Следи го сонот, може и да ти се оствари (интервју со Сара Климоска)
Во пресрет на премиерата на првиот долгометражен игран филм на режисерката и сценаристка Елеонора Венинова, „Преекспонирано“, разговараме со актерката Сара Климоска, која игра една од главните улоги. Зборуваме за повеќе аспекти на филмот, театарот, уметноста воопшто, но и за родовата рамноправност, за нејзините инспирации и поглед на свет
Тинејџерка, фам фатал, жена со попреченост, жена од село, млада девојка…
Актерката Сара Климоска дава свој специфичен печат во филмските ролји, во театар, на малите екрани, во сериите кои се омилени. Од веселата и темпераментна Ана во детската „Пет + фамилија“, Елена во регионалната хит-серија „Мочуриште“, преку впечатливите театарски остварувања во „Мојот маж“ во Драмски театар, „Работи за кои не сакаме да зборуваме“ во МНТ, до Вахида во „Сите сме птици“.
Таа е „на ти“ и со филмската камера, па публиката ја памети и како Донка во „Врба“ на Манчевски, а собра пофалби и за улогите на Доста во „Кајмак“, и во „Нема да си сама“ на Горан Столевски.
Во пресрет на премиерата на првиот долгометражен игран филм на режисерката и сценаристка Елеонора Венинова, „Преекспонирано“, во продукција на ДНФ Филмс, а во кој Климоска игра една од главните улоги, разговараме за повеќе аспекти на филмот, театарот, уметноста воопшто, но и за родовата рамноправност, за инспирациите на Сара и за нејзиниот поглед на свет.
На големото платно актуелна сте со „Преекспонирано“, во очекување сме и на „Лена и Владимир“, а го видовме и „Кајмак“. Во театар се бара карта повеќе за „Сите сме птици“, на телевизија Ве гледаме во неколку регионални серии… Како изгледа животот на млада, наградувана актерка која е толку ангажирана? Како „жонглирате“ со работните обврски на повеќе сцени?
– Среќна сум што ја имав можноста да работам доста, особено на филм. Периодично тоа знае да биде многу напорно и да бара огромна енергија, но кога ќе дојде резултатот, се заборава сè. Има периоди во кои има сè и периоди во кои нема ништо. Тешко ми е кога ќе завршам со некој проект, да го спуштам адреналинот и да одмарам бидејќи тоа подразбира менување на животот драстично. До вчера едвај сум чекала нешто да заврши за да одморам, а од утре не знам што со себе.
Кажете ни повеќе за улогите во овие филмови.
– Секоја улога ми е предизвик сам за себе. „Лена и Владимир“ е мојот прв долгометражен филм во кој играм главна улога бидејќи е снимен пред 5 години и едвај ја чекам премиерата. Лена ми беше навистина огромен предизвик бидејќи таа улога ми беше моето прво новороденче. Од оваа перспектива, драго ми е што влегов во тој проект целосно и без задршка. Ја играв Лена како што ме водеше интуицијата и таа улога ми беше мојот најважен час по филмска глума.
Во „Преекспонирано“ играв млада девојка која ја бара и ја испитува својата сексуалност. Таа улога напишана од Елеонора Венинова ми беше многу блиска, како да сум ја пишувала јас. Во „Кајмак“ ми беше многу драго што Милчо повторно ми ја даде довербата за да соработуваме. Доста беше навистина деликатна улога и во тој филм влегов многу претпазливо и студиозно. Ми беше важно да доловам лик со попреченост на многу уверлив и автентичен начин без никакви карикатури, а сепак тоа да биде во склоп на жанрот на филмот – комедија.
„Сите сме птици“ ми беше можеби најголем предизвик во изминатиов период. Како актерка која почесто работи на филм, да се втурне во најголемата сцена во Скопје е навистина тешка адаптација. Но, имав прекрасна соработка со Унковски и со сите колеги и тоа ми беше добар столб за слободна креација.
Климоска во сцена од „Кајмак“ на Милчо Манчевски
Што Ви е најзначајно во секоја од улогите кои ги играте – и на филм, и во театар?
– Во секоја од улогите ми е најзначајно да биде автентична и уверлива. Мојата теорија е дека на сцена е сè дозволено доколку глумецот целосно верува во тоа што го прави.
Како ја оценувате ситуацијата во културата и уметноста кај нас? Кој е главниот виновник за тоа што не се гледа/цени вредноста во оваа сфера?
– Со ова кратење на буџети во културата, ќе ни ја снема и оваа културна сцена што и до сега ја имавме. Страшен е односот кон култура од сите политички елити, без разлика од која партија. Сметам дека во Македонија, потенцијалот за култура е огромен и тоа се гледа, но константно се соочуваме со пречки и потешкотии. Се надевам дека нема да ни ги досечат и тие крилја што ни останаа.
Во оваа смисла, имаат ли уметниците и обврска, или, можеби, потреба, да се бунтуваат против неправдите и надвор од нивниот медиум (сцена, платно, пишан збор…)?
– Основната работа на уметноста е да ги отвори, покаже и детерминира трулите работи во едно општество. Дали на улица или преку својата уметност, уметниците го искажуваат својот став.
Сцена од претставата „Сите сме птици“ во МНТ. Фотографија: Кире Галевски
Жената во филмската индустрија, жената во театарот. Уште колку „фурни леб“ ни се потребни за родова рамноправност на ова поле?
– Кога статистички се гледа дека во филмската екипа или пак театарската, ретко парираат жени, многу е јасна позицијата на жената во нашата индустрија. Ние немаме ниту една жена која работи директор на фотографија, а и жени режисерки се бројат на прсти и во филм и во театар. Не знам уште колку долго ќе трае ова, ама дефинитивно јасно се поставени позициите.
Која е најголемата табу-тема во македонското општество?
– Мислам дека многу голема табу тема е геј брак кај нас. Не само што не се зборува за тоа, туку тоа прашање е отфрлено како непостоечко или како да нема потреба од тоа.
Што е најважното нешто со кое оваа земја треба да се гордее и да го „извезува“?
Оваа земја треба да се гордее на добро вино, добри патлиџани, одлични музичари и супер глумци.
Која е Сара, приватно? Како уживаш да го поминуваш слободното време, имаш ли време за спорт, хоби и сл?
Во моментов ова интервју го пишувам од Валона, Албанија. Ова е моето прибежиште за да одморам. Јадам добра и евтина храна, пијам вино, читам, правам јога и имам време во денот за сè.
Сцена од „Преекспонирано“. Фотографија: ДНФ Филмс
Имате 8 години. Во училиште работите писмена вежба на тема „Што сакам да бидам кога ќе пораснам и зошто“. Што сте напишале?
– На 8 години имав многу различни желби за тоа што сакам да бидам кога ќе пораснам. Знам само дека никогаш не сакав да станам докторка, иако како сите клишеа, баба ми многу сакаше да ја имам таа „титула“. Д-р Сара Климоска, дури и лошо звучи. Знам дека сакав да бидам адвокатка, социјална работничка, сликарка, вајарка, но најдолго ми остана желбата да бидам танчерка. Од мала се занимавав со различни танци и добро ми одеа. Драго ми е што станав актерка, бидејќи вака можам да бидам од сè по малку.
Fast-forward 80 години од тој момент, имате 88 години. Каков живот имавте? За што сте најгорда, што Ве направило најсреќна и најисполнета?
– Најсреќна ќе сум прво да ги доживеам тие 88 години. Се надевам дека ќе продолжам да живеам исполнето и слободно. Во одредени фази од животот, сум приметила дека сум се стресирала и загрижувала премногу за работи кои навистина не биле толку битни. Со нив или без нив ќе се преживее и ќе се најде смисла во тоа што е постоечко и така и само така може да се живее моментот. Многу ми се допаѓа старата народна „Да сме здрави и живи, па другото ќе си дојде“.
Што би ѝ кажала осумгодишната Сара, на оваа Сара сега? Kаков совет пак, би Ви дала 88 годишната Сара?
– Од 88 годишната ќе чекам совети, нема да делам. А на онаа Сара од 8 години би ѝ рекла да си го следи сонот бидејќи може и да ѝ се оствари.
Да имате една супермоќ, која би била таа? Зошто?
– Да имам супер моќ дефинитивно би била телепортација. Многу би сакала да можам да се најдам на друго место без да морам да го поминам патот возејќи се или летајќи. Многу сакам да патувам, но навистина ми се напорни сите тие чекања по аеродроми кои навистина имаат нехумани услови.
Замислете перспектива слична како онаа во која е главниот линк од „Enter the Void“ на Gaspar Noe – вашата душа прави „zoom out“ и ги набљудува случувањата, патува во времето… Кое би било најдрагоценото сеќавање? Која е (постои ли) клучната точка во вашиот живот, која влијаела да бидеш тоа што е Сара денес?
– Нема една клучна точка, се разбира. Има низа ситуации во кои најчесто сум го преземала ризикот. Секогаш го одбирав потешкиот пат за секоја одлука што требаше да ја донесам занемарувајќи ги последиците. Реагирам инстинктивно и интуитивно и до сега тоа добро ме водело.
ЧИТАМ, ГЛЕДАМ, СЛУШАМ – препораки од Сара Климоска
Која книга би ја препорачале на нашата публика и зошто?
– Дефинитивно би ја препорачала „Враќање во Реимс’’ од Дидие Ерибон. Таа книга е за еден геј маж што си ја бара својата позиција растргнат меѓу светот на „либералите“ и работничката класа.
Кој филм, серија, музика, поткаст… би го препорачале на публиката на „Лице в лице“? Зошто?
– Би го препорачала филмот „Close“ од Лукас Донт што ја зема главната награда на Канскиот фестивал. Серија би била „Years and years“. За музика, не можам да се одлучам бидејќи има премногу прекрасни артисти кои ми се актуелни на плеј листата во моментов. Ама еве ќе препорачам еден млад македонски одличен бенд „Луфтханза“. А поткастот на мојата колешка Тамара Ристовска заедно со „Јуроп хаус“ е нешто што не треба да се пропушта.
Со кого би сакале да читате вакво интервју во „Лице в лице“?
– Со Идриз од „Бла бла бла“.