Доза вести

„Денот на црвот“ од Симона Јованоска добитник на наградата „Роман на годината“

Во конкуренција од 39 книги, „Денот на црвот“ од Симона Јованоска, издание на „Или-Или“ од Скопје, е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2021 што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. 
„Денот на црвот“ претставува успешно книжевно остварување во кое авторката на умешен начин комбинира различни приказни, човечки судбини и егзистенцијални ситуации, се наведува во образложението на жири комисијата за наградата.
За победничкиот роман одлучуваше жири-комисијата во состав Владимир Јанковски, Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева.

– Композициски, книгата може да се чита како еден вид книжевна симфонија во која голем број елементи дијалогизираат едни со други, на моменти се оддалечуваат и се доближуваат, за повторно да се спојат и обединат во една смисловна целина. Романот е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да ги нијансира значењата на текстот. Станува збор за полиперспективен книжевен текст, во кој контрапунктот и пресвртот, варијациите на темите и мотивите, нивната игрива и луцидна сопоставеност создаваат богат и слоевит роман, истакна Јанковски.

Наградената авторка, Симона Јованоска, истакнува дека романот бил пишуван во еден исклучително тежок период за неа, во време на пандемијата, низ 2020 година.

– Драго што од еден таков тежок период за мене излезе една таква мала, всушност голема победа. Победа која дополнително во иднина би ми претставувала мотивација да бидам подобра во тоа што го правам. Никогаш нема да пишувам наменски или да се допаднам на кој било, секогаш ќе пишувам за да држам до себе, да останам своја и никогаш немаше да го постигнам ова без поддршката на оние кои ми се најблиски, рече Јованоска.

Наградата „Роман на годината“, која е во организација на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава се доделува по 23. пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Напишете коментар