Скопје џез фестивал започнува со Анджеј Јагоѓински Трио и Националниот џез оркестар

Скопскиот џез фестивал ужива култна репутација во Европа и светот, обезбедена со грижливо конципирана богата програма, втемелена на ексклузивноста, актуелноста и современиот џез. Годинашната програма засигурно ќе ја потврди високата интернационална репутација на фестивалот. Во неа доминираат американски музичари. Така, во една вечер се две многу посакувани имиња на џезот, легендарниот гитарист Марк Рибо и Кахил Ел Забар. На финалната вечер, пак, не случајно, ќе се најдат Вадада Лио Смит, недвојбено денес најголемиот жив американски џез музичар, и Џејмс Брендон Луис, неодамна прогласен за музичар и тенор саксофонист на годината. Возбудлива ќе биде и европската вечер, со последното ремек дело на Горан Кајфеш Тропик и квартетот на Јан Банг и Арве Хенриксен, со специјалниот проект кој пред две години со голем оркестар беше за прв пат изведен токму во Скопје, а сега издаден и на плоча. Конечно, на отворањето, после плејадата најдобри светски оркестри, своја „шанса“ на фестивалот добива и нашиот Национален џез оркестар, збогатен со двајца специјални гости, Зиги Фајгл и Луис Бониља. Особен е ексклузивитетот и нашата горделивост со прикажувањето на два свежи музички документарци, за фанкот и за Сан Ра, веќе оценети како ремек дела. Тие своите европски премиери, не случајно, ќе ги имаат на Скопскиот џез фестивал.
Еве кого да очекувате на првиот ден на фестивалот.

Еден од најдобрите полски пијанисти, композитор и аранжер, Анджеј Јагоѓински е роден во 1953 година. Тој дипломира во класата по француска хорна на Музичката Академија Фредерик Шопен во Варшава. Уште како студент свири во оркестарот на Полската радио телевизија, за подоцна целосно да им се посвети на пијаното и џезот. Следуваат соработки со најеминентните полски џез музичари од ‘80-те, како Збигњев Намисловски, Јануш Муњак, Томаш Шукалски, Јан „Пташин” Вроблевски и Јарек Шмјетана, и настапи низ целиот свет. Своето трио го формира во 1993 заедно со Адам Цегелски на контрабас и Чеслав Бартковски на тапани. Една година подоцна следува главниот пресврт во неговата кариера – изданието “Chopin”, уникатен албум со композиции на големиот Фредерик Шопен во џез аранжмани. Огромниот успех го отвора патот за “Chopin Once More” од 2000-та, албум со златен тираж. Соработката на Анджеј Јагоѓински со италијанскиот пијанист Џовани Мирабаси повторно го поставува Јагоѓински на светските сцени, а нивниот “Mirabassi & Andrzej Jagodziński Trio” е еден од најпродаваните албуми во Јапонија во 2003 година. Заради тоа, следниот проект “C-minor” од 2006-та, добива и јапонско издание. Анджеј Јагоѓински долги години предава на Џез одделот на Државниот музички комплекс во Варшава, а во 2005 во својата Полска го добива Gloria Artis орденот за заслуги во културата.

Уметничката зрелост, експресивноста и доследната посветеност на негувањето на џез традицијата за кратко време го вброија Националниот џез оркестар меѓу највлијателните биг-бендови на Балканот. Официјалниот статус како Национална институција го добива во 2024 година, но музичката традиција што стои зад него се темели на долгогодишна работа, започнувајќи со биг-бенд концертите во 2016 година. Под уметничкото водство на истакнати диригенти и композитори како Зиги Фајгл, Владимир Николов и Џијан Емин, оркестарот создава уникатен и современ звук и соработува со реномирани светски музичари како Курт Елинг, Марија Мендеш, Дони МекКаслин и Џон Рајли. На џез фестивалот оркестарот ќе настапи под водство на австрискиот диригент Зиги Фајгл, а гостин солист ќе биде Луис Бониља. Фајгл важи за еден од најистакнатите фигури во европскиот џез и пионер во развојот на биг-бенд музиката и џез образованието. Соработувал со великани како Арт Фармер, Боб Брукмаер и Тутс Тилманс и е професор и раководител на Џез академијата во Грац. Во Грац живее и работи и Луис Бониља, меѓународно признатиот американски тромбонист со богата и долга музичка кариера. Како ученик и соработник на Лестер Боуви, тој настапувал во неговата легендарна група Brass Fantasy.
- Скопје џез фестивал започнува со Анджеј Јагоѓински Трио и Националниот џез оркестар
- Прослава на „Стоп за Вардариште“
- Од електроника до поп, од поезија до трап – современиот звук што го носи „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“ во Скопје
- „Мама Круг“ – заедницата што го адресира менталниот товар кај мајките и ја менува културата на поддршка во Македонија
- Палачинки и пријателство: млад претприемач открива зошто луѓето сакаат да работат кај него