Доза вести

Слушајте „Лице в лице“ на „Џез ФМ“

Време на читање: 2 минути

Фотографија: Бојан Ковски

Денес е Светскиот ден на радиото, а по тој повод, соопштуваме прекрасна вест за наша соработка со „Џез ФМ“.

Содржините на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ се дел и од програмата на „Џез ФМ“.  Во дневната емисија насловена „Дневна сесија“ тимот на „Џез ФМ“ споделува извадоци од содржините на „Лице в лице“.

– Фокусот на емисијата „Дневна сесија“, која се емитува секој работен ден од 15.30 часот на фреквенцијата 100,8 мегахерци, се младите, љубителите на музиката, уметноста и на културата воопшто.  Преку оваа дневна програма ги запознаваме слушателите со новата музика од светот, како и од регионот. Информираме за културните настани во Скопје, како и во цела Македонија и даваме поддршка на младите уметници и активисти – вели Стефана Марковиќ, главна и одговорна уредничка на „Џез ФМ“.

Оваа соработка доаѓа поради актуелноста на содржините што ги споделува „Лице в лице“, а кои се во насока на нудење решенија за повеќе теми што се однесуваат на човековите права и менталното здравје. Со ова, „Џез ФМ“ и „Лице в лице“ прават заеднички чекори кон подигнување на свеста за повеќе важни теми.

– Се радуваме што ја склучивме оваа соработка со „Лице в лице“, со кои заеднички ќе придонесеме кон подигнување на свеста за повеќе важни општествени теми. Сметаме дека темите од полето на човековите права и менталното здравје се важни за нашите слушатели и, комбинирано со убавата музика, овие информации придонесуваат кон благосостојбата и квалитетното живеење на секој човек. Воедно, ја поддржуваме и мисијата на „Лице в лице“ за интеграција и инклузија на нашите сограѓани што припаѓаат на ранлива категорија, како и напорите за одржлив развој и грижа за иднината – дополнува таа.

„Џез ФМ“ емитува програма на фреквенцијата 100,8 мегахерци, како и преку интернет на jazzfm.mk. Станува збор за најстарото и единствено македонско радио посветено на промоција на џез-музиката.  „Џез ФМ“ е посветено на создавање квалитетна музичка програма, едукација на младата публика и претставување нова музика од светот, како и од локалната и регионалната џез-сцена.  

Музика од домашни автори на Светскиот ден на радиото

Вечерва пак, во 21 часот, во кафе „Литература“ во „Дајмонд мол“ во скопје, „Џез ФМ“ ќе го одбележи светскиот ден на радиото, со концерт на составот „Skopje Jazz Inc“. Настанот ќе биде пренесуван во живо на фреквенцијата на радиото (100.8 мегахерци) и онлајн 
– Би ни било задоволство заедно да го одбележиме овој ден со промовирање на квалитетна музика од домашни автори – велат од радиото.

Читајте и други содржини:

Напишете коментар