Доза вести

„Лице в лице“ интервју со Билјана Јуруковски, фотографка: Далечните племиња кажуваат многу и за нас самите

НЕЈЗИНИТЕ ФАСЦИНАНТНИ ДЕЛА БЕА ОБЈАВУВАНИ ВО „ТHE NATIONAL GEOGRAPHIC“, „THE GUARDIAN“ И ДРУГИ СВЕТСКИ МЕДИУМИ. ПОСЕТУВАЈЌИ ГИ РАЗЛИЧНИ МЕСТА НА ПЛАНЕТАВА, ГИ ФОТОГРАФИРА ПЛЕМИЊАТА КОИ ЖИВЕАТ ДАЛЕКУ ОД ЦИВИЛИЗАЦИЈАТА И ФЕНОМЕНИТЕ НА ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА, СВЕДОЧЕЈЌИ ЗА УБАВИНИТЕ, УМЕШНОСТИТЕ, КУЛТУРАТА НА ДЕЛ ОД ЛУЃЕТО НА ПЛАНЕТАВА КОИ ЖИВЕАТ ВО СКЛАД СО ПРИРОДАТА.

Фотографии кои носат емоција, нов светоглед, „фрлена ракавица“ на западниот начин на функционирање, живеење, делување. Откриваат различни култури, провоцираат, но и кои ни ја „цртаат“ суштината на живеењето.
Ова е само еден мал дел од приказните и сето она што го носат фотографиите на Билјана Јуруковски, фотографка со македонско потекло, која живее во Австралија. Нејзините дела го обиколија светот на медиумите, беа објавувани во „Тhe National Geographic“, „The Guardian“, меѓу другите, но и ја обиколија планетата Земја, посетувајќи племенски заедници кои се далеку од она што западниот човек го смета за современо живеење. Посетувајќи различни места, ги фотографира племињата кои живеат далеку од цивилизацијата, феномените на глобализацијата, сведочејќи за убавините, умешностите, културата на дел од луѓето на планетава кои живеат во склад со природата. Гледајќи ги нејзините дела, се случува да се „стоплите“ од емоцијата што ја носат и да се „смрзнете“ од очудувањето кое го предизвикуваат.

Сè почна од информација споделена од големиот пријател и соработник на „Лице в лице“, фотографот Драги Неделчевски, кој ни зборуваше за Билјана, за нејзините дела, споделуваше нејзини фотографии, восхитен од нејзината работа. Интервјуто го „крчкавме на тивко“, го започнавме додека Билјана беше во Дубаи, а потоа и во Јужен Судан.

1. Неодамна имавте изложба и одржавте семинар во Дубаи, на големиот светски фотографски фестивал „Хposure international photography festival“, на кој, меѓу другите, овогодишни учесници се и познатите Џејмс НахтвејСтив Мекари… Што значи за вас вакво претставување?
– На фестивалот беа поканети и присутни некои од најголемите имиња од светот на фотографијата. Покрај Меккари и Џејмс, таму беа и Мохамед Мохаисен, добитник на две  Пулицерови награди, Френк Форние, фотографот кој документираше последните моменти од животот на 13 годишното девојче Омајра Санчез, жртва на вулканска ерупција во Колумбиа, понатаму, Омар Хавана и многу други фотографи.  За мене лично оваа изложба е од големо значење. Се чувствувам привилегирана што моите фотографии беа изложени на овој врвен настан.
Се претставив со колекцијата „Tribal muses- the avant garde of he tribal world”. Тоа се портрети од Сури домородните луѓе кои што живеаат на граница помеѓу Етиопија и Јужен Судан.

2. Вашите фотографии ни ги покажуваат луѓето кои функционираат изолирано од модерното живеење. Од каде оваа инспирација? Како започнавте да ги фотографирате?
– Од како знам за себеси секогаш сум била фасцинирана од различни култури и сум сакала да посетувам места кои не се туристички атракции. На моето прво патување во Пунџаб се воодушевив од боите на традиционалните носии, нивната култура. Почнав да размислувам сето тоа да го прикажам и споделам преку фотографија. Во тоа време не ми падна на памет дека подоцна ќе го започнам она што го правам денес – ги фотографирам некои од најизолираните домородни луѓе. Љубовта да се започне нешто премногy екстремно е една работа, но не е секогаш лесно да се направи првиот чекор. Доколку гледаме низ историјата секогаш во светот на фотографијата преовладувал машкиот свет, а посебно во правецот на фотографија што јас го работам. Во исто време не е воопшто лесна одлука да се направи, бидејќи сум сопруга, мајка, веќе имам изградено кариера во тотално друга професија. Исто така свесна сум за сите ризици поврзани со овој вид фотографија. Но, животот е полн со изненадувања и некогаш доаѓаат моменти кои можат целосно да ти го сменат животот. Еден од тие клучни моменти беше во 2014 година, кога во моите раце се најде книгата „Пред да исчезнат“ од познатиот фотограф Џими Нелсон. Сè уште се сеќавам на моментот кога ја отворив книгата и првата фотографија што ја видов беше од Мурси домороден старец кој држеше калашников во рацете и беше украсен со рогови од диви животни, а покрај него седеа две дечиња. Во тој момент запчнав да се прашувам, дали сè уште овие луѓе постојат, каде се наоѓаат, како би можела да добијам пристап во тие делови итн. Од тогаш започнав со проучување на фотографијата, а истовремено и со истражување на последните цивилизации кои до голем степен не се допрени од модерниот свет.   

3. Луѓето од Вашите фотографии делуваат многу различни од, условно кажано, нас. Но, во суштина, ја живееме истата човечка приказна, во која што поскоро се осознаеме себе си како суштества кои делуваат во склад со природата чиј дел се, толку подобро за сите нас. Како резонира ова согледување со вас?  Кои се разликите и сличностите на „луѓето од фотографиите“ и „луѓето од соседството, од улиците“?

– Луѓето се луѓе насекаде. Имаме многу сличности како што имаме и разлики. Сличноста е во тоа што сакаат да бидат почитувани, имаат чувство на совест, грижа кон децата, фамилијата. Разликите, се разбира, се во тоа што модерниот свет не е толку навлезен. На пример, има делови во Јужен Судан каде што нема ни вода и таму е вистинска борба за опстанок.

4. Што беше најголемо изненадување за Вас при овие патувања и фотографирања? Што научивте од овие луѓе?
– Патувањата во овие тешко достапни предели се секогаш исполнети со изненадувања, но и подготовки пред самото патување. Патуваме и нешто да научиме, за животот на другите, за нивните култури, обичаи, традиции. Научив дека пред сè треба да бидеш човек, да ги прифатиш луѓето онакви какви што се, да им покажеш почит. Небитни стануваат сите титули кои ги оптоваруваат луѓето во модерниот свет. Кога си во нивниот свет, најважно ти е да преживееш, да имаш храна и вода.

5. Во најголем дел од фотографиите, фотографирате жени, мајки, девојки (иако, токму онаа со Монголецот и орелот се најде во „The National Geographic“).
Носи ли и тоа некоја ваша порака – пред сè за реобмислување на тоа како светот гледа на жените, и, можеби и гледање на феминизмот како идеологија за еднаквост?
– Мајките, жените, посебно во Африка се `рбетот на Африка. Тие носат голема одговорност, се грижат за семејставата, за децата, тие се оние што одат во потрага на вода, поголемиот дел на одговорности од секојдневниот живот е на грбот на жената. Не можам да речам дека сум феминистка – во моето најблиско семејсвто, сопругот и двајцата синови секогаш сум била третирана подеднакво и не сум осетила дека не сум еднаква со нив. Но, кога ќе погледнам пошироко и надвор од моето семејство, дефинитивно се забележува дека жената не секогаш има подеднаква улога со машкиот свет.

6. Опишете ни една возбудлива авантура од Вашите фотографски патувања, од каде најмногу сте научиле, сте созреале, која Ви го сменила животот.
– Секое патување е свое доживување и си има свои авантури. Никогаш нема да ги заборавам пропуштените авионски летови, каде сум заспивала по аеродром од премор, заглавените коли, моментите кога требаше да ја преминуваме надојдената  реката во Етиопија, вооружената пресметка помеѓу два различни клана. Верувам дека од секоја случка учиме по нешто и до некој степен ни го менува животот.

7Вие сте Македонка од Австралија, со потекло од Прилеп. Покрај фотографијата, се занимавате и со сликарство, но, Вашиот уметноста не Ви е работа, туку бизнисот. Не може да се живее од фотографија, или друго е пресудно за овој Ваш „мултитаскинг“ свет?
– Работам како извршна менаџерка на четири домови за стари лица и тоа ми е професионалната работа.  Фотографијата и сликарството, ги сакам премногу  и преку нив добивам баланс и исполнување. Не знам дали може да се живее од фотографија затоа што не сум пробала да живеам од тоа. Тука има многу фактори кои играат улога. Мојот стил на фотографија и што јас фотографирам е до некаде ограничен, а затоа, до некаде е уникатен. Моите фотографии кои се понудени за продажба обично се продаваат на колекционери. Имаше случај каде што бродовите „Ројал Карибиан“ имаа откупено фотографии за еден од нивните бродови.

8. Минатата година, и македонската публика имаше можност да ги види вашите дела. Кога пак во Македонија? Која е следната дестинација за Вас и за Вашите фотографии?
– Да, македонската публика имаше можност да види многу мал дел од мојата работа. Се надевам дека ќе имам можност понатаму да претставам и дел од моите други фотографии. По Дубаи, бев во Јужен Судан од каде што тукушто се вратив. Таму бев да фотографирам некои од најизолираните домордни народи. Следната дестинација и проект ќе биде малку различна и планирам во април да одам на Јава да го документирам животот на рударите во рудниците со сулфур. Во Македонија, се надевам, ќе дојдам во јуни.

Напишете коментар