш нѐ расположува. Но, преку нашата работа и активност, успеваме и да заработиме“, велат тие.
-Убави се утрата во заедницата, кога пиејќи кафе, се договараме како ќе ни тече денот. Правиме план, каде ќе продаваме, кога ќе излеземе од дома. За нас е радост кога луѓето купуваат и читаат „Лице в лице“. Понатаму, пак, планираме и како да ги потрошиме средствата за нешто што ни е потребно во домот, велат тие.
Рамајана Реџепи се надоврза дека е среќна што е една од девојките, жените, кои имаат можност да се образуваат.
-Јас учам средно економско и сакам да бидам една од жените што ќе го бранат правото на граѓаните во полициска униформа. Еден ден!, сподели Рамајана.

Mинистерката Јована Тренчевскa нагласи дека сите имаме различни животни приказни, но таа разноликост е нашето богатство.
– Она што сите нас нѐ обединува овде е борбата која секоја од нас ја води. Заедничка е и храброста, истрајноста, толеранцијата, емпатијата, посветеноста. Како министерка за труд и социјална политика, но пред сѐ како жена која долги години е посветена на родовата еднаквост, сакам да ви порачам, вам но и на сите жени, дека секогаш ќе стојам на страната на еднаквоста, на правдата, на концептот на едно општество за сите. Општество во кое и жените и мажите ќе имаат еднакви можности и пристап до сите ресурси во општеството, изјави Тренчевска.
Претседателот на владата, Димитар Ковачевски, истакна дека без потполна родова еднаквост, нема ниту демократија, ниту социјална правда. Овие прашања, нагласи, ќе бидат решени само ако им дадеме постојана гласност, видливост и ако секој ден зборуваме за нив и ги истакнуваме пред целото општество.
-Работиме да изградиме општество без стереотипи и дискриминација, општество кое е инклузивно и обезбедува еднакви можности за сите. Нашите заложби за економско зајакнување ги вклучуваат подеднакво и девојките и жените. Независни и економски силни жени, со свој силен глас и мислење, со можности за слободен избор и еднаквост, се иднината на нашата држава која нема да толерира дискриминација по ниедна основа. Само така, заедно создаваме инклузивно, еманципирано и силно општество, рече Ковачевски.
Инаку, меѓу присутните, својата приказна ја раскажа и самохрана мајка на дете со попреченост, како дел од згрижувачките семејства во нашата држава.
-Да се биде згрижувач, не е само да се земе дете, да има кај да спие, да јаде или престојува. Секој згрижувач треба да го почувствува детето, моментот на загриженост, на немир, на тага, да се биде до него, да го фати за рака, да го гушне, рекла Сузана Стојановска, мајката на Никола, дете со Даунов синдром и згрижувач на Денис, дете со оштетен вид.
Според, претставничката на UN WOMEN, Весна Ивановиќ, стереотипите за местото и улогата на жената во домот и општеството, за жал, сѐ уште се насекаде околу нас, секојдневно, на улиците, во училниците, во медиумите, во домовите.
-Професиите сѐ уште се делат на машки и женски и жените на одлучувачки позиции. Особено клучни одлучувачки позиции се бројат на прстите на рацете, а некогаш и само на едната рака. Затоа, на овој Осми март, сакаме да им оддадеме посебна почит на сите жени (и мажи) кои на свој начин придонеле и придонесуваат кон родовата еднаквост, истакна Ивановиќ.
Арифе Адеми, мајка на Ембла, девојчето со Даунов синдром од Гостивар, зборуваше за нивната семејна приказна и предизвиците со кои тие се соочиле.
-Мојата приказна со доаѓањето на Ембла на овој свет, не е многу поразлична од вашите приказни, бидејќи во нашите приказни има многу љубов, многу болка, и многу надеж за една подобра иднина. Секогаш кога ќе ја погледнам Ембла во очи, како да ми вели: Ми даде збор, дека нема да се предадеш и дека нема да се умориш, барајќи права за мојата иднина! Те молам биди силна, мамо, рече Адеми.

- банер -

Напишете коментар